Сиљановска: Убедени сме дека Македонија има многу што да им понуди на индиските партнери
Билатералните односи меѓу Македонија и Индија да се кренат на повисоко ново, а економското партнерство да ги достигне нашите политичко односи е заедничка заложба со мојата колешка, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по средбата со претседателката на Индија Друпади Мурму, која е во дводневна посета на земјата.
-Ја изразив нашата искрена благодарност за сè поактивното присуство на Индија во Западен Балкан и во Југоисточна Европа. Ја поздравуваме секоја иницијатива за зајакнување и се надевам на идно отворање индиска резидентна Амбасада во Скопје, изјави Сиљановска-Давкова.
Таа рече дека со колешката од Индија се согласиле дека контактите меѓу двете влади, министерства, парламенти и институции треба да станат почести, подобро структурирани и поамбициозни.
-Денешната средба го потврди обемот на нашата билатерална агенда. Преговорите за бројни договори и меморандуми за разбирање се доказ за силната политичка волја за институционализирање на соработката. Меѓу сите теми за кои разговаравме денес, една особено се издвои: дојде време нашето економско партнерство да го достигне квалитетот на нашите политички односи, изјави шефицата на државата.
Претседателката на Македонија рече дека економската трансформација на Индија е веројатно една од највпечатливите успешни приказни на 21-от век.
-Во текот на само една генерација, Индија прерасна во водечка економска сила во светот, станувајќи еден од глобалните центри на иновациите, дигиталните технологии и претприемништвото. Во исто време, убедени сме дека и нашата држава има многу што да им понуди на индиските партнери, изјави Сиљановска-Давкова.
Таа на заедничката прес-конференција со индиската колешка ја претстави Македонија како важен крстопат на главните европски транспортни коридори, со политичка стабилност, конкурентна деловна клима, добро квалификувана работна сила, преференцијален пристап до европските пазари.
-Ние сме привлечна влезна точка, порта за индиските компании коишто сакаат да го прошират своето присуство во Европа. Не сме само географска, туку сме и раскрсница на идеи, на иновации, на инвестиции и на можности. Во текот на разговорите идентификувавме бројни области во кои нашите економии, а тоа ќе го сторат се разбира многу поквалификувано бизнисмените, можат меѓусебно да се надополнуваат. Од автомобилската индустрија и фармацевството, преку здравството, информатичките технологии, аутсорсингот на деловни процеси, обновливите извори на енергија, земјоделството, прехранбената индустрија, машинството, логистиката и напредното производство. Мислам дека има импресивен спектар на можности што чекаат да се претворат во конкретни проекти, изјави Сиљановска-Давкова.
-Минатата година трговската размена меѓу двете земји достигна приближно 133 милиони американски долари. Далеку е оваа бројка под вистинскиот потенцијал. Поради тоа, со претседателката Мурму го споделив моето уверување дека треба да си поставиме заедничка, поамбициозна, но остварлива цел – во следните пет години билатералната трговска размена да достигне барем 500 милиони американски долари, изјави Сиљановска-Давкова.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Индија се откажа од купување на руските…
Индија го откажа договорот со Русија за…
Работник Ром го пријавил шефот Албанец дека…
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација…
Во Хрватска е уапсен е градежен работник…
Хрватската полиција поднесе кривична пријава против 54-годишен…
360 степени: (Не)скриени актери во Македонија потпалуваат…
Повеќе интернет-портали и фејсбук-страници на македонски јазик…
Сиљановска: Убедени сме дека Македонија има многу…
Билатералните односи меѓу Македонија и Индија да…