Професорот Калајџиев: Ефект не се постигнува со драконски казни како од 19 век, туку со редовни казни – Правото да не се гледа низ призма на дневна политика!

t

Подобро е да се осигура дека злоупотребите на службената должност ќе бидат почесто казнувани, отколку како сега, да биде казнет еден од сто функционери со драконска затворска казна, вели професорот по кривично право Гордан Калајџиев во интервју за Слободен печат во врска со предложените измени на Кривичниот законик.

Според Кајалџиев, членот се толкува на начин дека ако настане штета, тоа е корупција, а корупцијата е дејство за придобивање лична корист и дополнително, со прогласување на настаната штета без да се утврди надомесок за таа штета се промашува суштината на ова кривично дело.

– Ние одиме нагоре со казните, воведуваме повисоки затворски казни, а ефикасноста на казнената политика не ја постигнува целта и работи под притисок на јавноста. Не се постигнува ефект со строги и долги затворски казни, туку со редовни казни, со осигураност дека до казната ќе дојде. Треба да е извесно дека ќе бидат фатени и казнети, како што е извесно дека пајакот ќе ви го собере неправилно паркираниот автомобил. Значи, за лукратвни, коруптивни дела против службената должност поважно е да има олеснет пристап до конфискација на имотот отколку висока затворска казна. Стравот од строга казна не го дава посакуваниот ефект, затоа што ако се казнува еден од 100 функционери, другите пак ќе ризикуваат во вакви околности, си велат зошто да не, голема е можноста да профитираат, а мала да ги казнат. Многу е подобро да имаме почесто казнување и олеснет пристап до проширена конфискација на имот – вели професорот Калајџиев за „Слободен печат“.

Тој вели дека со овие измени на Кривичниот законик се олеснува проширената конфискација на имот, што е добро. Според професорот сега тешко се докажува дека конкретен имот е стекнат од кривично дело, а со измените се олеснува товарот на докажувањето.

– Не знам зошто не го забрзаат носењето на законот за граѓанска конфискација на имотот, веројатно затоа што политичарите не го сакаат, се плашат од такво решение. Тоа е дел од либералното право, многу проблематично и критикувано на Запад, ама сè повеќе земји го користат. Тоа е можност за одземање на сомнително стекнат имот, без да се утврди кривично дело – вели Калајџиев.

Тој додава дека е застапник за нова казнена политика и за зголемување на улогата на повисоките судови и повисоките обвинителства, кои треба да да настапуваат поагресивно со финансикси истраги и конфискации.

– Со затворски казни како од 19. век, со долги затвори, не се решава ништо, напротив, само се зголемуваат проблемите, оти нашите затвори се со катастрофално лоши услови. Јас сум за целосна промена, казнената политика за сите дела од Кривичниот законик да се намали за една третина. Сега во праксата во анонимни случаи судовите многу ја користат условната казна што не е лошо, ама во јавно експонирани случаи судат под притисок на јавноста. Сето тоа е разбирливо, јавноста реагира на долгогодишната неказнивост на функционерите за разни злоупотреби, но не е поената сиот бес да се истури на првиот следен случај со злоупотреба, како што е сега примерот со случајот Онкологија. Никого не бранам, но и актерите во овој случај се жртви на нефункционалниот систем кој ги оставил во комоција да ги сторат делата за кои се под истрага – Калајџиев.

Тој додава дека работите многу се гледаат од аспект на дневна политика, а не суштински, и повторно потенцира дека суштината освен казнувањето е и „украдените пари да се вратат, бројчаникот да врти“.

– Конфискацијата мора да заживее. Коруптивниот елемнт се трга и од делото несовесно работење, но тоа не значи дека се прави декриминализација на делото, туку дека и за помали и за поголеми пропусти ќе може почесто да се казнува – вели тој.

За европското знаменце со кои се турка во итна постапка оваа законска измена во Собранието, Калајџиев вели дека тоа се влече од другите одредби што се менуваат, а кои се за усогласување со ЕУ-директивите и се однесуваат на еколопки криминал, екоцид и други дела што се опфатени во законските измени.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОД 250 ДО 10.000 ЕВРА: Берлин ги…

Берлин воведува построги казни за нелегално депонирање.…

Битиќи: Предметите не застаруваат заради измените на…

Вицепремиерот Фатмир Битиќи во гостување во Само…

Професорот Калајџиев: Ефект не се постигнува со…

Подобро е да се осигура дека злоупотребите…

(Видео) Бугарите собираа пари за да ги…

МВР вчера уапси 19 бугарски навивачи пред…

Изречени казни од 750.000 денари за маркетите…

Државниот пазарен инспекторат во периодот од 20…