Се смирува ситуацијата со пожарот на Халкидики: По морски пат биле евакуирани 481 лице
Состојбата со пожарот на Халкидики синоќа била подобрена, а по морски пат било евакуирано 481 лице, информира директорот за стратешко планирање и комуникации во Противпожарната служба на Грција, Василис Ватракојанис.
Огнената стихија зад себе остави изгорена шумска површина, зафати и домови и возила, полесно се повредени двајца пожарникари, додека гаснењето продолжи и во текот на ноќта.
Противпожарните сили биле дополнително зајакнати и интервенирале 227 пожарникари со 13 пешадиски тима и 57 возила, меѓу кои 12 пожарникари со три возила од Молдавија, кои се наоѓаат во Грција во рамките на програмата преку европскиот механизам за цивилна заштита.
Сè до заоѓањето на сонцето од воздух се гаснело со девет авиони и со седум хеликоптери.
Со чамци и бродови на крајбрежната и противпожарната служба, со приватни и рибарски чамци, но и со траект што сообраќа од Солун до островите од групата Споради, вкупно 481 лице, туристи и жители успешно, по морски пат биле евакуирани од Сивири.
Според податоците од крајбрежната служба на Грција, 285 лица од плажата во Сивири биле безбедно пренесени во марината во Сани, додека пак 196 лица со траектот „Спидранер“ што сообраќа од островите Скијатос, Скопелос и Алонисос до Солун се префрлени во Солун.
Сивири е целосно евакуирано, а според информациите, уште не е дозволено никој да се врати во градот. Во прекин е сообраќајот во поширокиот регион.
Пожарот избувна околу 14 часот по локално време и брзо се прошири, а од бројот 112 за итни случаи беа испратени четири пораки до оние кои се во поширокиот регион, а три беа за евакуација на Сивири и Фурка.
Оние кои не го напуштиле Сивири по копнен пат, биле евакуирани од плажа, земајќи ги со себе само основните неопходни работи.
Акцијата за евакуација ја воделе крајбрежната и противпожарната служба на Грција и ангажирани биле патролни бродови, чамци од двете служби, најмалку девет приватни чамци, а во Сивири, превентивно останале неколку патролни бродови, исто како и на плажата во Фурка.
Од Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција соопштија дека функционира специјална платформа од Министерството за туризам во соработка со Грчката хотелска комора за привремено сместување на лицата погодени од шумскиот пожар: https://emergencyhotels.civilprotection.gr/Application/NewAppl?evId=e23298e4-7178-4666-891b-20066ab5416a
Во поширокото подрачје на пожарот распределени се шест возила на брза помош, една мобилна медицинска единица, две возила и три мотоцикли за итна интервенција, со спасувачки и медицински персонал а сите сили се во зголемена оперативна готовност за доколку биде потребно пружање медицинска помош.
Од Министерството за надворешни работи информираа дека преку дипломатско-конзуларното претставништво во Солун, внимателно го следат развојот на состојбата.
– За дополнителни информации и итна помош, на располагање се дежурниот телефонски број на Министерството +389 75 268 736, електронската адреса [email protected], како и дежурните телефонски броеви на Конзулатот на Република Северна Македонија во Солун: +30 694 526 8068 и +389 71 323 001 – наведоа од МНРиНТ.
Од Министерството апелираат до македонските државјани кои се наоѓаат во засегнатите подрачја внимателно да ја следат состојбата и да ги почитуваат упатствата и насоките на надлежните локални власти.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Се смирува ситуацијата со пожарот на Халкидики:…
Состојбата со пожарот на Халкидики синоќа била…
Татјана Бошков избрана за претседател на НО…
Ново лице застанува на чело на Надзорниот…
Ќе нема струја со часови – Исклучувања…
Денеска повеќе населени места и делови од…
(Видео) Страшен пожар кај Омиш во Хрватска.…
Големиот пожар кој вчера вечерта избувна во…
Локално невреме попладне: Се очекуваат силен ветер…
Денеска времето ќе биде променливо облачно со…