Се деконтаминира „Вардариште“ за осум месеци ќе никне трева
Процесот на „одгасување“ на поранешната депонија „Вардариште“ е завршен и на средината од месецов ќе се спроведат активности за нејзина деконтаминација. На последниот состанок во просториите на Град Скопје, претставниците од „Стоп за Вардариште“ биле информирани дека нема Град Скопје да ја спроведува деконтаминацијата, туку Владата, а Градот ќе помогне доколку е потребно тоа.
Како изведувач била најавена германската компанија WTE, која работи и на проектот за пречистителната станица, додека надзорот ќе го врши француска компанија. За таа цел се одобрени 7,5 милиони евра за довршување на колекторскиот систем и уште 2,5 милиони евра за деконтаминацијата на „Вардариште“.
Проектот за деконтаминација предвидува да биде опфатена површина од околу 600.000 квадратни метри. Притоа, ќе се вршат ископување и отстранување на отпадот, транспорт и префрлање на отпадот во „Дрисла“, како и заштита на подземните води. Планирано е целиот процес на деконтаминација да заврши до март следната година. Градските власти ветиле дека ќе го информираат Здружението „Стоп за Вардариште“ за секој чекор.
Според резултатите од лабораториските анализи на составот на депонискиот гас, изработени од српската фирма „Заштита – Београд“, измерените концентрации на метан не се на толку високо ниво што би можело да го попречи или забави процесот на деконтаминација, како и дека добиените резултати се охрабрувачки. Главниот заклучок од извештајот бил дека не е целосно стабилизирана депонијата во поглед на присуството на депониски гас, дека присуството на метан и на јаглерод диоксид укажува дека сè уште траат процесите на разградување на органската материја и дека може да продолжи биолошката активност и по престанокот на фрлањето отпад.
Од Град Скопје истакнаа дека е планирано овој простор да прерасне во голем парк.
– Целта е да се претвори просторот во зелена површина за одмор, рекреација и за поквалитетен живот на граѓаните – потенцираат градските власти, нагласувајќи дека првпат досега не бил забележан пожар на „Вардариште“, благодарение на 24-часовното присуство на Инспекторатот на Град Скопје.
Според најавите од Градот, ЈП „Улици и патишта“ добило задача да го изработи проектот за паркот. Проектот треба да биде готов на почетокот од следната година и да биде јавно презентиран. По започнувањето на реализацијата, оформувањето на паркот би требало да трае од седум до осум месеци. Притоа, граѓаните ќе можат да дадат предлози за идното уредување на просторот.
Во врска со претходно планираното иселување на жителите од „Вардариште“, кое требаше да се случи пред неколку месеци, тоа било одложено до создавање на сите неопходни услови за негово спроведување. Градоначалникот Орце Георгиевски најавил дека ќе се настојува да се придвижи и заврши процесот што поскоро и ветил соодветен третман за згрижување на луѓето што живеат таму.
Во однос на модернизацијата на депонијата „Дрисла“, од Град Скопје објаснуваат дека е во тек изработка на анализа за утврдување на најисплатливиот и долгорочно одржлив модел за управување и третман на отпадот.
– Во оваа фаза се анализираат странските искуства, по примерот на моделот што се применува во Љубљана. Конечниот избор и следните чекори ќе бидат утврдени врз основа на резултатите од анализата. За понатамошните активности и за динамиката на реализација јавноста ќе биде навремено информирана – нагласуваат градските власти.
Рамка: Зголемен износот на субвенции за ЈП „Дрисла“
Град Скопје наместо 22.500.000 денари, предвидува на ЈП „Дрисла“ да му даде 30.500.000 денари. Предлогот за изменување на одлуката за субвенционирање на ЈП „Дрисла“ е на дневен ред на седницата на Советот на Град Скопје што ќе се одржи денеска со почеток во 11:00 часот.
Во образложението на предлог-одлуката се наведува дека се покажало оти првично определените 22.500.000 денари за тешкотии во работењето нема да бидат доволни, па согласно со тоа се наметнала потреба за зголемување на износот за субвенционирање.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Се деконтаминира „Вардариште“ за осум месеци ќе…
Процесот на „одгасување“ на поранешната депонија „Вардариште“…
Гаши од Рокас го прими Извештајот на…
Претседателот на Собранието, Африм Гаши попладнево од…
Парите никогаш не биле во трезорот: Околу…
Најголемиот дел од околу 390 милиони евра…
(Видео) Поради хороскопот и „ретрограден Меркур“, министерката…
Невообичаената видеообјава на министерката за образование и…
По затварањето на Алта банка во Србија…
Менувачниците во Србија продале речиси 745 милиони…