Објавено на:

Северна Кореја подготвува испраќање до 50.000 војници во Русија: што би значело тоа за војната во Украина?

t

Северна Кореја се подготвува за масовно зголемување на бројот на војници што ќе ѝ помогнат на Русија во војната против Украина,  при што на руска територија би можеле да бидат распоредени до 50.000 севернокорејски војници, тврди украинскиот претседател  Володимир Зеленски, а пренесува Дојче Веле.

Кон крајот на јули, украинскиот лидер изјави дека  Русија има намера да доведе уште 30.000 севернокорејски војници, а минатиот викенд додаде дека Пјонгјанг донел одлука меѓу 30.000 и 50.000 Севернокорејци да бидат распоредени на руска територија. Тој не прецизираше дали оваа бројка ги вклучува и севернокорејските сили кои веќе учествуваат во конфликтот.

Во изјавите објавени викендов, Зеленски предупреди и дека Северна Кореја стекнува драгоцено искуство во модерното војување. Истовремено, тој ја повика Јужна Кореја да ја засили соработката со Украина во областа на противвоздушната одбрана и беспилотните летала. Само два дена подоцна, Зеленски изјави дека Русија добила нова испорака на севернокорејски балистички ракети, кои наводно биле употребени во напад врз Запорожје.

Севернокорејските сили претрпеа големи загуби во Украина

Русија и Северна Кореја потпишаа договор за одбрана во летото 2024 година , а неколку месеци подоцна Пјонгјанг започна да испраќа борбени единици во Русија. Аналитичарите проценуваат дека досега биле распоредени меѓу 14.000 и 15.000 лица, претежно во областа Курск.

Подоцна, Северна Кореја се согласи да испрати дополнителни 6.000 деминери и воени градежни работници. Според властите во Јужна Кореја и Украина, Пјонгјанг исто така ја снабдува Москва со милиони артилериски гранати и балистички ракети. Јужнокорејските разузнавачки служби проценуваат дека околу 6.000 севернокорејски војници биле убиени или ранети.

Во четвртокот, јапонската агенција „Кјодо њуз”, повикувајќи се на украинското воено разузнавање, објави потврда за претстојното значително зголемување на бројот на севернокорејски сили. Според украински извори, до крајот на ноември во Русија би можеле да бидат распоредени до 50.000 севернокорејски војници.

Се наведува дека тие би ги презеле задачите во руските региони Курск, Брјанск и Белгород, со што би се ослободиле руски единици за операции на фронтот во Украина.

Се чини дека ова сценарио станува реалност

Јужнокорејскиот пратеник Ју Јонг Вон за Дојче Веле изјави дека воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја станува сè поинтензивна.

Ју е поранешен воен новинар кој ја посетил Украина во 2025 година и повторно во февруари оваа година. Тој рече дека за време на неговата последна посета слушнал тврдења за можното масовно распоредување на севернокорејски сили.

„Загрижен сум затоа што се чини дека ова сценарио станува реалност”, изјави тој за Дојче Веле.

Ју посочи дека бројка од 30.000 до 50.000 војници би била значително поголема од првичниот контингент од околу 20.000 војници и придружни сили.

„Дали навистина ќе дојде до дополнително распоредување од такви размери останува да се види”, рече Ју, додавајќи дека континуираното продлабочување на соработката меѓу Пјонгјанг и Москва бара поголемо внимание од страна на владата и армијата на Јужна Кореја.

Дали Севернокорејците ќе ги ослободат руските сили за фронтот?

Хан Ки Бум, поранешен заменик-директор на Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја, исто така повика на претпазливост.

„Украина првично говореше за дополнителни 30.000 лица, а потоа проценката ја зголеми на 50.000 без да објави детални докази за планираното распоредување”, изјави тој за Дојче Веле.

Според Хан, Северна Кореја располага со доволно човечки ресурси за да реализира вакво распоредување без значително да ги ослаби сопствените одбранбени капацитети.

„Иако војната во голема мера е во ќор-сокак, секоја држава што води долготрајна војна ќе чувствува недостиг од човечки ресурси”, оценува Хан.

Тој додава дека севернокорејската пешадија би можела да ги обезбедува руските позадински позиции, што ќе овозможи повеќе руски војници да бидат префрлени на фронтот во Украина.

Руски функционери во повеќе наврати позитивно зборуваа за севернокорејските војници.

„Од ваквата соработка корист има и Северна Кореја. Нејзините сили стекнуваат искуство во војување во 21 век, а воедно тестираат оружје во реални борбени услови. Подлабоката соработка може да ѝ овозможи на Северна Кореја поголем пристап до руско знаење во областа на ракетната технологија, поморските системи и противвоздушната одбрана”, вели Хан.

Безбедносниот експерт проценува дека од околу 6.000 севернокорејски жртви, приближно 2.000 би можеле да бидат загинати.

„Се верува дека меѓу 1.000 и 2.000 борци и инженери се вратиле дома, при што ветераните и семејствата на загинатите наводно добиле станови и други поволности”, додава Хан.

Според него, севернокорејските сили претрпеле тешки загуби на почетокот, но станале поефикасни како што се прилагодувале на условите на бојното поле.

„Нивниот агресивен стил на борба можеби објаснува зошто Путин и други руски претставници ја пофалија нивната храброст”, рече Хан.

И севернокорејски жени заминуваат во Русија

Ан Чан Ил, директор на Светскиот институт за студии за Северна Кореја и поранешен севернокорејски војник, смета дека „распоредување на 50.000 војници е воено изводливо“ и дека Пјонгјанг би испратил „елитни сили за специјални операции“.

„Севернокорејските специјални сили се особено вешти во извидување, изненадни напади и заседи, а своите борбени способности веќе ги покажаа на фронтот во Курск, што ги прави привлечни за руската армија“, изјави Ан, кој пребегал од Северна Кореја во 1979 година.

Тој додава дека доколку бидат испратени 30.000 војници, контингентот најверојатно нема да биде составен само од специјалци, туку и од пешадија, инженери, градежни работници и женски медицински персонал.

„Неодамна беа забележани севернокорејски жени кои заминуваат за Русија, но сè уште не е јасно дали се испраќаат за реконструкциски работи или како медицински персонал“, рече тој.

Ветераните би можеле да донесат драгоцено борбено искуство во Северна Кореја

Според Ан, преживеаните војници би можеле да донесат вредно борбено знаење назад во  Северна Кореја.

„Некои од нив би можеле да станат подофицери или инструктори и да ги пренесуваат лекциите научени од војувањето со дронови, извидувачките операции и другите аспекти на конфликтот во Украина низ целата армија“, вели тој.

Сепак, Ан предупредува и на потенцијалните ризици за режимот во Пјонгјанг.

„Младите војници се изложени на живот надвор од едно од најизолираните општества во светот. Уште поважно, наглиот раст на бројот на жртви би можел да го отежни претставувањето на војната како успешна приказна“, додава тој.

„Ограничен број загинати војници  може да бидат славени како херои. Но, десетици илјади загинати и ранети би можеле да остават зад себе ожалостени семејства и воени инвалиди, претворајќи го борбеното искуство на Северна Кореја во внатрешен товар за државата“, заклучува Ан.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Северна Кореја подготвува испраќање до 50.000 војници…

Северна Кореја се подготвува за масовно зголемување…

Нов Зеланд ја повлече поддршката за Инфантино

Нов Зеланд се приклучи кон земјите кои…

40 повредени од кои седуммина на респиратор…

Вкупно 40 лица повредени во големиот пожар…

Шест активни пожари низ Македонија, два под…

На ден 14.08.2026 година, до 13:00 часот,…

Град Скопје: На 18 август ќе спроведе…

Скопје на 18 август ќе спроведе терестрична…