Редовна неделна колумна на Проф. Оливер Андонов: Ќорсокак

t

Ќ О Р С О К А К

„Има три вида луѓе: Едните гледаат,
други гледаат кога ќе им се покаже.
А третите едноставно не гледаат.“
Леонардо Де Винчи

Уставотворецот ја артикулира (би требало) желбата на суверенот (народот) како да се организира државата, за што суверенот и одстапува дел од своите права на државните власти. Врз основа на Уставот претставниците на суверенот, во парламентот, креираат законски норми за подетално уредување на „домостројот“.
Во еден дел од законикот се дадени посебни норми кои треба да ги исполнат граѓаните, а се однесуваат на правото за управување моторно возило. Подигајќи ја на пиедестал како исклучително значајна, одговорна, ризична и многу опасна дејност, по животот на граѓаните, здобивањето со возачка дозвола е макотрпен и скап процес. Прво е потребно да се утврди здравствената и психо-патолошка подобност на кандидатот (лекарско уверение), потоа со помош на инструктор мора да извозите часови авто-школа, следи полагање на писмен испит за познавање на правилата на сообраќајот за на крај, барем трипати (ова за да се задоволат коруптивните правила на државата Македонија), да полагате практично возење во присуство на три компетентни лица. Но тоа не е сѐ, постојат категории (А, Б, Ц, Д, Е) кои ја потврдуваат Вашата компетенција, истите не можете да ги скокате и бараат исполнување на дополнителни услови за да полагате повисока категорија. На крај сето ова барем еднаш месечно ќе ви биде проверено од ОСЛ на сообраќајната полиција. Доколку пак сакате да бидете таксист во некое туристичко место, работите дополнително се комплицираат, тогаш кон сето ова мора да знаете историја и англиски јазик. Така и треба, нели!
Дискриминација
Но, мене постојано ме притиска едно прашање: Зошто законодавецот постапува дискриминаторски кон Граѓанинот? Наспроти обичните граѓани, шоферите што нѐ возат низ општествениот, политичкиот и економски живот, законодавецот за самонаречени политичари-шофери не предвидел никакви законски норми кои треба да бидат исполнети. Очигледно законодавецот направил превид па не ја третира оваа област како општествено опасна, а таа е можеби најопасната, со можни штетни последици по граѓаните па оставил оваа област да се само регулира со узанси. Така граѓаните се ставени во нерамноправна, диксриминирачка положба. За прекршок поради паркирање на погрешно место, учесникот во сообраќајот, добива драконска казна виз а ви негоите доходи. Наспроти тоа, политичарот за штети од милиони евра, национални катаклизми, добива другарски укор, предупредување или евентуално промена на неговата функционерска или пратеничка позиција…секако во друга функционерска фотеља или пратенички мандат.
Аматери шофери
Триесет годишното искуство со аматери шофери на политичката сцена, земајќи ги во предвид штетите кои ги нанесоа на државата, налага законодавецот да ја норматира оваа дејност. Првенствено да се предвиди психијатриско-патолошко вештачење за подобност. Утврдување дали кандидатите за политиканти се снобови, зависници од малограѓанштина, кванташки пазар, коцка, алкохол, дрога и други психотропни супстанци. Потоа, дали се анксиозни, опсесивно-компулсивни, фобични или патолошки лажливци, крадци, нарциси, псевдопатриоти. Секако кон ова мора да се утврди и нивното ниво на интелектуален капацитет: идиот, морон, имбецил, ретард, кретен, генијалец се на сѐ неговите морални вредности од рамката на т.н. „морален идиотизам“. Во зависност од ова вештачење ќе се утврди која категорија на „шофер“ може да поседува. Според досегашните узанси (непишани правила) на занаетот политикански, колку е повисоко на лествицата, кандидатот, на моралниот идиотизам, толку повисока категорија може да поседува. Така за „Д“ категорија – возач на политички автобус, кај народот препознатлив како лидер на политичка партија, највисокото од високите места во хиерархијата, мора да поседува минимум квалитети на морон без чувства за било каква емпатија или сомилост, сноб, докажана аморалност, криминално досие или барем љубов за придобивање на туѓата сопственост и корупција. Ова законодавецот, во име на народот, може но и не мора да го земе во предвид, на него е да одлучи дали узансите ќе ги прифати како извори во креирање на „домостројот“.
Правила, правила …
Возењето неколку часа политичка авто школа е непотребно трошење на време. Нашите кандидати за професионални политичари веќе се докажани послушници полтрони и ги имаат поминато сите едукативни курсови во нивните внатрепартиски „ботовски школи“. Сите „тајни на занаетот“ ги знаат, лепење плакати, носење транспаренти, урлање по митинзи, хејтање на неистомисленици, занесување на та..ци, полтронизам и слепа послушност кон шоферот на автобусот – лидерот. Поради ова и веднаш им е дозволено со „потврда за возење на велосипед со помошен мотор“ да бидат пратеници или да управуваат со високи институции во државниот систем односно возило од „Ц“ категорија. Одкако ќе ги поминат психолошко-патолошките проверки треба да се полага писмен испит. Овде законодавецот мора да биде многу внимателен, доколку ги следи узансите на моменталната политичка „елита“, сепак тестовите мораат да одговараат на профилот на кандидатите. Полесен би бил предлогот кои прашања треба да бидат одбегнати бидејќи, доколку не се користи софтверот „Рашковски“, некој може и да не положи. Прашања од областа на историјата никако не смеат да бидат поставени, може но за историјата од пред два дни најдолго од времето кога автобусот го запоседнал денешниот шофер. Ако нешто и мора да се праша тогаш нека бидат прашања од „Смешната страна на историјата по Мицкоски“. Англиски јазик, домашно воспитување, рударење на биткоинти од нос со помош на рачно помагало, долгиот нокт од малиот прст, користење антиперспирант, јадење со нож и вилушка, подригнување кога имаме гости – заборави! Тоа се прашања за некои идни генерации! Во делот на знаци покрај патот и светлосна сигнализација само знак за „задолжителен правец“ и „зелен“ семафор. Правило на десната страна, обележани или необележани раскрсници не е потребно. Нашите шофери-политиканти секаде имаат предимство на минување, сепак, доколку некој обичен учесник во сообраќајот тоа не го знае, постојат флешери и милозвучните сигнали од сирените, но и понекоја „едукативна заушка“. Впрочем овој дел е на одговорност на мас-медиумите, задача на самосвесните, самоцензурирани, слободни псевдоновинари да им посочат на граѓаните за нивното политички некоректно однесување кон политикантите. Така што предлагам овие тестови да се сведат на неколку „суви“ прашања. Пред се за кој шоферски сојуз ќе вози кандидатот (СДС, ВМРО, Левица, ДУИ…), ова е многу важно прашање бидејки едните даваат лев „жмигавец“ а возат десно другите, пак, обратно. За волја на вистината ефектот е ист, од налудничавото возење со измешани брзини и сигнали за правец на движење, жртви сме Ние обчините смртници – пешаци во македонскиот политички сообраќај. За политички, би рекол и сексуално недефинираните центристи прашањата да се стават во делот за кочење со рачна и сигнализација на кочењето, да не некој од позади се „забие“ во нив. Потоа кои бои ги носи „во срцето“, иако најголемиот број од кандидатите се далтонисти, сите бои им се исти, па во различен дел од годината носат дијаметрално спротивни бои во зависност од односот на власта кон одредена боја, народот ги нарекува камелеони а тие себеси се нарекуваат „професионалци“. Но круцијалното прашање, кое може да носи најмногу негативни поени, која е неговата самоидентификација. Ова прашање може да биде и „трик“ прашање, поради тавтологијата, и треба да се внимава на одговорот. Кандидатот може да добие многу негативни поени доколку заокружи под (А) евро-атлантска идентификација. Со таков одговор на кандидатот ќе му биде забрането да вози по тесните македонски политички сокаци, но со сигурност ќе може да вози по европските автостради. Доколку се заокружи (Б) евроскептицизам и антиамериканизам, тоа носи многу поени уште ако кандидатот го надополни одговорот со комунистичка југоносталгија, скоро сигурно полижал. Кандидатот слободно ќе вози по балканските темни калдрмени улици, но не и на европските автостради. Многу просто, како „Не лути се чевече“, но да не заборавиме, за повторен влез во игра Ви е потребно да „фрлите“ шестка, што понекогаш знае да биде „ѓаволски“ тешко. Можеби по 20-30 години, како би рекол премудриот Мицкоски, кога ќе успееме да „фрлиме“ шестка. Во делот на „суви“ прашања кандидатот мора да се изјасни во која група на послушници припаѓа, со кого од професионалните шофери на автобус се идентификува Бранковист, Љубчовист, Груевист, Заевист или Мицковист. Овде разликите се многу мали така што и да погреши кандидатот нема многу значение, секако ќе добие агреман за влез во Високото друштво на полтрони-шофери.
ЌОР СОКАК
Добивајќи „Дозвола за убивање“ минувајќи низ решетото на узансите, 30 години креирани од македонската политичка сцена, за очекување беше овие „курвини синови“, како би ги нарекол Џони Штулиќ, од профилот на Мицкоски и неговата „братија“ да не воведат во „слепа улица“ (Ќор сокак). Како би рекол наредецот наш „нигде ѕирка ни проѕирка“!
Поради ова доколку, некако, се „извлечеме“ од оваа „слепа улица“, суверенот (народот) мора да создаде свои узанси врз основа на кои ќе дава „Дозвола за управување со неговата судбина“. Сепак суверенот е она ОСЛ кое прави контрола во политичкиот сообраќај. На денот кога суверенот е судија (избира) мора добро да размисли при изборот на својот иден „мачител“. Колку е ова парадоксално, но се е црно и бело, Јин и Јанг, добро и зло, „Судијата и неговиот џелат“. Токму за да ја намалиме штетата од овие контрасти, синоними за Нашите псевдополитичари, епигони, псевдо-апологети, да ги замолиме да не нѐ толку силно бранат од „трулиот“ запад. Ние понекогаш, колку за промена, и сакаме да гризнеме црвливо јаболко, кога ни здосадат убавите јаболки кои ни ги дарува Нашата политичка булумента. Па, да ги ослободиме од обврската да бидат „шофери кои ќе нѐ извозат“!

Оливер Андонов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ