Ристов: Струјата од Нова година најверојатно ќе поскапи за 2 до 3 отсто
Цената на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари најверојатно ќе се зголеми за 2 до 3 проценти, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов. Иако Владата најавува дека нема да има поскапување на струјата по Нова година, Ристов, во интервју за „Тема на денот“ на Сител посочи дека се очекува мало зголемување, но дека се работи на модел со кој евентуалниот дополнителен трошок би се распределил во тарифните модели, за да бидат поправични.
Ристов рече дека компаниите од енергетскиот сектор веќе ги доставиле финансиските и технички барања до РКЕ, а во тек е нивна анализа. Одлуките за цените на регулираните енергетски дејности треба да бидат донесени до крајот на годината и да почнат да важат од 1 јануари.
Ристов објасни дека барањата на компаниите се насочени кон зголемување на цените, што, според него, се должи на движењата во енергетскиот сектор, поскапувањето на енергенсите и зголемените трошоци. Сепак, нагласи дека доставените барања не значат дека тие ќе бидат прифатени, бидејќи задачата на Регулаторот е да направи компромис.
„Сите нормално бараат зголемување заради она што ни се случува во енергетскиот сектор во светот и кај нас. Меѓутоа, од тоа што се желбите, на крај ќе видиме што ќе биде она што Регулаторот ќе го направи како одлука, бидејќи ние сепак сме тука на бедемот да направиме компромис меѓу барањата и она што значи интерес на граѓаните“, рече Ристов.
Една од главните компоненти што влијаат врз крајната цена на струјата е преносот преку електропреносниот систем на МЕПСО. Компанијата побарала зголемување на својот дел од тарифата за дури 97 проценти, но Ристов рече дека ова барање нема да биде прифатено.
Според него, ваквото зголемување е неоправдано, а РКЕ не гледа причина за поскапување на услугата за пренос на електрична енергија.
„Она што вие го зборувате дека ќе се намалува протокот на енергија 2027, може е точно, меѓутоа тоа се темели само на оние транзитни услуги коишто ги прави МЕПСО за пренос на електрична енергија преку нашата територија низ енергетскиот преносен систем, меѓутоа не за вкупниот конзум на енергија којшто се троши во Републиката. Поради тоа ние не гледаме апсолутно никакви причини заради што би се зголемувала цената на преносната енергија за МЕПСО, така да од сега можам да ви кажам – кај МЕПСО нема да има никакво покачување“, рече Ристов.
На новинарско прашање колкаво зголемување побарале другите компании, со оглед дека Владата смета оти цената на струјата на домаќинствата нема да поскапи и по Нова година, Ристов рече дека доколку го има покачувањето, тоа ќе биде многу симболично.
„Крајната цена кај универзалниот потрошувач, односно тоа што граѓаните најмногу ги интересира, тоа е универзалниот снабдувач, е составена од три компоненти. Тоа е преносот за МЕПСО, дистрибуција и снабдување со енергија од универзалниот снабдувач. Засега со МЕПСО сме веќе расчистени дека нема да има покачување“, додаде тој.
Ристов рече дека сега се работи на дистрибуцијата и на тоа да се одржи во сегашните рамки. Тој објасни дека загубите во дистрибутивната мрежа се движат од 11 до 12 проценти. За нивното покривање, оваа година Владата обезбедува 70 проценти од потребната електрична енергија преку ЕСМ, по договорена цена, додека преостанатите 30 проценти дистрибутерот треба да ги набави на слободниот пазар.
Ристов посочи дека пробната аукција за набавка на електрична енергија за покривање на загубите, одржана минатата недела, понудила цена од 380 евра за мегават-час, поради што била поништена.
Како решение, Владата предложила модел според кој ЕВН би можела да ја откупува електричната енергија произведена од обновливи извори во земјава, која е дел од државното производство, за покривање на загубите во дистрибутивната мрежа. Целта е набавната цена да се задржи на прифатливо ниво и да се избегне дополнителен притисок врз сметките на домаќинствата.
Според Ристов, 70 проценти од електричната енергија што ЕСМ ја обезбедува за универзалниот снабдувач е договорена по цена од 65 евра за мегават-час, додека преостанатите 30 проценти се договорени по цена од околу 76 евра. Оттука, проценката на Ристов е дека евентуалното поскапување на струјата би се движело во рамките на 2 до 3 проценти.
Прашан дали за да се ублажи трошокот за граѓаните, можно е укинување на мрежарината и зголемување на периодите на евтина електрична енергија во текот на денот и неделата, Ристов рече дека РКЕ подготвува и промени во начинот на пресметување на мрежарината. Според него, сегашниот модел, во кој сите домаќинства плаќаат ист паушален износ за пристап до електричната мрежа, не е правичен, бидејќи потрошувачите немаат иста потрошувачка.
„Овие денови правиме модели во коишто оваа мрежарина ќе биде преработена, односно ќе понудиме друг модел каде што ќе има еден фиксен дел којшто ќе биде можеби 100 отсто понизок од досегашниот, а останатиот дел од мрежарината ќе биде поврзан со потрошувачката. Значи не е правично да сите плаќаме исто, а да не трошиме исто од мрежа“, надополни Ристов.
Ова, како што рече, би значело намалување на мрежарината за домаќинствата со помала потрошувачка, особено за оние кои се наоѓаат во категоријата на енергетска сиромаштија. Од друга страна, потрошувачите кои трошат поголеми количества електрична енергија, односно по 3 000, 4 000 или 5 000 киловат-часови, би плаќале повисок износ.
Во однос на цената на топлинската енергија, за која компаниите побарале поскапување од 45 до 50 проценти, Ристов оцени дека таквото барање е неприфатливо, иако растот на цената на природниот гас влијае врз трошоците за производство. Наместо тоа, очекува зголемувањето на цената на парното греење да се движи од 6 до 8 проценти.
За цената на нафтата, која во последниот месец се намалува, Ристов рече дека тоа е добро затоа што сите оние мерки „полека-полека ги ослободуваме – данокот, полнење на буџетот со акцизата, како се намалува цената тие мерки се враќаат назад“.
„Ние работиме по берза, на дневна база, на неделна база, сè она што ќе се случува на глобалните пазари ние само го пресликуваме кај нас. Затоа беше и онаа интенција полека-полека државата да размислува во друг правец, а тоа е хитната и масовната супституција на нафтата, онаа е-мобилноста, односно воведувањето на електричните возила би било стратешки на подолг период решение за ослободување од овие зависности“, кажа Ристов.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ристов: Струјата од Нова година најверојатно ќе…
Цената на електричната енергија за домаќинствата од…
Четири грешки во две реченици во писмото…
Бугарската партија „Вазраждане“ поднесе предлог-закон за бугарскиот…
Студентската листа најави делегација во Москва за…
Радомир Саичиќ од српската Студентска листа најави…
Експлозија на јахта на Халкидики: Повредено е…
При експлозија на јахта под бугарско знаме…
Британски Телеграф: Трамп има порака за Европа
Американскиот претседател Доналд Трамп им порача на…