Пулс е пресвртна точка во македонската историја: Општеството ни е буниште, немаме многу време!
*Објава на Фејсбук на Мартин Каровски:
Колку и да ви изгледа дека е ,,уште една трагедија”, Пулс е пресвртна точка во македонската историја. Но, што ќе донесе оваа пресвртна точка за иднината сеуште не е детерминирано, иако е многу предвидливо.
Од оваа точка Македонија или ќе донесе правда за жртвите, нивно чување од заборав и ќе изгради стандарди или во лер ќе продолжи во амбис.
Моето субјективно чувство е дека ова тажно општество ќе го избере вториот пат, како секогаш досега овие 33 години.
Зошто мислам така?
Прво, затоа што реакцијата на јавноста на оваа несреќа е длабоко анестезирана. Во светот имало повознемирена јавност од сечење дрворед, отколку што македонската јавност реагира на кулминацијата на корупцијата и стегата бизнис – политика платена со крв.
Понатаму, коментарите ,,оставете ги децата да почиваат во мир”, ,,џабе протестирате, ништо нема да промените”, ,,родителите сами сте криви што децата ви излегувале во таква дискотека” и слично се коментари на типичниот, многу тврдоглав, пост социјалистички Македонец, кој прво ги гради ставовите, а потоа бара докази за нив.
Некои веруваат во тоа, а за некои во позадина е интересот за статус кво состојбата, во која се зема сигурната плата како вработен во општина додека се шлае по кафичи во работно време, каде никој нема да го дира оти вози такси без лиценца, ќе догради соба дивоградба и ќе чека Закон за легализација и тн.
Сериозна бројка тука ужива во благодетите на ваквиот поредок и се спремни да го бранат и по цена на неправда врз своите сограѓани.
Втората причина е однесувањето на институциите. Олицетворение за нив беа густо паркираните запленети коли без таблици пред кочанската полициска станица, кои физички ги попречуваа родителите во саботите да пријдат пред зградата на станицата.
Која е неопходноста овие возила да стојат баш таму пред станицата?
Полицајци со видео камери ги снимаа родителите пред неколку недели што резултираше со излив на една од мајките, која пукна пред станицата плачејќи на глас, но наместо да се повлече, полицаец од тераса на станицата не престана да ја снима.
Махатма Ганди велеше дека цивилизациското ниво на една нација можете да го видите во нејзиниот однос кон животните. А поединци во Македонија вака се однесуваат со луѓе.
За директорот на кочанското училиште ,,Никола Карев”, потенцијален кандидат за градоначалник, пукна скандал дека одбива да исплати загинато момче во Пулс за завршена работа. Се виткаше таму по изјави како ќе плати, ако треба ќе покрие, ќе донира, само да се затвори темата. Нити плати нешто, нити донираше нешто, нити го допре скандалот.
Каде е емпатијата? Каде е грижата за погодените? Не за парите, за нивната чест и чувство за морална правда!
По тој скандал изби друг скандал за наводни милионски финансиски злоупотреби. Погодете што – директорот е сеуште директор.
Исто како што еден бивши градоначалник од спротивниот табор во живо на поткаст го ,,фатија” дека не си ги плаќа приватните ангажмани на мајстори. Кафански финтаџии ни водат институции!
Драги партии, колку и да имате луѓе со искрени намери, НЕМА просперитет ако паралелно има функционери клептомани и опортунисти, кои остануваат по секоја цена на позициите! Тие таквите работат повеќе против вас отколку опонентите!
Следната причина се најверојатните финансиски злоупотреби со донациите за загинатите и повредените. Со исклучок на Супорт Кочани, кој максимално транспарентно ги објавува донациите, дава 100% од себе да помогне и е светлата точка на надеж за оваа земја, со останатите донации од останати разни организации, фондации, онлајн кампањи владее апсолутен хаос. Разни организации се појавуваат по медиуми со тврдења дека донирале суми, за кои родителите велат дека не ги добиваат.
И да не ширам многу, оти листата на ужасни околности нема крај, тука е и лошата прва реакција на институциите како пожарна и болница заради континуираното нивно децениско уништување, сериозно задоцнетата реакција на здравствените власти за третманот на повредените по враќањето од странство, тоа што се набавуваат лекови и помагала преку донации на здружение, а ФЗОМ кој сите го плаќаме чека на тоа здружение, тоа што некои медиуми демонстрациите на 2 илјади луѓе во Кочани на 17 март ги ставија во 50тата минута од вестите, што на обвинителството му требаа три месеци и 10 прес конференции да сфати дека треба да се опфатат истите луѓе посочени со име и презиме на конференциите, додека брка пензионери, а не актуелни на истите позиции, па судството кое за прегазувањето на Теодора во Тетово пресуди 2 години, оти ,,обвинението било за такво дело”,…
Тука е и незаконското блокирање на надзорната расправа во Собранието, што е индикатор дека сепак има солидна причина во врска со Кочани да не се биде транспарентен…
Македонија е пациент со многу тешко заболување. Ова општество е длабоко поделено меѓу два света, но жалното е тоа што голем дел од рационалниот човек гледа да фати усвета од тука. Така, во најголема мера паразитската маса останува константна, а нормалната се цепка до бесконечност.
Разбудете се и свртете се наоколу.
Општеството ни е буниште.
Немаме уште многу џокери, ни време.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Пулс е пресвртна точка во македонската историја:…
*Објава на Фејсбук на Мартин Каровски: Колку…
Родителите на починатите деца од Кочани испратиле…
Пратеникот и лидер на Левица, Димитар АПСИЕВ,…
„Support Kocani“ донираше медицинска опрема и супламенти…
Иницијативата „Супорт Кочани“ донираше медицинска опрема и…
Акиов јавно ѝ се извини на вработената…
Аки Акиов – советникот во Советот на…
Филипче од Кочани: Власта има 1.8 милиони…
Последиците врз граѓаните од страшаната трагедија во…