Сведок: Обвинетите полицајци од Пробиштип биле испратени во Кочани, без да знаат дека ќе вршат контрола во дискотеката „Пулс“
Полициските службеници Мартин Арсовски и Дарко Милошевски од Пробиштип, кои се меѓу обвинетите во постапката за пожарот во дискотеката „Пулс“, биле испратени на подрачјето на ОВР Кочани, без претходно да бидат запознаени со конкретните задачи што ќе ги извршуваат и без информации дека ќе учествуваат во контрола на дискотеката – сведочеше денеска Драган Василески, виш инспектор за економски криминалитет во ОВР Пробиштип.
Одговарајќи на прашања на одбраната, Василески изјави дека на 14 март 2026 година добил наредба од тогашниот началник на ОВР Пробиштип да предложи двајца инспектори, кои следната вечер ќе извршуваат службени активности на подрачјето на ОВР Кочани.
– Ниту јас ниту колегите Дарко и Мартин не знаеја кои конкретни активности ќе ги извршуваат во Кочани. Едноставно, беше кажано во 20.30 часот со службено возило да се јават на бензинска пумпа во Кочани, каде што ќе бидат пречекани од полициски службеници од ОВР Кочани и ќе извршуваат одредени службени задачи – истакна сведокот.
Тој нагласи дека на инспекторите не им било кажано да бидат во униформа, ниту биле информирани за какви било посебни ризици или за постоење оперативен план за акциската контрола.
Василески посведочи дека ниту тој ниту инспекторите од Надворешната канцеларија за криминалистички работи во Пробиштип не учествувале во подготовката, организацијата или изработката на планот за акцијата.
Сведокот рече дека до денот на трагедијата не слушнал за дискотеката „Пулс“ додавајќи дека тоа важи и за обвинетите Арсовски и Милошевски.
Говорејќи за разговорите што ги водел со нив по пожарот, Василески рече дека му било пренесено оти полициските службеници првично биле распоредени на други локации во Кочани и околината, а дури подоцна добиле задача да учествуваат во контрола во дискотеката „Пулс“.
Според неговото сведочење, околу 2.30 часот по полноќ Арсовски и Милошевски заедно со полициски службеници од ОВР Кочани влегле во дискотеката, при што нивна задача била да извршат проверка на лице за кое постоело сомнение дека поседува наркотични средства.
– Мартин и Дарко постапиле во согласност со добиените задачи. При прегледот пронашле материја за која се сомневале дека е наркотична дрога – истакна Василевски и појасни дека го информирале дека прегледот на сомнителниот го вршеле кај тоалетите на дискотеката и при излегување од таму забележале дека гостите почнуваат да го напуштаат објектот и дека настанува метеж.
Во паузата од рочиштето, во име на родителите на загинатите деца се обрати Александар Наунов, кој порача дека секое судско рочиште за семејствата претставува повторно преживување на трагедијата.
– Додека ние ги преживуваме најстрашните моменти од нашите животи, во судницата слушаме паушални одговори, оправдувања, префрлање вина и некакви усни наредби. Денеска, слушаме дека полициските службеници од Пробиштип не биле информирани за целта и точките на акциската контрола. Дали е професионално да се спроведува акција, без соодветна информираност и координација на службите – праша Наунов.
Тој го отвори и прашањето дали подобра организација и координација можеле да спречат дел од трагичните последици.
– Дали навремена координација, професионално постапување и организирање коридор за евакуација можеле да спасат животи. Додека вие барате оправдувања, ние во мислите ги слушаме последните крици на нашите деца. Вие имате право на одбрана. Нашите деца немаа право на втора шанса – истакна Наунов.
Судењето се однесува на трагичниот пожар, што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што животот го загубија 63 лица, а повеќемина беа повредени. Во предметот се обвинети 13 полициски службеници за кои Обвинителството тврди дека не постапиле во согласност со предвидените обврски и акцискиот план поврзан со работата на дискотеката.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сведок: Обвинетите полицајци од Пробиштип биле испратени…
Полициските службеници Мартин Арсовски и Дарко Милошевски…
Со јајца и зеленчук гаѓан автомобилот на…
Посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула…
Влегол во стан и се обидел да…
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Г.К.(39)…
Велика Британија воведе нови санкции за руските…
Велика Британија воведе нови санкции против руски…
Пукање во близина на Белата куќа: Четири…
Четири лица се повредени во пукање што…