Претставен новиот Клуб за бугарско-македонско пријателство

t

Со видео конференција на платформата ЗУМ денеска беа претставени новиот Клуб за бугарско-македонско пријателство, како и Повелбата за негово формирање.

Иницијаторите за формирање на Клубот од македонска и бугарска страна посочија дека тој е формиран врз основа на меѓусебно почитување со желба за искрен дијалог и оти тие пред се се воделе од европските принципи и заедничката европска иднина.

– Би сакал да го изразам своето задоволство што сум дел од оваа платформа за добра волја, оваа мрежа што ја создаваме со нашите пријатели од Бугарија врз основа на меѓусебно почитување со желба за искрен дијалог, подготвени да помогнеме во зближувањето на двете општества, истакна поранешниот премиер Владо Бучковски во своето обраќање.

Бучковски посочи дека повеќе од очигледно е во вакви критични моменти, кога политичката волја не е доволна, да се стигне до компромисно решение и до отстранување на блокадата.

Според него, блокадата од ноември 2020 година направи сериозни штети во веќе кревките односи што се градеа врз основа на Договорот за пријателство и соработка од 2017 година.

– Врз основа на тој договор, со дополнителни напори од двете општества да изградиме еден амбиент за пред сè меѓусебна поддршка и разбирање и да бараме со наша поддршка двете влади да дојдат до одржливо решение при што ниту едната, ниту другата страна нема да се чувствуваат понижени, додаде тој.

Во одговор на новинарско прашање, Бучковски нагласи дека не постои причина за недоверба кон бугарските колеги кои сакаат врз основа на принципот на меѓусебно почитување да водат искрен дијалог за сите отворени прашања и со ангажман од наша страна да се помогне на двата народи во двете држави.

– Така што, треба да се даде шанса на еден поинаков начин на граѓански активизам и на тој начин да се создаде една поинаква атмосфера во двете општества, бидејќи очигледно е дека во последните неколку месеци сведоци сме на предоминантен говор на омразата во медиумите така што искрени се намерите. Мислам дека во настаните што следат, амбициозна е програмата на оваа платформа за пријателство и соработка на двете општества, вели Бучковски.

Проф. д-р Катерина Колозова во своето обраќање истакна дека долго време работеле на проектот и преку научно фундирани препораки се труделе да најдат конкретни предлози и решенија за излез од состојбата.

– Мислиме дека беше слушнато, но не допре вистински. И двете страни се држат до наративите доминантни во нивните општества. Ако веќе состојбата меѓу двете општества е поларизирана благодарение на ветото, но и нашата реакција на ветото, што е далеку од самокритична или проактивна бидејќи сме посветени на ЕУ интеграциите, ние заклучивме дека барем општествата не смеат да дозволат оваа поларизација да се продлабочи, туку напротив да креираат процес на заемно разбирање, вели Колозова.

Бугарскиот професор Стефан Дечев, историчар и предавач на Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“ рече дека овој заеднички клуб предлага враќање кон Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година, кој, според него, и покрај сите критики е добра основа за развој на заемните односи.

Дечев истакна дека овој Клуб го формирале водени од европските принципи и заедничката европска иднина и оти од двете страни се наоѓаат луѓе во кои може да се има доверба.

– На прво место тргнавме од позицијата тоа што има два документа и во бугарскиот и во македонскиот Парламент кои исцртуваат црвени линии. Тие документи се чиста идеологија и со таа идеологија ние нема да стигнеме до никаде во следните години. Со тоа единствено се оптоваруваат нашите односи и не одговараат на постигнувањата на социјалните и хуманитарните науки, туку ја претставуваат бугарската и македонската романтичарска идеологија, рече Дечев.

Втората причина за основање на овој Клуб, според него, е состојбата во медиумите и во Бугарија и во Северна Македонија. Според него, кај нив преовладуваат националистички наративи кои, вели, „го трујат и бугарското и македонското јавно мислење во последните две години“.

Проф. Александар Ќосев од софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ коментираше дека бугарската политика во Северна Македонија довела до создавање бугарофобија, додека пак проф. Драган Зајковски, смета дека треба да се градат добрососедски односи кои се клучни за иднината на односите меѓу Софија и Скопје и не треба да се губи време во расправии со националистите од двете страни.

Меѓу основачите на Клубот од македонска страна се филозофката Катерина Колозова, политикологот Љупчо Петковски, новинарите Марјан Николовски и Столе Наумов, историчарот Драган Заjковски, поранешните македонски премиери Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски.

Меѓу основачите на Клубот од бугарска страна се писателите Алек Попов и Чавдар Ценов, универзитетските професори Александар Ќосев, Ивајло Дичев и Маја Грекова, новинарите Бојко Станкушев, Иво Беров и Димитар Кенаров, експертот за одбрана Велизар Шаламанов, економистите Красен Станчев и Евгени Канев, тенисерката Мануела Малеева, режисерот Јавор Грдев и советникот на поранешниот бугарски претседател Жељу Желев за етнички прашања, Михаил Иванов.

Меѓу основачите се и три организации на македонските Бугари – Бугарскиот културен клуб Скопје (БККС), Културно-просветното друштво „Вардар“ и Здружението на граѓани за промоција, издавање, иницијативи и меѓународна соработка „ДЕЛО“ од Скопје.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Документи+Видео) Ова се доказите за соработката помеѓу…

Maкедонската јавнос е во шок по деталите…

Добри вести од соседството, пронајдена e Сара!…

Пронајдена е Сара П.(17) од Борча која…

Koнечно искрен политичар: Не верувајте на сѐ…

Не верувајте во сѐ што ви кажуваме.…

Не за џабе ја нарекуваат Белата Палата:…

Истакнат член на партијата и близок човек…

(Видео) ПЕРО АНТИЌ „МУ ГО ЧУВА ГРБОТ“…

Поранешниот прославен македонски кошаркар и актуелен претседател…