Преспанскиот договор го потврдува македонскиот идентитет, рече претседателката
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, две години по преземањето на функцијата, во ексклузивно интервју за Македонското радио оцени дека нејзиниот мандат придонел за поголема меѓународна видливост на државата, зајакнување на интегритетот на институцијата и поблиска комуникација со граѓаните.
Таа истакна дека во изминатиот период се придвижиле повеќе процеси, нагласувајќи дека нејзината активност на меѓународната сцена е резултат и на долгогодишното искуство во европските институции, кое датира од 1996 година.
Како дел од постигнатото, Силјановска-Давкова ги посочи зацврстувањето на претседателската институција преку телата во нејзина надлежност, повторното отворање на Народната канцеларија на 14 мај, соработката со Младинскиот совет и конференцијата „Македонија 2025“.
Во интервјуто најмногу внимание посвети на евроинтеграциите и спорот со Бугарија. Таа ги отфрли критиките дека „им држи лекции“ на европските претставници, потенцирајќи дека само укажува на двојните стандарди и на потребата од почитување на Копенхашките критериуми и европските вредности.
-Водена од националниот интерес, но и од правото и правдата, само укажувам на неодржливоста на односот кон нас – изјави претседателката.
Силјановска-Давкова се повика на Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаментални права и практиката на Европскиот суд за човекови права, нагласувајќи дека Европската Унија мора да го почитува националниот и културниот идентитет на народите.
Според неа, прашањата за македонскиот јазик, историја и култура се затворени, а барањата за уставни измени кои не произлегуваат од европското acquis се несоодветни.
Таа повтори и дека Преспанскиот договор, иако според неа бил спротивен на меѓународното и домашното право, денес е реалност. Сепак, нагласи дека договорот го потврдува постоењето на македонскиот народ, јазик и култура.
Претседателката изрази задоволство што дел од европските претставници, меѓу кои и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја препознаваат потребата од гаранции за Македонија во евроинтегративниот процес.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Хрватска ќе тргне наплатните рампи, од март…
Од почетокот на март 2027 година, Хрватска…
Марин Ле Пен во комотно водство пред…
Кандидатката на крајнодесничарското Национално собирање (RN), Марин…
Албанија: Потонат брод од Втората светска војна…
Италијанскиот болнички брод „Po“ од Втората светска…
Осма жртва од западнонилска треска, почина заболен…
Западнонилската треска ја зеде осмата жртва. Почина…
Криза со горивото на Крим: Бензин се…
Поради недоволните залихи на гориво, продажбата на…