Објавено на:

Светски икони – мода, филм, музика, стил: Лејди Дијана, принцезата роза на Велика Британија (втор дел)

t

Живот на Лејди ДИ прерано згасна, но нејзината ѕвезда, очигледно вечно трае и сјае. Инаку, Лејди Дијана Спенсер беше венчана принцеза на принцот Чарлс, престолонаследникот на британската круна. Потекнува од богато благородничко семејство, чии корени се протегаат до кралот Стјуард Чарлс II. Нејзин предок е и војводата од Марлборо. Нејзиното семејство има постари хералдички титули и звања од фамилијата Виндзор.

Ја имала таа среќа или несреќа да биде избрана како најсериозна кандидатка за принцеза со која принцот Чарлс треба да се венча и да подари машки престолонаследници за британската круна. Иронијата да биде голема, изборот го направила самата кралица, а го потврдила Камила Паркер, вечната љубовница на принцот Чарлс, кој само се согласил со таквиот избор.

За нејзиниот избор историчарот на британското семејство, Ентони Симпсон, ќе рече дека е несмасна и без никаква харизма. Очигледно овој историчар не можел да ја предвиди историјата. Значи, и’ била наменета улога на украсна и послушна сопруга на идниот крал на Велика Британија, како девојка од благороднички род и без минато. Лејди Ди многу брзо сфаќа дека во нејзиното окружување нема искреност и дека безмалку сите сакаат да ја искористат. Увидела дека Чарлс има голема стравопочит кон неговата мајка, кралицата Елизабета, се плашел од неговиот татко, необјасниво и покрај сè трајно е вљубен во Камила Паркер Боулс, а дури потоа доаѓа таа.

На почетокот во кралската палата била тивка, нежна и достоинствена. Храбро и гордо ја “одработува“ најголемата должност која и’ била наменета со самата венчавка за еден престолонаследник каков што е Чарлс, и ги раѓа прекрасните принцови Вилијам и Хари. Во тие моменти нема посреќна личност на светот од неа. Таа лична среќа и мајчинска исполнетост траат многу кратко. На 24 години таа се чувствува отфрлена, home alone, a принцот ја продолжува и ја зајакнува романсата со Камила.

Сè уште е достоинствена сопруга и со гордост на посветена мајка, сама и лично ги одгледува и воспитува своите два сина, што е нетипично за едно кралско семејство. Таа постојано ги гали и бакнува, им дава љубов што Чарлс никогаш не ја добил од својата мајка, ги води на училиште, на излети, со еден збор не се одделува од нив ниту за миг. Гради лик на мајка сосема спротивен од ликот на нејзината мајка и мајката на Чарлс, кои никогаш не покажале нежност и блискост со своите деца. Тука некаде завршува фазата и се гаси ликот на тивката, мирна и скромна Дијана. Во еден момент таа како да крикнува: “Сакам да бидам сакана!“.

Помеѓу ѕидовите на кралскиот дворец сè уште се одвивала драмата на рамнодушност и незаинтересираност на Чарлс кон Дијана, но на јавната сцена Дијана го свртува курсот, станува сè попопуларна, сите ја засакуваат, не е мал бројот на тие што ја обожаваат, и Чарлс и кралското семејство веќе се немоќни и паѓаат во втор план. Таа го истиснува Чарлс од сцената, му ја одзема публиката, и каде и да се појават заедно, луѓето го извикуваат и скандираат нејзиното име и само нејзиното.

Принцеза, икона и хуманитарка, на која сите и се воодушевуваа

Предизвикува восхит како од обичните луѓе, така и од кралеви, принцови, претседатели на држави и јавни личности од филмот, уметноста, музиката и културата. Станува најфотографирана славна личност на планетата. Тоа е Дијана која во свечен ноќен фустан во Белата куќа игра валцер со Џон Траволта, а во Елисејската палата на вечера во нејзина чест Митерен е восхитен од нејзината грациозност и елеганција.

Но, постои и друга Дијана. Тоа е младата жена посветена на хуманитарната работа и личност која секогаш се грижи за болните, слабите, изнемоштените и сиромашните. Тоа е веќе народната принцеза, принцезата на срцата, принцезата полна со љубов, добрина и правдина. Таа која не се дели од болните, која ги помага лепрозните и води грижа за заболените од сида. Тоа го прави на многу човечен и доблесен начин, не само како должност која оди со нејзиниот ранг, туку, тоа е нејзин искрен однос, кој доаѓа од нејзиното добродушно срце. Тоа е искрена вокација на млада добродушна принцеза, чии солзи се вистински. На тој начин стекнува големо влијание во јавноста.

Врв на сè е кога во 1989 година оди во Њујорк, во болница во Харлем посетува болни деца од сида и ги држи за рака, сакајќи да покаже дека тоа не е заразно и дека и на нив им е потребна грижа и љубов. Јавноста е пријатно изненадена, а печатот во САД објавува нејзина слика од болницата во Харлем со наслов “Поголема од Горби, подобра од Буш”. Сета нејзина активност ја направи почовечна, емоционално поотворена и подостапна за восхит. А и се восхитуваа сите – и денес, иако одамна покојна, сеуште и се восхитуваат.

Веќе е јасно дека таа не е несмасна и без харизма. Секое нејзино патување е како триумфална турнеја. Чарлс и понатаму ја изневерува и понижува со неговата Камила, но сега веќе изгледа и Дијана не останува должна. Веќе е доцна за штобило. Неа не може никој да ја сопре. Се облекува модерно, но со префинет вкус. Таа дефинитивно е поинаква од останатите членови на кралското семејство. Обичните луѓе ја наградија со љубов, почит и ја прифатија како една од нив, затоа што беше на првата линија на фронтот на борба против гладот, болестите и сиромаштијата, и против употребата на нагазните мини. Можеби најубавите зборови кон неа ги упати легендарниот Елтон Џон кој простувајќи се од неа, за неа, на целиот свет му пееше: “Збогом розо од Англија, земја изгубена без твојата душа, никогаш нема да дознаеш колку ни недостасуваш“. Многу солзи, уште повеќе тага за Лејди Ди, од кобниот 31 август пред 25 години.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Девет пожари се надвор од контрола!…

Во текот на вчерашниот ден имало вкупно…

Курсна листа на НБРМ: Еве колку чинат…

Според курсната листа на НБРМ средниот курс…

Вечен спомен ќе биде Карпалак – 23…

Масакрот кај Карпалак е најброен масакр врз…

Денеска се празнува Преподобната маченичка Параскева

Родена е во Рим од родители христијани.…

Метео: Сончево и топло со температури до…

Од УХМР јавуваат дека времето денес ќе…