Светски икони – мода, филм, музика, стил (22.) Опра Винфри: бренд кој слуша, помага и спасува(прв дел)
Опра Винфри е актерка, новинарка, нараторка, водителка, издавач, продуцентка, на телевизиски емисии, филмови и театар, од САД. Родена е во беда, израсната со насилство и сексуално искористување, но поради талентот и упорноста, оствари кариера од соништата, и се што допре претвори во вредност и злато, а преку целокупната своја активност, постигнувањата и планетарниот успех стана најбогатата и највлијателната жена во САД и пошироко. Таа за прв пат ја искуси славата како актерка во адаптацијата на романот на Алис Вокер на Спилберг од 1985 год. Боја на пурпурот, за која доби номинација за Оскар. Од тогаш, таа внимателно ја изгради репутацијата на Опра Винфри во еден од најуспешните брендови во светот.
Инаку, таа е долгогодишен водител на телевизиско ток-шоу за чија популарност и квалитет добила многу награди Еми. Слободно можеме да ја наречеме медиумска кралица, која секојдневно сама управува со мултимедијално царство Харпо Продакшн, и нејзиното лично богатство се проценува на 1,5 милијарди долари. Но, таа не е дефинирана од желбата за влијание, моќ или пари, туку од нејзината желба преку својата мисија да им служи на другите, најчесто онеправданите, хендикепираните и маргинилизираните, со нивно подигнување, просветлување, охрабрување и трансформирање на начинот на кој луѓето се гледаат самите. Таа со својот активизам и залагање за заштита на правата на споменатите категории, покажува постконвенционално ниво на морално размислување и одговорно однесување кон маргиналците. Наместо да го слуша ‘’гласот на светот’’, вели дека го слуша и следи ‘’тивкиот мал глас’’, кој и е компас во нејзиното дејствување, притоа потпирајќи се на нејзините морални вредности и стандарди на интегритет. Вообичаено дејствува сама, но во реализацијата на својата мисија ја слуша и цени секоја идеја од членовите на нејзиниот не така мал тим.
Мора да се каже дека нејзиното ток шоу, Шоуто Опра Винфри, кое започна на средината на осумдесеттите години, беше клучниот двигател на брендот Опра. Ова беше совршена основа за личноста на Опра, што овозможи да комуницира со гостите од студиото (познати личности, писатели, психолози, луѓе со лични проблеми кои ги решаваа во текот на шоуто) и публиката во нејзиното студио во Чикаго. Како сите успешни брендови, од Кока Кола до Бадвајзер, брендот Опра Винфри имаше автентичност. Дури и пред да постои фразата “реална ТВ”, Опра не се плашеше да им дозволи на луѓето да влезат во нејзината сопствена реалност. Гледачите знаеја како изгледа нејзината куќа. Тие беа запознаени со нејзиниот сопруг, готвач и нутриционист. Тие знаеја се за нејзиното држење диети со јо-јо ефект, бидејќи целото шоу беше посветено на тоа. Таа набргу стана гласот на средната класа во Америка, како што нејзиниот годишен приход се приближуваше до знакот за милијарда. Самото шоу доби вкупно 38 Еми награди.
Брендот Опра, освен тоа што беше заснован на нејзината харизма, беше изграден врз основа на здраво чувство за бизнис. Како продуцент на нејзиното сопствено шоу, таа се погрижи тоа никогаш да не биде премногу едноставно или премногу чувствително, дури и кога појавата на други ток шоуа како оние на Џери Спрингер и Рики Лејк го поместија жанрот кон пониските класи. Всушност, нејзиното ТВ шоу и овозможи да влијае врз американското право и да нагласи некои сериозни прашања. Во 1991 год. таа бараше Американски национален закон за заштита на децата, за да основа национална база на податоци на осудени злоставувачи на деца. Две години подоцна претседателот Клинтон го потпиша законот кој стана познат како “Закон на Опра”. Така, преку упорноста и непоколебливоста, најпрвин стана влијателна, а со тек на времето и моќна.
Меѓутоа, она што ја издвојува е нејзиното чувство за бизнис. Таа основаше масивна деловна империја под името Харпо (“Опра” напишано обратно), која не само што ја продуцира нејзината телевизиска работа, туку има и оддели во филмските (вклучувајќи и партнерство со Дизни) и печатените медиуми. Навистина, таа од секогаш беше решена никогаш да не биде врзана со една форма на медиум. Таа не само што успеа во кино и на телевизија, туку и во областа на списанијата со лансирањето на Магазинот Опра (објавен од страна на Харпо Принт). Опра е бренд кој добро се преведува меѓународно, бидејќи нејзиното телевизиско шоу беше продадено на над сто различни канали во светот, а нејзиното списание исто така се продава на многу пазари.
Друг показател на јачината на брендот на Опра е нејзиниот Мидас допир, кој додава вредност на скоро се што ќе допре. Нејзиниот домашен готвач има објавено сопствени успешни книги за готвење. Психијатарот од нејзиното телевизиско шоу, др Фил сега има негово сопствено успешно ток шоу. А кога го лансираше Книжевниот клуб на Опра, таа многу лесно успеа да ги претвори романите во бестселери и на тој начин им даде голема поддршка на американските издавачи. Како што продолжуваат да се зголемуваат нејзините потфати во медиумите, брендот Опра останува во добра состојба. Таа се разликува од другите американски ѕвезди кои привлекуваат слични пазари, како што се Марта Стјуард и Роузи Донел, по тоа што нејзиниот живот е релативно без скандали.
Неопходно е да се истакне дека Опра Винфри не е само славна личност, туку и жива икона, титан на општеството во кое живее и дејствува. Метафорично кажано таа е пример за врвно ‘’црно’’ достигнување во ‘’бело’’ општество. Главна нејзина карактеристика е што е голем поклоник е на слободниот говор, за којшто вели дека не само што живее, туку и ‘’свири рок’’. А токму таа е една од најатрактивните и најбараните рок изведувачи, на тој рок на слободното размислување, говорење и дејствување. Самата за себе вели дека е предодредена за големи нешта, и како таква е Дајана Рос, Тина Тарнер и Маја Ангелу во едно. Тоа може да го изјави жена што е полна со самодоверба и сигурна во себе. А и како нема да биде таква кога со своето ток-шоу на телевизијата ги сруши сите рекорди, и постојано во врска со тоа изјавува дека нејзина задача е да победува. Што ќе рече роден победник. Како и да е Опра е првата црна жена милијардерка во светот, и позната и славна жена која се стекна со статус на културна икона и светица.
(продолжува)
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ЕУ: Украина има законко право да се…
Портпаролот на Европската унија, Петер Стано, коментирајќи…
САД се налутија: Косово ги загрозува можностите…
Соединетите Американски Држави оценија дека со континуираните…
Се огласија од Бугарија: Мицкоcки манипулиpа, има…
Националното претпријатие за железничка инфраструктура, кое е…
Се јави Медведев и тоа со закана,…
Русија треба да ја направи својата специјална…
Американската амбасада не сака да го коментира…
„Ги видовме извештаите и нема да коментираме…