Сиљановска-Давкова: Нека нишката што ја започнаа браќата Манаки продолжи да се ткае и ткае, со знаење, вештина, храброст и вечна љубов кон уметноста
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, го прогласи за отворено 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и ја врачи наградата „Златна камера 300“ на годинашниот лауреат, данскиот кинематографер, Дан Лаустсен, се вели во соопштението од нејзиниот кабинет.
Во своето обраќање, таа посочи дека „Браќа Манаки“ одамна не е само фестивал, туку и културна институција со препознатлив меѓународен авторитет, докажан културен идентитет и долг, духовен и емоционален мост што ја поврзува македонската и балканската кинематографија со светската.

За неа, особено значајно е што меѓу 12-те кинематографери чии филмови се во официјалната селекција се најдоа и два македонски филма, со кои ќе се отворат и затворат 47. издание на Фестивалот, што претставува признание и импулс за македонскиот филм.
Таа укажа дека камерата не е само техничко средство за создавање филмска слика, туку и моќен естетски инструмент и сведок на времето, кој не само што го регистрира и прикажува светот, туку му дава значење и ни овозможува да го разбереме.
Според претседателката, овогодишното мото на Фестивалот „Ткајачи на филм“ е исклучително силна метафора, оти филмот се ткае од светлина и сенка, од боја и движење, од звук и тишина, од вулкански емоции, оригинални идеи и моќни визии, од минатото, сегашноста и иднината, од традицијата и иновацијата, од искуството на големите мајстори и храброста на новите генерации.
„Од пионерскиот подвиг на Јанаки и Милтон Манаки, до современите врвни достигнувања на светската кинематографија, оваа фестивалска приказна се ткае и ткае како драгоцено културно наследство на филмскиот разбој“, рече таа.

Сиљановска-Давкова нагласи дека наша должност е да го поддржиме, сочуваме и продолжиме ова драгоцено наследство, создавајќи услови новите генерации уметници слободно да творат, експериментираат, поставуваат смели прашања и храбро да ги поместуваат хоризонтите на можностите.
Таа потсети дека, и покрај молскавичните промени, дигиталната поплава и модерните визуелни технологии, човекот и неговата емоција остануваат најважните ткајачи на филмските приказни, како што бабите се највештите ткајачки на килими и шехерезади.
„Нека Теона, Тамара, Дина, Косара и Марија поттикнат други авторски таленти и гласови во филмската ткајачка фабрика, нека искуството и мудроста се сретнат со младоста и непослушноста, нека блесне светлата страна на Балканот, Европа и светот и нека помогне во протерувањето на темната!“, порача претседателката.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сиљановска-Давкова побара помош од дијаспората во спречувањето…
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на…
Претседателката Сиљановска Давкова ќе ги прими поглаварите…
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе ги…