Сиљановска-Давкова до првачињата: Инвестирајте во себе!
„Нема подобра инвестиција од онаа во знаењето“, им порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на првачињата, посакувајќи им успешен почеток на школувањето.
Сиљановска-Давкова заедно со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, присуствуваше на првиот училиштен час на првачињата во ООУ „Св. Климент Охридски“, со што беше одбележан почетокот на новата учебна година.
Обраќајќи им се на најмладите ученици, претседателката ги повика да учат, да бидат љубопитни и да поставуваат прашања, нагласувајќи дека знаењето ќе им помогне да бидат посамостојни и да имаат поголемо разбирање за светот околу себе.
– Колку повеќе ќе знаете, толку повеќе ќе разбирате, толку ќе бидете потолерантни и посамостојни. Затоа инвестирајте во себе. Учете. Нема подобар пријател од книгата, порача Сиљановска-Давкова.
Таа им порача на првачињата да се натпреваруваат не само за оценки, туку пред сè, за знаење и успех, да бидат љубопитни и критични и да развиваат другарства со соучениците и наставниците.
– Бегајте од насилството. Бидете другари со наставниците и развивајте другарство со учениците, им порача претседателката.
Сиљановска-Давкова, која е родена во Охрид, истакна дека и самата би сакала да се врати во детството и да се запише во училиште со таков амбиент и резултати, а се осврна и на учителската професија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сиљановска-Давкова побара помош од дијаспората во спречувањето…
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на…
Претседателката Сиљановска Давкова ќе ги прими поглаварите…
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе ги…