Серафимовски: Очекуваме просечната откупна цена на тутунот да надмине 420 денари за килограм
Просечната откупна цена на тутунот од годинешната реколта се очекува да надмине 420 денари за килограм, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, во обраќањето на денешниот Форум за ориентален тутун на Меѓународната асоцијација на тутунопроизводители (ITGA) во Прилеп.
„Министерството ја координира подготовката на откупот за да се обезбедат прецизни договорни услови, транспарентна проценка и навремено исполнување на обврските од страна на откупувачите. Ве уверувам дека надлежните служби доследно ќе ги применуваат законските овластувања и ефикасно ќе постапуваат во заштита на правата на производителите“, истакна министерот Серафимовски.
Тој најави дека, како дополнување на приходот од продажбата, тутунарите можат да очекуваат субвенции од 80 денари по килограм за прва класа, 70 денари за втора и 60 денари за трета класа, издвојувајќи ги економската одржливост на стопанствата и вреднувањето на квалитетот како приоритети во спроведувањето на Стратегијата за производство на тутун за периодот 2021–2027 година.
„Високите температури и сушата влијаат врз приносот и својствата на листот на тутунот, особено кога овие климатски фактори дејствуваат истовремено. Затоа приспособувањето кон овие промени ќе го вградуваме во планирањето на производството, со препораки кои ќе се засноваат на научни сознанија и локални мерења“, рече министерот Серафимовски, притоа нагласувајќи ја соработката со Научниот институт за тутун во Прилеп и со Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје во креирањето на развојни политики како одговор на предизвиците кои произлегуваат од климатските промени.
Осврнувајќи се на економското значење на секторот, тој посочи дека тутунопроизводството ангажира приближно 18.000 земјоделски стопанства, а извозот на тутун и преработки од тутун создава годишен девизен прилив од околу 140 до 150 милиони евра, посочувајќи дека развојните политики се спроведуваат со целосна почит кон политиките за јавно здравје и меѓународните обврски на државата.
„Мерките за поддршка ќе ги усогласуваме со движењата на пазарот, а на тутунарите навреме ќе им обезбедуваме информации за побарувачката и условите за откуп, за полесно да ги планираат површините што ќе ги засадат, а со тоа и потребните вложувања“, порача министерот Серафимовски.
Форумот за ориентален тутун во Прилеп го организираа ITGA и Сојузот „Мака на тутуноберачите“, а на него учествуваа тутунопроизводители и претставници на Меѓународната унија на производители на тутун (UNITAB), научната заедница и откупувачи на тутун.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Серафимовски: Очекуваме просечната откупна цена на тутунот…
Просечната откупна цена на тутунот од годинешната…
Цената на златото нагло падна на најниско…
Во текот на тргувањето, берзанската цена на…
Цените на становите во Скопје пораснаа за…
Цените на недвижностите во Скопје продолжуваат да…
Од следната недела значително намалување на цените…
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави оти по…
Наместо пари, тутунарите добија извинување: Исплатата на…
Наместо пари тутунарите добија извинување од претседателот…