Предлог законот за амнестија во собрание, опозицијата и власта најавија амандмани

t

Предлог законот за амнестија, предложен по скратена постапка од министерот за правда Кренар Лога, е на дневен ред денешната 129. седница на Собранието на Република Северна Македонија. Предложениот закон е 26-та точка на дневниот ред. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го блокира носењето на законот со доставување голем број амандмани, а амандмани најави и СДСМ со цел да изземат  од амнестирање осудените од предметот „Монструм“. 

Со овој закон, како што стои во образложението, се уредува ослободување од извршување на казна затвор (амнестија) лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои на денот на
влегувањето во сила на овој закон започнале или не започнале со издржување на казната затвор во
казнено-поправните установи во државава и лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на еверна Македонија и казната ја издржува воСеверна Македонија врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд и истата е признаена со пресуда на надлежен суд во Северна Македонија, согласно меѓународен договор ратификуван согласно Уставот на Република Северна Македонија.

-Осудените лица од член 1 од овој закон на кои им е изречена казна затвор до шест месеци,
потполно се ослободуваат од издржување на казната. Осудените лица од член 1 од овој закон на кои
им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 отсто од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Осудените лица од член 1 од овој закон на кои
со правосилна пресуда им е изречена единствена казна затвор, се ослободуваат од издржување на единствената казна затвор за 30 отсто во делот на претходно утврдените поединечни казни опфатени со амнестија. Доколку во единствената казна затвор е утврдена казна затвор за кривично дело кое
не подлежи на амнестија, осудениот од член 1 од овој закон се ослободува од издржување на казната за 30 отсто само во делот на претходно утврдените поединечни казни опфатени со амнестија, се посочува во Предлог-законот за амнестија.

Со него се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно да бидат амнестирани 996. Во моментот, 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 треба да влезат во затвор. За тие што чекаат ред за издржување на затворска казна, од Министерството наведуваат дека дополнително ќе се утврдува колку од нив ќе бидат опфатени со амнестијата.

Претходно, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за Предлог законот за амнестија истакна дека треба промена на законско решение или носењето посебен закон којшто ќе овозможи амнестија на лицата и треба да има некаква крајна цел. Стратешкиот пристап, како што потенцираше Спасовски, се состои во градење нови затворски капацитети и ставање во функција на алките за пробација за да може дел од лицата да ја издржуваат казната во своите домови. 

-Не е стратешки пристап и не е во интерес на безбедноста криминални лица да се наоѓаат надвор од казнено-поправните установи, на улица затоа што имавме еден таков случај на закон за амнестија кога за многу кратко време, за скоро три месеци, завршија повторно како повторници пред се, на кражби, тешки кражби, разбојништва, нарушувања на јавен ред и мир. Во тој правец сметам дека апсолутно нема да се постигне никаква цел, рече Спасовски.

Заменик министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ во понеделник потенцираше дека не мора со Законот за амнестија да се испразнат затворите, бидејќи, како што рече, постојат и други алтерантивни мерки.

-Многупати имам кажано дека постојат и други алтерантивни мерки, дека не мора со Законот за амнестија да се испразнат, тоа може да биде и условен отпус, пробација и тогаш мислам дека многу многу повеќе ќе се намалат затворите, бидејќи и анализите на Управата за извршување на санкции покажаа дека станува збор за многу помал број на затвореници кои би ги напуштиле затворите со овој Предлог закон, изјави Аврамовска.

Таа најави дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандмани за Предлог-законот за амнестија во однос на осудениците од „Монструм“.

-Не е добро тие осуденици да излезат. Затоа со нашата пратеничка група тогаш се разговараше дека може да се предложи амандман којшто ќе го спречат излегувањето, бидејќи станува збор за предмети кои се од јавен интерес, како што во јавноста се побуди за „Монструм“, а од страна на нашата пратеничка група нема да биде дозволено. Значи ќе се достави амандман како што и веќе претходно беше кажано, рече Аврамовска. 

И опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека со голем број амандмани ќе го блокира носењето на законот за амнестија, за кој партискиот портпарол Наум Стоилковски синоќа во телевизиско гостување рече дека е „ветување на власта за ослободување на некои лица пред изборите и е пишуван во партиските штабови во интерес и математики на власта“. 

-Законот за амнестија не е фактички она што сака Лога да го постигне и јасна е приказната. Како што Лога не застана зад Кривичниот законик па беше поднесен само од заменичката Мадиќ, така сега таа не застанува зад предлог законското решение за амнестија што го поднесе Лога. Тоа е една „какафонија“ што излегува од Министерството за правда. Ќе прашам каква врска има тоа со условите во затворите, дали во законот за амнестија има дел што опфаќа ресоцијализација, дали ќе има намалување на агресија, криминал и се што е дел од она што се луѓето во затвор, дали можеби Лога ќе им обезбеди работа и егзистенција за да не се вратат во затворот? Не, станува збор за апсолутно популистичка мерка она што им било наводно ветувано пред изборите во однос на ослободување во извесни случаи и да можат сега да го реализираат на овој начин, посочи Стоилковски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Новиот состав на Собранието треба да се…

Мандатот на новиот собраниски состав што беше…

Ковачевски: СДСМ мора да биде силна во…

На вечерашниот митинг во Кочани, претседателот на…

Јакимовски: Децидно сум против бирање на претседател…

Претседателот на државата, неговата сила и функција…

Ана Брнабиќ избрана за претседател на Народното…

По тридневна расправа за избор на претседател…

СДСМ: Претседател се бира на непосредни избори,…

Остануваме на ставот претседателот на државата да…