САД и Иран во жесток судир, нова неизвесност околу Ормускиот Теснец
Тензиите меѓу САД и Иран дополнително ескалираа во текот на ноќта, откако двете страни извршија нова серија меѓусебни напади, додека продолжуваат спротивставените тврдења околу безбедноста на пловидбата низ Ормускиот Теснец – еден од најважните светски енергетски коридори.
Американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека нејзините сили извеле нови воздушни напади насочени кон слабеење на иранските капацитети кои, според Вашингтон, претставуваат закана за меѓународната пловидба. Меѓу погодените цели се системи за противвоздушна одбрана, крајбрежни радари, како и капацитети за лансирање ракети и беспилотни летала.
Според CENTCOM, во текот на викендот биле погодени околу 140 воени цели по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, што претставува една од најобемните американски воздушни операции од договорот за прекин на огнот постигнат во јуни.
Трамп вели дека примирјето со Иран е завршено, но разговорите за договор ќе продолжат
Од иранска страна следуваше брз одговор. Државните медиуми јавија дека Техеран извршил напади врз американски воени бази во Кувајт, Бахреин и Јордан, проширувајќи ги операциите и кон американските сојузници во Персискиот Залив.
Иранската Револуционерна гарда (IRGC) соопшти дека пресретнала два брода во Ормускиот Теснец, тврдејќи дека тие се движеле по „нелегална рута“ и претставувале опасност за поморскиот сообраќај.
Според иранските медиуми, беспилотни летала биле употребени против американски армиски позиции во Кувајт, додека ракети и дронови погодиле складишта за ракети и резервоари за гориво во воздухопловната база „Принц Хасан“ во Јордан. Наводно биле погодени и објекти за одржување на хеликоптери, хангар за авион за електронско извидување П-8 (P-8-, како и центри за командување со американски беспилотни летала во Бахреин.
Во меѓувреме, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) соопштија дека нивната противвоздушна одбрана реагирала на ракетна закана надвор од државната територија, додека Катар информираше дека три лица биле повредени од паднати остатоци по пресретнување на ирански ракети.
Иранските медиуми, исто така, објавија дека биле нападнати американски логистички поморски капацитети и платформи за снабдување на носачи на авиони во пристаништето Дукм во Оман.
Во центарот на актуелната криза останува Ормускиот Теснец, преку кој поминува значителен дел од светската трговија со нафта и течен природен гас. Техеран викендов соопшти дека теснецот е затворен „на неопределено време“, но американската Централна команда ги отфрли овие тврдења, нагласувајќи дека пловидбата останува отворена и дека американската морнарица е подготвена да ја гарантира слободата на навигација.
Заедничкиот центар за поморски информации (Joint Maritime Information Center) потврди дека транзитот низ јужниот пловен коридор на Ормускиот Теснец сè уште е возможен. Според податоци за движењето на бродовите, танкерот за течен природен гас „Ал Хамра“ успешно го минал теснецот и се наоѓа во Оманскиот Залив, додека американски функционер за „Аксиос“ (Axios) изјавил дека околу 20 трговски бродови безбедно транзитирале низ теснецот во координација со американската војска.
Ескалацијата веднаш се одрази и врз светските пазари. Цената на суровата нафта брент порасна за 4,3 проценти, надминувајќи 79 долари за барел, поради стравувањата дека натамошните судири би можеле да предизвикаат сериозни нарушувања во глобалното снабдување со енергенси.
Во меѓувреме, Велика Британија, Франција и Германија објавија заедничка изјава со која ги осудија најновите напади и повикаа на обновување на прекинот на огнот и продолжување на мировните преговори.
Последната ескалација дополнително ги доведува во прашање преговорите меѓу Вашингтон и Техеран за иранската нуклеарна програма. Претседателот Доналд Трамп во петокот изјави дека прекинот на огнот договорен на 17 јуни повеќе не важи, но истовремено посочи дека САД остануваат подготвени да продолжат со дипломатските разговори со Иран.
Во Иран, државните медиуми известија и за нови експлозии долж јужниот брег, вклучително и во енергетските и петрохемиските центри Бушер и Асалује, пристанишните градови Бандар Абас и Бандар-е Дајер, како и во областа Сирик, во близина на Ормускиот Теснец. Според агенцијата „Мехр“, била погодена комуникациска кула во провинцијата Керман, при што две лица се повредени.
Полуофицијалната Иранска студентска новинска агенција (ISNA), повикувајќи се на државната енергетска компанија „Таванир“, објави дека неодамнешните американско-израелски напади предизвикале „големи оштетувања“ на електроенергетската инфраструктура на земјата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
САД и Иран во жесток судир, нова…
Тензиите меѓу САД и Иран дополнително ескалираа…
„БЕШЕ УЖАСНО“: Сопругата му го спасила животот…
Србинот Љубиша Каровиќ, е патникот кој е…
Во Грција запленети над 2 тона небезбедни…
Властите во Грција запленија и уништија повеќе…
На Русија ѝ снемува гориво: Наставниците, под…
Додека недостигот на гориво се влоши поради…
Инфантино најави можно проширување на мундијалскиот формат…
Откако Светското првенство 2026 чиј домаќини се…