Објавено на:

Се огласи поранешниот селектор Ангеловски: „Сејдини да се извини за сета штета и да си даде оставка заедно со селекторот!”

t

Три дена после историската бламажа на Македонија, срамот на „Олд Трафорд“ со седум гола во мрежата од Англија (0-7), како кулминација на назадувањето на фудбалската репрезентација од Палермо наваму, прв меѓу најповиканите за став е поранешниот кормилар Игор Ангеловски, најуспешниот македонски селектор, кој после Мундијалот во Катар во декември лани првпат јавно проговори за хаосот кој се случува во националниот тим.

Ангеловски е човекот кој со Македонија ги испиша најубавите моменти со пласманот на едно Европско првенство, но си замина веднаш по настапот на континенталниот шампионат.

Претходно имаше бурен период и натегања со раководството на ФФМ за новата соработка за која доби шестмесечен договор колку да го одработи историскиот настап. Ангеловски ја водеше Македонија пет ипол години во 53 меча, запиша 32 победи, 11 ремија и 19 порази и над сѐ, ја однесе Македонија на едно големо натпреварување.

Три дена по катастрофата на „Театарот на соништата“, кој за нас беше најголем кошмар, Ангеловски посочува дека очекувал дека некој ќе преземе одговорност, но…

„Најпрво би сакал да кажам дека во изминативе три дена мислев дека некој од Фудбаласката федерација на Македонија (ФФМ) ќе превземе одговорност. Во ваква ситуација претседателот треба да излезе пред јавноста да се извини за направената штета, да каже дека нема капацитет да ја води фудбалската федерација што е повеќе од очигледно и – да поднесе неотповиклива оставка заедно со раководството и селекторот! Историската бламажа која Македонија ја доживеа од Англија со 0-7 е последица на дебаклот во натпреварите од Лигата на нации каде завршивме трети сѐ до последниот натпревар со Англија“, вели Ангеловски.

По дебаклот во Манчестер, актуелниот селектор Благоја Милевски ѝ се извини на нацијата, призна дека негова е вината, но тоа што сите го очекуваа во вид на оставка како чин на презема одговорност не се случи, зашто тој „посочи дека не е кукавица да се повлече на првата пречка“. Од ФФМ, пак, ни збор за историскиот срам.

„Одговорноста е лична карактерна особина. Или ја имаш или ја немаш. Во случајов со Милевски лична одговорност не чувствува. Дали е свесен дека легитимитетот за функцијата што ја обавува се резултатите“, се прашува Ангеловски.

Па, бившиот македонски селектор го прашавме, што тој ќе направеше во ваков случај, при тотален дебакл со 0-7. Дали веднаш ќе поднесеше оставка ако беше на местото на Милевски?

„Се разбира, затоа што тогаш го доведувате во прашање вашиот кредибилитет како тренер пред вашиот стручен штаб и репрезентативците. За неколку месеци повторно треба да ги погледнете во очи истите тие луѓе и да излезете на терен пред навивачите. Можете да избегнете прес конференција, но пред навивачите треба да се појавите или на трибини заради недолично однесување или на терен“, потенцира Ангеловски.

Македонија против Англија не само што доживеа дебакл, туку начинот како одигра е уште помизерен, без шут, без корнер, со само три напади во 90 минути. Веќе подолго време како еден од изговорите за слабите резултати е и неиграњето на најголем дел од фудбалерите во континуитет во своите клубови.

„Овој резултат со црни букви ќе биде запишан во нашата фудбалска историја. Што се однесува до начинот како се одигра мечот, подготовката за еден натпревар е процес кој има причинско-последични врски. Тоа се покажа и на овој натпревар каде што и статистички поминавме лошо. Вината за овој дебакал е кај селекторот и тука нема дилеми. Играчите се 80 отсто истите од пред две години. Тоа се интелегентни момци кои биле ставени пред големи предизвици и успеале да се изборат за пласман на Еуро 2020. Филозофијата како го поима фудбалот сегашниот селектор морам да признам на сите тешко ни оди, но тоа не е за чудење затоа што имал и претходни епизоди кога ги навреди сите поранешни селектори и играчи кои нешто направиле за македонскиот фудбал. 

И во времето на моето селекторување дел од играчите немаа доволно минутажа во своите клубови, но секогаш кога играше македонската репрезентација се ставаа во функција на националниот дрес. Во денешно време на модерен фудбал кога сите параметри ги имате на располагање, подготовката за еден натпревар, а тука мислам на работна атмосфера, минутажа, тактика, измени и сѐ што треба да има еден натпревар кога игра репрезентација, се одлука и одговорност на селекторот“, вели Ангеловски.

Најголем дел од јавноста веќе подолго време, уште од ланското лето и лошиот настап во Лигата на нации, го поставува прашањето што се случи со националниот тим? Од селекција која играше на ЕП, која живееше мундијалски сон, да дојде во ситуација да биде за потсмев. Ангеловски вели дека одговорот лежи кај тие што ја водат ФФМ.

„На ова прашање одговор треба да дадат оние кои ја водат Федерацијата и репрезентацијата. Навистина покажаа ‘неверојатна умешност’ за неполни две години и срушија сѐ што се градеше изминатите години. За ова треба да им се ‘честита’“, потенцира Ангеловски.

На крај, веќе три дена македонската јавност бара враќање на Ангеловски и на легендарниот капитен Горан Пандев кој се пензионираше после Еуро 2020.

„Од судот на јавноста неможете да избегате. Јавноста е неверојатно способна да дијагностицира и дефинира луѓе кои се вакви или онакви“, дипломатски одговори Ангеловски.

Извор: Спорт1.мк

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонките се мажат најмлади во регионот, на…

Жените во Македонија најмлади стапуваат во брак…

ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА И СО…

Пратениците денеска го изгласаа Изборниот законик, со…

Исчезна 14-годишната Ринеса: Ако имате било каква…

Новинарот Фуркан Салиу, објави дека е исчезнато…

Европскиот план за развој на Западен Балкан…

САД ја поддржуваат ЕУ во намерата да…

Пендаровски-Османи: Заеднички напори за стабилност во регионот

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Приштина, во…