Руската независна „Новаја газета“ престанува со работа по притисок од властите во Москва
„Новаја газета“, еден од историските симболи на независното новинарство во Русија, денеска соопшти дека престанува со работа поради притисок од руските власти.
„На 9 ноември ќе ги изгасиме светлата во нашиот дом, во кој живеевме 30 години, ќе ги исклучиме серверите и ќе си заминеме. „Новаја газета“ повеќе не постои. Руските власти и руските безбедносни служби ја принудија редакцијата да ја прекине својата работа“, изјави директорот на весникот, Сергеј Сакалов, во видеообраќање објавено на Јутјуб.
Во посебно соопштение, редакцијата на весникот наведе дека била издадена наредба за иселување, поради што „Новаја газета“ од денеска е принудена да ги напушти своите историски простории во Москва. Истовремено, бил деактивиран и системот преку кој весникот добивал донации од своите читатели.
Весникот „Новаја газета“, основан во 1993 година, е познат по своите истражувања за корупција и критичките текстови за руските политичари. Претходно оваа година, руското Министерство за правда го прогласи весникот за „странски агент“, мерка што руските власти ја користат за замолчување на гласовите на несогласување.
„Повеќе од 30 години заеднички живот со земјата и нејзините граѓани ќе завршат така што ќе се најдеме на улица, без средства за живот и под постојана закана од репресија“, додаде редакцијата.
На 9 април, руските власти извршија претрес во просториите на „Новаја газета“, по покренувањето кривична постапка против новинарот на весникот, Олег Ролдугин. Истиот ден, Ролдугин беше уапсен и испрашуван, а сега се наоѓа во домашен притвор до почетокот на судењето. Во средината на октомври, Сакалов беше уапсен и испрашуван во рамки на истиот случај.
Русија ја засили репресијата врз независните медиуми по инвазијата врз Украина, истовремено воспоставувајќи строг систем на цензура, поради што многу независни новинари беа принудени да ја напуштат земјата.
Во 2022 година, руските власти ѝ ја одзедоа дозволата за работа на „Новаја газета“, која отворено се спротивставуваше на воената операција во Украина. Весникот тогаш го прекина печатеното издание, но продолжи да објавува содржини на интернет.
Еден од неговите коосновачи и поранешен главен уредник, Дмитриј Муратов, во 2021 година ја доби Нобеловата награда за мир за „неговите напори за заштита на слободата на изразување“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Руската независна „Новаја газета“ престанува со работа…
„Новаја газета“, еден од историските симболи на…
САД бараат од балтичките сојузници да не…
Официјални лица од Пентагон во последните недели…
„Студентската листа“ нема намера да воведува санкции…
„Студентската листа“ нема намера да воведува санкции…
Вучиќ: Никогаш не сакавме да воведеме санкции…
Српската напредна странка денеска ја слави својата…
„Волстрит џурнал“: Орбан е кандидат за генерален…
Соединетите Американски Држави го поттикнале поранешниот унгарски…