Решетките на Македониумот се привремено поставени
Преземените мерки на споменикот Македониум во Крушево имаат исклучиво превентивна заштитна функција. За конзервација на објектот во тек е изработка на Основен проект за конзервација, реставрација и санација на куполата од Споменикот Илинден-Македониум, во кој ќе се дефинираат сите потребни интервенции во согласност со конзерваторските принципи, стручните стандарди и важечката законска регулатива за заштита на културното наследство, соопшти денеска директорката на прилепскиот „Завод и музеј“, Мимоза Христоска, по реакциите во јавноста за поставените заштитни елементи на куполата од објектот Македониум.
Христоска нагласува дека станува збор исклучиво за преземање на превентивни мерки за заштита, кои се само преодна фаза кон целосна конзервација на објектот.
„Македониумот, како споменик на културата од исклучително значење, во ноември 2025 година е прогласен за културно добро во опасност, затоа што повеќе од четириесет години се соочува со сериозни оштетувања предизвикани од долготрајната изложеност на климатско-атмосферските влијанија: навлегување на вода, појава на влага, протекување и биодетериозација, што ја влошуваат состојбата на Споменикот и претставуваат непосредна закана, особено за металната конструкција на која се носат стаклените галерии на првото ниво и витражите од второто ниво, со што е загрозен и ентериерот и автентичните архитектонско-уметнички елементи во него, авторски дела на уметниците Петар Мазев и Борко Лазески.
Согласно конзерваторската методологија, се наметна итна и неопходна мерка-превентивна заштита. Преземените превентивни активности, содржани во предлогот за превентивна заштита имаат за цел да се отстрани влијанието на надворешнте фактори и да се спречи понатамошната деградација на културното добро. Според тоа, дури по реализација на непосредната заштита на конзерваторскиот проект, ќе може да се коментира за успешноста на неговата реализација“, се вели во соопштението на прилепскиот „Завод и музеј“.
Во соопштението се посочува дека Националната Установа „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп“ останува целосно посветен на заштитата, зачувувањето и афирмацијата на Македониумот, како едно од најзначајните поединечно заштитени споменици, дело на современото македонско културно наследство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Решетките на Македониумот се привремено поставени
Преземените мерки на споменикот Македониум во Крушево…
Владата ќе го спасува споменикот „Македониум“ во…
Обезбеден е проект за интервентна заштита на…
(Видео) Македониумот под вода: Немало ни пари…
Еден од спомениците-симболи на борбата на македонскиот…