Силна бура зафати дел од Шпанија — камења и кал затрупаа коли, загинаа две жени, две бебиња се повредени
Поплава и свлечиште предизвикани од поројни дождови вчера усмртија две повозрасни жени и повредија две бебиња во руралниот северозападен дел на Шпанија, соопштија властите.
„Потврдена е смртта на две жени, на возраст од околу 60 и 80 години“, соопштија итните служби на регионот Кастиља и Леон по несреќата во малото село Мансанедо де Валдуеса.
Оттаму додаваат дека две бебиња биле згрижени поради модринки, додека, пак, „третото лице кое се водело како исчезнато, маж на возраст над 80 години, е пронајдено неповредено“.
На местото на несреќата биле испратени пожарникари, полиција, екипи на Итната медицинска помош и припадници на Цивилната гарда. Снимките од спасувачки хеликоптер покажуваат дека селото е опкружено со ридест и пошумен терен.
Локалните медиуми објавија фотографии на кои се гледа сива маса од камења и кал што поминала низ селото и целосно затрупала автомобил.
Градоначалникот на блискиот град Понферада, Марко Морала, изјави пред новинарите дека „силните бури во ридовите предизвикале голем нанос од камења, кал и тиња“, што довело до смртта на двете жени.
Невремето предизвикало и материјална штета во соседното село Бусас, додаде Морала.
Поплавата, која се случила за време на државен празник, доаѓа во период кога Шпанија со недели се соочува со екстремни временски услови од сосема поинаков тип — топлотни бранови и шумски пожари.
Покраината Леон, во која се наоѓа Мансанедо де Валдуеса, во 2025 година беше погодена од некои од најтешките шумски пожари во Шпанија. Таа година беше рекордна според бројот на изгорени хектари во земјата, според податоците на Европскиот информациски систем за шумски пожари.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во поплавите во Истанбул загинаа најмалку три…
Најмалку три лица загинаа во поплавите предизвикани…
Невреме и бури ја зафатија Шпанија, во…
102-годишна жена загина, а околу 90 лица…
Макрон и Санчез го поддржуваат можното враќање…
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека…
Италија ја продолжува суспензијата на Шенгенскиот договор…
Италија ја продолжи суспензијата на Шенгенскиот договор…
Поранешна шпанска министерка: Сеута беше „хибриден напад“…
Масовното влегување на околу 80.000 мигранти од…