Привременото одложување на БСЖ вакцината е мерка на претпазливост, а не доказ дека вакцината е небезбедна, објаснува епидемиологот Даниловски

t

Привременото одложување на БСЖ-вакцинацијата во Македонија е мерка на претпазливост по информациите од Хрватска за четири сомнителни случаи на ретко воспаление на коските кај деца, објаснува професорот по епидемиологија и биостатистика Драган Даниловски.

Според него, во Хрватска во текот на 2026 година биле пријавени четири случаи на БСЖ-остеитис или остеомиелитис кај деца вакцинирани во 2024 и почетокот на 2025 година. Иако станува збор за позната, но исклучително ретка несакана реакција на БСЖ-вакцината, загриженоста произлегла од тоа што во претходните десетина години во Хрватска не бил регистриран ниту еден таков случај.

Даниловски посочува дека појавата на четири сомневања во релативно краток период претставува таканаречен безбедносен сигнал. Тој, како што објаснува, не значи дека е докажана причинско-последична врска, туку дека е потребна детална анализа и проверка.

Пријавените случаи во Хрватска се поврзани со две серии на вакцината, 807-1 и 683-1. Како мерка на претпазливост, хрватскиот регулатор привремено ја запрел примената на сите серии од производителот, додека трае вонредната контрола.

Во Македонија, пак, Комисијата за имунизација ја одложила БСЖ-вакцинацијата откако била контактирана Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД, со цел да се добијат информации за сериите што се користат кај нас, нивниот квалитет и евентуалната поврзаност со пријавените реакции.

Даниловски нагласува дека според досега објавените информации, во Македонија нема регистриран безбедносен сигнал сличен на оној што се испитува во Хрватска. Во последните десет години до МАЛМЕД била доставена една пријава за сомнеж за несакана реакција по БСЖ-вакцинација, во август 2022 година, која се однесувала на апсцес на местото на апликација – реакција позната и наведена во упатството за вакцината.

Според професорот, привременото одложување не значи дека самата БСЖ-вакцина е прогласена за небезбедна. Станува збор за постапување во услови на неизвесност, со цел да се соберат дополнителни податоци и да се процени безбедносниот сигнал пред да се донесе следната одлука.

БСЖ-вакцината има значајна улога во заштитата на најмалите од тешките форми на туберкулоза, вклучително и милијарната туберкулоза и туберкулозниот менингитис. Даниловски потсетува дека туберкулозата и понатаму е присутна во Македонија. Според податоците објавени од Министерството за здравство, во Институтот за ТБЦ има 95 пациенти со туберкулоза, од кои 83 се регистрирани годинава. Во Детската болница „Козле“ во 2025 година биле евидентирани 15 случаи, а во 2026 година 12 нови случаи.

— реклама —

Во однос на децата кои веќе ја примиле БСЖ-вакцината, Даниловски посочува дека, според информациите од хрватските здравствени власти, кај здрави деца без симптоми нема потреба од превентивни снимања, лабораториски анализи или други дијагностички испитувања.

Родителите треба да побараат лекарски преглед доколку забележат подолготраен или постепен оток во пределот на коска или зглоб, болка и осетливост, ограничено движење, куцање или одбивање на детето да се потпре на раката или ногата. При прегледот важно е да се посочи дека детето примило БСЖ-вакцина.

Даниловски посочува дека евентуалната реакција може да се појави неколку месеци, па и неколку години по вакцинацијата, најчесто околу првата година. Затоа, според него, еднократно превентивно снимање на здраво дете не може да ја предвиди, ниту сигурно да ја исклучи евентуалната појава.

Според професорот, следниот важен чекор е транспарентно информирање на јавноста за резултатите од проверката – дали сериите што се користат во Македонија се поврзани со оние за кои се пријавени сомневањата во Хрватска и каква одлука ќе биде донесена врз основа на добиените податоци.

Даниловски оценува дека токму внимателното следење на несаканите реакции, проверката на безбедносните сигнали и навременото информирање на јавноста се основа за доверба во системот на вакцинација.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Привременото одложување на БСЖ вакцината е мерка…

Привременото одложување на БСЖ-вакцинацијата во Македонија е…

ДВЕ РАБОТИ СЕ НАЈВАЖНИ ЗА МАКЕДОНИЈА! „Подготовка…

Подготовка за поширока Европска Унија – ова…

Виш јавен обвинител осомничен за примање награда…

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран…

Извршниот директор на „Сауди Арамко“: Глобалните залихи…

Глобалните залихи на нафта се застрашувачки ниски…

По 11 години Охрид ќе добие затворен…

Владата на редовна седница ја усвои точката…