Радомир Саичиќ се споменува како можен кандидат на Студентската листа за претседател на Србија

t

Претседателските избори во Србија, според законските рокови, треба да се одржат најдоцна до 27 декември, а академикот Радомир Саичиќ сè почесто се споменува како можен кандидат на Студентската листа за оваа функција. Со своите настапи за време и по предвремените парламентарни избори, тој се издвои како едно од најпрепознатливите лица на ова движење, а некои аналитичари го посочуваат како потенцијален кандидат за претседател на Србија.

За време на изборната кампања, но и по изборната победа, Саичиќ не се воздржуваше да ги истакнува своите ставови, кои го позиционираат во националното крило на Студентската листа. Истовремено, тој нагласуваше дека сите кандидати, без оглед на идеолошките разлики, ги обединува „борбата за вистина и правда“.

Неговите јавни настапи во име на Студентската листа придонесоа тој да стане едно од нејзините најпрепознатливи лица, поради што во јавноста сè почесто се зборува за можноста токму тој да биде кандидат на ова движење на претстојните претседателски избори.

Дополнително внимание привлече и фактот што Саичиќ прв ѝ се обрати на јавноста во име на Студентската листа по изборната победа, што може да се толкува и како можна порака во пресрет на претседателската трка.

Во изминатите денови, Саичиќ во повеќе интервјуа зборуваше за целите на Студентската листа и плановите за формирање нова Влада на Србија. Како што истакна, веќе се размислува за составот на идната влада.

– На формирањето на новата влада ќе му претходат потврдување на изборната волја и конститутивната седница на Собранието, по што, во законскиот рок, ќе биде формирана новата влада. Нашата цел е целиот процес да не трае предолго и да не се одолговлекува до крајните законски рокови, но на оваа задача ѝ пристапуваме одговорно и без избрзување. Навистина, меѓу 250 кандидати и поголем број надворешни соработници за различни области, нема да биде тешко да се изберат стручни луѓе кои најдобро ќе ја водат земјата. Целата Студентска листа има заеднички цели, за кои веќе беше зборувано – владеење на правото, борба против корупцијата, ослободување на медиумите, економски развој и многу други прашања, така што тука не се очекуваат несогласувања – изјави Саичиќ.

Кој е Радомир Саичиќ?

Радомир Саичиќ е роден во 1961 година во Белград. Дипломирал хемија во 1983 година на Природно-математичкиот факултет во Белград, каде што магистрирал во 1987 година. Докторската титула ја стекнал во 1991 година на Хемискиот факултет при Универзитетот во Белград.

Во текот на 1995 и 1996 година посетувал постдокторски студии на Институтот за хемија на природни производи при Националниот центар за научни истражувања во Жиф-сир-Ивет, Франција.

Академската кариера ја започнал во 1984 година како асистент-приправник на Природно-математичкиот факултет, каде што работел до 1988 година. Од 1989 до 1993 година бил асистент, а потоа, од 1992 до 1997 година, работел како доцент на Хемискиот факултет.

Во периодот од 1997 до 2002 година бил вонреден професор, а во 2002 година станал редовен професор на Хемискиот факултет при Универзитетот во Белград.

Од 1999 до 2003 година бил раководител на Катедрата за органска хемија, функција што повторно ја презел на 1 октомври 2023 година.

На 10 декември 2020 година станал член на Комисијата за изработка на стратегијата за научен развој на Хемискиот факултет, додека на 12 јули 2021 година бил именуван за претседател на Етичката комисија.

Во 2005 година бил гостин-истражувач на Институтот за хемија на природни производи при Националниот центар за научни истражувања во Жиф-сир-Ивет, Франција.

Од ноември 2012 до ноември 2018 година бил дописен член на Српската академија на науките и уметностите (САНУ), во Одделението за хемиски и биолошки науки. Од ноември 2018 година е нејзин редовен член.

Член е на Српското хемиско друштво од 1984 година, во рамките на секциите за органска и медицинска хемија.

Во јуни 2025 година ја потпиша петицијата на САНУ со која се бараше оставка од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, „поради уривањето на демократските, институционалните и општествените темели на нашата земја“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ