Редовна неделна колумна на Проф. Д-р. Оливер Андонов
Празнословие на Послушниците
„…постојано правење една иста работа
на еден исти начин, а се очекуваат
различни резултати“
дефиниција за малоумност според
Алберт Ајншајн
Во предходната колумна („Антиципирање“), која предизвика многу реакции, позитивни и негативни, се обидов, во еден дел, да ги предвидам ефектите од празнословието на дел од моите сопартијци. Денешното мое глаголење нема за цел да биде „Упатство за користење“ на мојата колумна туку докрај да ги демистифицира причините за неразумните и нерационални искажувања кои директно прават штета на партијата, но и на македонските национални интереси.
Празнословието е еден од седумте смртни гревови – Кој е тој порив што ги тера пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се втурнат во сторување на грев!?
Историјата на човештвото е исполнета со крвави војни и како резултат, на војните и крвавите судир, се безбројните невини жртви. Причините за ова човеково самоуништување, ѕверства, се предмет на истражување на научниците од различни области. Претежно предмет на овие истражувања е „casus belli“ (причина за војна) низ призмата на освојување на туѓи територии, приграбување на производни ресурси, цивилизациски разлики. Но ниту една од овие причини целосно не го осветлува анималниот порив на човекот да смислува начин како да го уништи „ближниот свој“. Така остана несватлив, неразјаснет грозоморниот геноцид кој се спроведуваше во концентрационите логори, поточно логорите на смртта.
Судењата во Нинберг беа со цел да се осудат злосторниците и се разоткрие „casus belli“ како историска поука за идните генерации или, како што го нареков во во минатата колумна, историска „судска пракса“. Она што ги насочи истражувачите своите погледи да ги свртат кон „темната страна на месечината“ беше изјавата на заповедникот од логорот на смрта во Треблинка, убиени повеќе од 750 илјади Евреи, Роми и други жртви на холокаустот. Истиот не се чуствуваше виновен бидејќи ревносно ги исполнувал добиените задолженија. Подоцна овие „аргументи“, за своја невиност, ги повтори и Адолф Ајхман на судењето во Израел. Токму овие искажувања ги „освестија“ истражувачите, причините за себеуништување на човештвото да ги бараат во човековата психа.
Послушноста е оној грев кој е причина за сите грозоморства кои ги прави човекот врз својот род. Слепата послушност кон авторитетот над себе, кон лидерот, прават човекот да делува нелогично, нездраворазумски во „корист на сопствената штета“. Пред да продолжам со елаборирање за „феноменологијата на послушноста“ морам да ја потенцирам јасната дистинкција од послухот во подвизувањето кај монаштвотот, тоа е нешто сосема друго.
Послушноста кон лидерот, од страна на раководителите и чуварите во концентрационите логори, доведе до неброени милионски жртви (околу 7 милиони) на невини лица, жени и деца, чиј што единствен грев беше што не беа дел, според „Господарот на војната“ лидерот-фирерот Хитлер, од „богопомазаната ариевска раса“. Вљубениот, во лидерот свој, Гебелс послушноста ја докажа со самоубиство но претходно ги уби своите шест деца и сопругата. Кон средината на минатиот век послушниците на еден наркомански зависник, самонаречен месија, направија колективно самоубиство. Следејќи го лидерот-месија 906 жени, деца и мажи се самоубија конзумирајки сок измешан со цијанид. Светската историја „поседува“ уште многу примери за послушноста како најголемо зло на човекот, но ние да се вратиме кон нашите послушници и штетата од нивното слепо следење на лидерот. Имено националната катастрофа, предизвикана со попречување на евро интегративните процеси, која, многу извесно, ќе ја доживее македонската нација е производ на послушниците, пратеници од „мојата“ ВМРО-ДПМНЕ. Можеби еден ден ќе слушнеме, од послушниците на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот, дека тие само ревносно си ги извршувале добиените задолженија од лидерот, фирерот и месијата нивен!
Причините за послушноста можат да бидат најразлични од зачувување на конформизмот, страв од казна и репресија до неразумна вљубеност во лидерот и неговата мудрост. Заеднички именител е живеење со „Очи ширум затворени“ односно одбегнување да се види дека „царот е гол“, шизофреничен и налудничав. Поразително кај „нашите“ послушници е што тие се „послушници на послушникот“ кој следи интереси спротивни на неговите и на интересите на неговите послушници.
Стравот од тоа послушниците да ја видат моралната беда на лидерот и неговата послушност кон центри кои не и мислат добро на Македонија, го тераат самоинаугураниот лидер и месија Х.М. да превзема репресивни мерки за да ја сочува послушноста. Имено, можноста во даден момент пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да почнат здраворазумски да размислуваат и ја послушаат својата совест и разум, не е исклучена. Од овие причини „апсолутниот авторитет и безгрешен лидер“, за да го сочува заветот за послушност кон неговите ментори, превзема грозоморни мерки на принуда, закани и санкции кон послушниците за да не случајно се спротивстават на „безгрешните мудри мисли“ на лидерот. Поради ова се оние нотарски заверки на послушност кон лидерот, во позадина се анекси со кои се губат одредени имоти на послушниците, доколку не ги исполнуваат барањата на Х.М. Но токму тие секојдневни јавни изјави за монолитноста на послушниците, нивниот завет на послушност, кој секојдневно го повторуваат и препотврдуваат се една дисонанта која „го пара ушето на јавноста“. Неодминливо се наметнува прашањето – Дали тоа лидерот не е сигурен во својот авторитет или се сомнева во послушниците?. Очигледно лидерот не е сигурен во својот авторитет над послушниците па однапред се обидува да го стигматизира нивното непослушно поведение. Надежта дека одредени послушници нема да го исполнат „заветот кон лидерот“, односно, следејќи го сопствениот разум и срце, ќе покажат непослушност е онаа наша надеж дека македонскиот народ нема да влета кон сулудо колективно самоубиство. Сторнирањето на процесот за уставни реформи а со тоа и попречување да се започнат пристапни преговори со ЕУ е самоубиство на македонскиот народ, македонската нација и држава. Сепак, лично познавајќи ги и редовно комуницирајќо со одредени „наши“ пратеници, препознавам кај многумина од нив здрав разум, љубов и загриженост да не нанесат штета на сопствениот народ. Очекувам, овие мои драги пријатели и сопартијци, да го преминат својот послушнички „морален Рубикон“ и застанат на вистинската страна на историјата, оставајќи го „најголемиот послушник меѓу послушниците“ сам да се препелка во изметот на својата морална какафонија, плод на „заветот“ даден кон неговите Господари.
Она што го прави „Гранде послушникот“ Мицкоски на своите следбеници и нивната послушност кон него многу ми заличува на апсурдот со кој им се смее во лице на послушниците Емир Кустурица во филмот „Подземје“ („Underground“). За потребите на оваа колумна би го користил вториот наслов под кој е познат овој филм „Си беше еднаш една земја“, што соодветствува на она што во моментов со својот наратив, Христијан Мицкоски, го прави на Македонија. Имено токму како заложниците од подрумот на Кустурица, кои никако да добијат информација дека војната е завршена, е наративот кој го користи Мицкоски кон своите послушници од своето најблиско опкружување, но се обидува да го наметне и на останатото членство и јавност. Анахроните искажувања на Мицкоски се втемелени некаде кон средината на 19-от век, период дијаметрално различен од почетокот на 21-от век, во време на националната преродба на македонскиот народ. За подсетување на Мицкоски и неговите послушници македонскиот народ денес, со своја култура, јазик, образование, македонски институции, театри, филм, музика, Универзитети, литература, МАНУ, Афтокефална МПЦ и речиси 80 годишна државност го заокружи процесот на своето оформување. Преостанува да се вклучи во големите светски цивилизациски процеси. Но, послушникот Мицкоски единствено го интересира како да ги реализира ветувањата дадени кон неговите ментори, кои добро ги пополнија неговите банкарски конта. Па така тој ја држи, со своите послушници, во заложнишство Македонија исто како и оние несреќници на Емир Кустурица од „Си беше еднаш една земја“ (Андерграунд).
Мицкоски е најголемата потврда на пророчките зборови на Цибра од „Тетовирани души“ на Горан Стефановски –„Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“. Единствениот виновник за оваа „лимбо“ состојба на македонскиот граѓанин е патолошкиот лажливец, послушникот Мицкоски и неговите, 40 и кусур, послушници!
За крај повторно една историска „судска пракса“, за местото на послушниците во „Пеколот“ на Данте Алигиери. За оние што го заборавиле, би препорачал да го препрочитаат ова дело, можеби ќе пронајдат доволно асоцијации за моменталните наши тегоби и несреќи. Во предворјето на „Пеколот“, Данте, наидува на голема група на луѓе, многу поголема од оние кои го минуваат пеколот, рајот и чистилиштето. Зачудено го прашува својот, учител, водач и господар Вергилиј кои се тие луѓе, какво зло сториле кога не им се дозволува да влезат ниту во пеколот не пак во рајот или чистилиштето. Вергилиј му одговара дека тие се најпроблематичните, тоа биле неопределените, послушниците, најголемото зло на човештвото. За послушниците било забрането да влезат и во пеколот бидејќи со својата послушност ќе ги осоколат оние во пеколот да пронајдат оправдание за своите гревови. Послушноста е можеби осмиот смртен грев без кој дел од седумте смртни гревови немаше да можат да бидат сторени!
Оливер Андонов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Американската амбасада не сака да го коментира…
„Ги видовме извештаите и нема да коментираме…
ИДФ: Ликвидиpан виcок функционеp на Xамаc
Израелската армија (ИДФ) и разузнавачката служба Шин…
(Видео) Девет пожари се надвор од контрола!…
Во текот на вчерашниот ден имало вкупно…
Курсна листа на НБРМ: Еве колку чинат…
Според курсната листа на НБРМ средниот курс…
Вечен спомен ќе биде Карпалак – 23…
Масакрот кај Карпалак е најброен масакр врз…