Објавено на:

Разбуди се Македонијо, Унијата те прави бугарски протекторат!

t

РАЗБУДИ СЕ МАКЕДОНИЈО,

 УНИЈАТА ТЕ ПРАВИ БУГАРСКИ ПРОТЕКТОРАТ

Кога малку подлабоко ќе се анализираат трите “француски“ документи, веднаш станува јасно дека НИ СЕ ПРЕДЛАГААТ ПРОЦЕДУРИ ЗА ЦЕЛОСНА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ДОГОВОРОТ ЗА (НЕ)ПРИЈАТЕЛСТВО СО БУГАРИЈА, И ТОА СПОРЕД ТОЛКУВАЊАТА И ЗАМИСЛИТЕ НА СОФИЈА. Да не се залажуваме: се работи за француско – македонски предлог ама во бугарска режија, бидејќи е целосно договорен со Петков и Генчовска, Ковачевски и Османи.

Главната цел е Македонија да се претвори во бугарски протекторат со сите последици коишто нормално ќе следат. Дали нешто од тоа разбираат нашиве аматери, и не е важно, иако Софија веќе кажа кои и’ се намерите и за тоа нема дилеми. Во декларацијата на нивното Собрание и, попрецизно, во “објаснувачкиот меморандум“, доставен до ЕУ, до сите нејзини членки и сите други важни држави, јасно кажаа – до 1944 година нема ниту Македонци, ниту македонски јазик. До тогаш, да сме ти биле “Бугари“, без да знаеме! А, како такви, до таа година, не сме можеле ниту теоретски да имаме сопствена историја или било што друго македонско. И сега, преку Брисел, Вашингтон бара да се вратиме во стадото, за да се остварат бугарските аспирации. Така, ќе се реализираат  балкански интереси и планови на САД. Тоа е приказната.

Еден од главните докази дека е така е “формулата“ за македонскиот јазик, договорена од Бујар Османи, којшто е  особено горд на тоа. Тој има и право – ем ги реализира сопствените национални интереси, ем сите Македонци не’ прави недоветни. Не треба да се потценува улогата на тие околу и над него. Кога ќе договорите такви текстови на изјавите на двете земји за македонскиот јазик (Османи), само идиот не може да разбере дека ние се согласуваме со бугарските имбецилности. Бугарската изјава гласи – до 1944 година, немало македонски јазик, и тој е дијалект на бугарскиот. За да нема дилеми дека ја потврдуваме бугарската бесрамност, ние сме изјавиле – македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година! Наша подиректна потврда на бугарските ментални девијации – не може да се замисли. Демек, до 1944 – јазикот бил бугарски, од 1945 – македонски!

Нашите политички злосторници, пак, коишто бескрупулозно ги уништуваат македонскиот народ и држава, можеа и се’ уште можат се’ да променат со еден единствен потег, којшто никој не може(ше) да го оспори. Ниту во ЕУ, ниту во светот. Во моментот кога Радев го покрена прашањето на Бугарите кај нас, веднаш требаше да се бара реципроцитет и за Македонците кај нив. Никој не можеше тоа да го оспори. Сите ќе беа – матирани. Се’ работи за универзално човеково право коешто Софија средновековно го игнорира. Ако ние го отворевме прашањето, а моравме, Бугарија ќе беше фрлена на колена. Нокаутирана. Арно ама, Осамни ја бранеше Софија дека немала услови за такво нешто! Замислете каква глупост! Во чие име тој ги бранеше бугарските интереси, а не македонските? И, никому ништо. Утредента мораше да биде разрешен.

ВПРОЧЕМ, НЕ Е ДОЦНА И СЕГА ДА СЕ ОТВОРИ ПРАШАЊЕТО ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО БУГАРИЈА! ТОА МОЖЕ И МОРА ДА ГО БАРА НАШЕТО СОБРАНИЕ, КОГА ЌЕ ГО РАЗГЛЕДУВА ПРЕДЛОГОТ. ЗА НЕГОВО ПРИФАЌАЊЕ, ПРАТЕНИЦИТЕ МОРААТ ДА ИНСИСТИРААТ НА РЕЦИПРОЧЕН ТРЕТМАН НА МАЛЦИНСТВАТА! ТАКА БИ ПОСТАПИЛО СЕКОЕ СОБРАНИЕ КОЕ Е ДОСТОЈНО НА УЛОГАТА КОЈА ЈА ИМА.

Брисел, и сите други, не можат да игнорираат дека, ако сме веќе ние подготвени во Уставот да внесеме 3.504 Бугари, мора и Софија истото да го стори со Македонците. Не може да се игнорира фактот дека се тие најмалку десетици илјади, и тоа без никакви национални права. Реципроцитетот е минимумот кој може и мора да се бара. Ако без тоа се прифати предлогот, промената на Уставот ќе ни го блокира патот за Брисел. Неизбежно ќе следат внатрешно – политички, меѓу етнички и безбедносни последици.

Ако го отвориме прашањето на Македонците во Бугарија, целиот проблем ќе добие нова димензија, овој пат во наша корист. Никој нема да може тоа да го оспори. Бугарското одбивање на реципроцитетот, пак, ќе ја исфрли Софија на европскиот ѕид на срамот. Тие ќе станат проблем на ЕУ.

Преку оваа “француска“ преговарачка рамка, Македонија нема никогаш да влезе во Унијата. Овој заклучок е врз фактот дека нашиот напредок кон Брисел ќе зависи главно од работата на Комисијата за историски и образовни прашања. Или, поточно, од задоволството на бугарската страна од резултатите на истата. Тоа значи дека историјата ќе биде нашата главна пречка во преговорите за членство, кога и да започнат. Нека ни е со среќа. Комисијата ќе биде под огромен притисок дефинитивно да ги разнебити Македонците. Софија во никој случај нема да отстапи од своите безумности за нашата “бугарштина“ до 1944 година. Сега, со отворена помош на Брисел и Вашингтон, бидејќи сето тоа е дел од преговарачката рамка. Со “францускиот“ предлог, нашите обврски кон Бугарија, станаа кон Унијата. Полошо, здравје.

Замислете во каков апсурд е доведена Македонија? Во “францускиот“ предлог е вклучен протоколот (или записникот) од втората македонско – бугарска меѓу владина средба, која е обврска според договорот за (не)пријателство. Тоа е само по себе бесмислено и неприфатливо бидејќи потврдува дека договорот е клучен дел од преговарачката рамка, ама поентата е во нешто друго. Бугарската министерка изјави дека протоколот е договорен меѓу двата министри а во Бугарија е објавен дури и текстот од истиот. Таа изрази и надеж дека ние ќе се придржуваме до џентлменски договореното! Денес (7/7/22), во вестите на Канал 5, Османи кажа дека таква средба се’ уште не е одржана и нема таков протокол! Сепак, призна дека заклучоците биле договарани! Неверојатно! Нешто што не се случило веќе е дел од “францускиот“ предлог. Ај што Софија нема никакви обѕири, ама Париз? Впрочем, таму и не ги знаат деталите а ова се договара меѓу нас и Бугарите и тие не навлегуваат во деталите.

Ако некому, по сите Сцили и Харибди, на кои “налета“ Македонија на патот на својата независност, од 1990-тите до денес, се’ уште не му е јасно дека траумите коишто ги доживуваме не се случајни – нема простор за дискусија. Во таков случај, во прашање може да биде само неизлечиво политичко слепило. Секому веќе мора да му биде јасно дека во прашање е прецизно американско сценарио, коешто беспрекорно води во затворање на вековното “Македонско прашање“. Само најкусо ќе потсетиме низ што се’ минувавме: долго непризнавање на државата, меѓународна суспензија на името (1993), привремена срамна спогодба со Грција (1995), НАТО инвазија од Косово и понижувачки ОРД (2001), театрално американско привремено и делумно признавање на името, заради трајна албанизација на делови од земјата (2004), затскриена американска блокада за НАТО, во Букурешт (2008)… се’ до злосторничките договори со Бугарија (2017) и Грција (2018), и се’ до “Тиранската платформа“, напишана во Вашингтон, која ни го донесе законот за албанскиот јазик, со кој практично се федерализира земјата (2018)… Сите тие настани беа нелегални, непринципиелни, надвор од процедурите и правилата, ни беа наметнати со притисок, блокади, уцени, војна… Улогата на Брисел, Атина, Софија и Тирана во тие наши голготи беше само симболична и периферна. Тие беа само алатки на Вашингтон. Најновиот исчекор е “францускиот“ предлог. Повторно под неспорен диктат на Вашингтон, Брисел сега отворено Македонија ја претвора во бугарски протекторат. Замислата е тоа постепено да води во бугаризирање на Македонците. Тоа е реалноста, признале ние или не. Поделбата на Македонија на албански и бугарски дел, нема да биде физичка, бидејќи тоа ќе значи нова балканска војна. Таа ќе биде само функционална.

Ако се согледаат заедно сите наши досегашни гоплготи, коишто следат една по друга и се надополнуваат, налудничаво е да се мисли дека сме жртва на случајности и на нечии политички каприци. Напротив. Мозаикот кој штотуку го составивме има уште многу помали камчиња ама и овие кажуваат се’. Македонците, очигледно, не се прифатливи за главниот светски фактор, ама нивното уништување не е возможно во кусо време. Затоа нашите голготи траат толку долго. Дали ќе успеат, зависи главно од нас. Сегашните масовни протести покажуваат дека народот се разбуди и нема да дозволи сопствено разнебитување. Дај Боже да е така.

Сите на протести, до конечна победа!

                                                                              Ристо Никовски

Јули, 2022

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Kурти смета дека местото на Косово е…

Косовскиот премиер Албин Курти денеска во Берлин…

Западен Балкан е сѐ поблиску до ЕУ,…

На 1 мај 2004 година мојот претходник…

Битиќи: Со Планот за раст на ЕУ…

„Политичката понуда веќе е јасна, само коалицијата…

ЕУ не успева да ги оданочува супербогатите:…

Владите на Европската Унија годишно губат 286,5…

ЕУ дели бесплатни карти за патување низ…

Европската комисија повторно им подарува билети за…