Синдикат за градежништво: Стравуваме дека може да дојде до колапс на градежниот сектор

t

Синдикатот за градежништво предупредува дека македонските компании се потешко успеваат да ги исполнат обврските од договорите бидејќи треба да работат според понудени цени од пред неколку години, додека во меѓувреме речиси секојдневно се покачуваат цените на градежните материјали.

Фактот дека нема измена во условите на договарање со државните институции, односно цените остануваат фиксни, ги одвраќа од започнување на какви било следни проекти, а не се ретки ни случаите каде се откажуваат и од работите кои веќе претходно биле договорени бидејќи од старт треба да работат со загуба од најмалку 70%.

„Нашиот страв, како синдикат е дека може да дојде до колапс на секторот, до затворање на тие фирми и оставање на улица голем број вработени“, вели за „Локално“, Иван Пешевски – претседател на Синдикатот за градежништво.

Посочува дека е неопходно да се разликува градежништвото од инвестирање во станови кои се продаваат според цените на пазарот.

„Станува збор за капитални објекти, инфраструктурни проекти коишто траат повеќе од 5 години. Не можете денес за 5 години да договорите цени за кои ќе се држите фиксно, без да очекувате промена на цените на градежните материјали“,вели Пешевски.

Како единствено решение ја посочува можноста на компаниите да ми се понудат договори со клизна скала на цени.

„Тоа би значело дека во случај на поскапување на цените на материјалите, што впрочем сега во континуитет се случува, да имаат разбирање и договорот да се рефинансира со анекс, да се добуџетира, за да не остане нешто недоградено“, категорични се во синдикатот, посочувајќи дека иако ваквиот тип договори се вообичаени во странство, досега не успеале да добијат каков било одговор од Владата.

Се поголем број е на фирмите кои не се јавуваат на јавните огласи на државните институции за вршење на разни изведувачки работи и услуги?

-Тој проблем се манифестира во сите сфери, но најмногу се чувствува во доменот на јавни набавки, особено ако го земеме предвид градежниот сектор како двигател на економијата и носечки столб со преку 7% од вкупниот број вработени во државата ( со ангажирани преку 50.000 работници). Имаме информации дека градежните компании најмногу се соочуваат со проблемот што цените во последните месеци неколкукратно се покачија, а договорите не се променија.Она што нас како синдикат не загрижува е да не дојде до бришење на голем дел од тендерски документации и поништување на тендери, со што би можеле да останеме и без вработување во тие компании.

Што може во оваа насока да се стори и какви би биле алернативните решенија? Дали можеби побаравте помош од Владата?

-Имавме заедничка активност што ја имавме заедно со Здружението за градежништво при Стопанска комора кога побаравме итни средби со Владата ( со вице премиерот за економски прашања) и Министерот за транспорт и врски, но ниту една не се реализира. Она што загрижува е дека во тековните јавни набавки има проекти кои се реализираат 3, 5 и повеќе години и се со фиксни цени.Компаниите кои работат во услови на непроменети цени договорени пред неколку години немаат можност да ја коригираат цената бидејќи дури и таму кадешто има пропишано клизна скала, истата не функционира. За разлика од кај нас, во високо развиените земји доколку се променат цените над 10% реагира и другата страна, во случајот Владата доколку обезбеди работа на тие компании. Во изминатите месеци цените на железото, челикот, цементот.. се покачија за 35% и повеќе, некаде дури за 95%. Здружението регистрираше дека цената на челични профили и цевки пораснала за 33% за првото тромесечие, додека дополнителни 33% во второто, со што до крајот на годината вкупното покачување ќе биде 95%. Истото се случува и во однос на цените на термоизолација, геокомпозит, оплата, се покачи и цената на работната сила.

И покрај сите овие фактори, од другата страна не наидовме на разбирање да се воведе клизна скала и да се коригираат цените.Не може да очекуваме во време на пандемија и светска економска криза предизвикана од војната во Украина да имаме исти цени во договорите какви што биле на почетокот, бидејќи како што веќе споменав тие драстично се менуваат и тоа не од месец во месец, туку од ден во ден. Оттука, кај јавните набавки кои не се започнати компаниите имаат доза на страв да склучат каков било договор бидејќи не добиваат разбирање од другата страна за тоа дека ако дојде до корекција на цените на одредени работи, треба да резултира со заедничка, двонасочна корекција.Секако, доколку дојде до намалување на цените, компаниите би биле обврзани и тие да ги намалат или корегираат цените надолу.Сепак, ова не се случува бидејќи цените на градежните материјали и на железото одат нагоре, па оттука , голем е стравот особено кај големите градежни компании да отпочнат какви било тендерски документации и отпочнување на проекти од проста причина што ќе треба да работат со загуби.Нашиот страв, пак, како синдикат е дека може да дојде до колапс на секторот, до затворање на тие фирми и оставање на улица голем број вработени.

Што им преостанува на компаниите во овие услови и генерално, колкав е нивниот маневарски простор?

-Компаниите вопшто не почнуваат да договараат нова работа, а не започнуваат ни со проектите кои претходно биле договорени бидејќи од старт треба да работат со загуба од најмалку 70%. На сето ова треба да ја додадеме можноста од дополнителни усложнувања од страна на правниот и економскиот систем, па во такви услови едната страна одлучува да тужи, а другата страна за која имаме разбирање не почнува да гради бидејќи од старт не и се исплати по тие услови.Затоа е неопходна итна средба и тоа на највисоко ниво за да се најде заеднички јазик и конечно да се прифати таа клизна скала. Тоа би значело дека во случај на поскапување на цените на материјалите , што впрочем сега во континуитет се случува да имаат разбирање и да се рефинансира со анекс тој договор, да се добуџетира за да не остане нешто недоградено.Ќе ви го наведам како пример автопатот Кичево- Охрид каде цените на почетокот и сегашните немаат никава корелација. Сите рокови беа пробиени заради други причини, но секако дека автопатот нема да се заврши доколку остатанат истите цени како во првичните договори. Мислам дека Владата ќе има слух за некои од градбите кои се приоритетни , во договорите да вметне повисоки цени согласно моменталните, но повторно ќе напоменам, не знаеме колку ќе се покачи цената и на пластиката,арматурата, железот, бетонот итн..

Кога велите градежништво , на кој дел од овој сектор мислите?

-Сакам да посочам дека многу луѓе кај нас мешаат градежништво и инвестирање во станови. Тие за мене не се градежни компании кои градат станови, туку се инвеститори кои однапред ги земаат парите, а потоа ги продаваат по цени кои ги диктира пазарот.Тие никогаш не се во загуба бидејќи квадратен метар станбена површина од 800-1000 евра се искачи на 2000 евра, а сепак повторно има побарувачка на станови. Пристапот кон инфраструктурните објекти коишто се двигатели за градежниот сектор и економијата во државата останаа непроменети и навистина не знам кои компании ќе конкурираат на следните тендери на кои од другата страна нема да бидат заштитени .

Оттука, што и како со оние компании кои веќе ги реализираат договорите кои склучени пред неколку години?

-Како социјален партнер не сакаме да дојде до затворање на одредени компании и губење на работните места. Тие секако ова го имаат разгледувано и во рамки на Организацијата на работодавачи при стопанската комора, но пак ќе напоменам , нема одговор од Власта, особено од Министерот за транспорт и врски.Мора да се најде заеднички јазик и одржлив модул кој ќе дозволи компаниите да бидат заштитени кога ќе почнат со некоја изградба. Станува збор за капитални објекти, инфраструктурни проекти коишто траат повеќе од 5 години. Не можете денес за 5 години да договорите цени за кои ќе се држите фиксно, без да очекувате промена на цените на градежните материјали.

Извор: Локално

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Без договор заврши втората средба меѓу Синдикатот…

Без договор заврши втората средба меѓу Синдикатот…

Со Бела чао и Буџав лебац продолжи…

„Копачите“, „Бела чао“, како и песните на…

Состојбата во градежништвото е алармантна – предупредуваат…

Над 160 компании алармираат за проблеми во…

Санкциите ѝ се удрија од глава: Германското…

Градежната индустрија во Германија веќе ги чувствува…

Синдикатот на администрација и државна управа бара…

Синдикатот на администрација и државна управа (САДУ)…