Си-Ен-Ен: Американското разузнавање верува дека Иран подготвува планови за детонирање бомба во Вашингтон
Нови разузнавачки информации на САД укажуваат дека Иран подготвува планови за напад врз високи функционери во администрацијата на претседателот Доналд Трамп, со детонирање таканаречена „валкана бомба“ или хемиско оружје во Вашингтон, соопштиле за Си-Ен-Ен седум американски функционери.
Извори запознаени со најновите разузнавачки информации ги опишале иранските планови, барем засега, како обид за создавање можни опции за дејствување, а не како знак дека нападот е непосреден. Сепак, плановите што ги откриле САД се прилично конкретни и вклучуваат одредени локации и цели, изјавиле двајца од изворите, што ги поттикнало американските власти да преземат низа итни подготвителни мерки.
Во изјава, портпаролката на Белата куќа, Лорен Бис, рекла дека САД „ја следат секоја можна закана, но во овој момент нема веродостојни закани за американската територија“.
Сепак, американските функционери ги оцениле овие информации како знак за алармантната подготвеност на Иран да ја ескалира ситуацијата, додека земјата се соочува со силен притисок од континуираните американски воени напади и казнената економска блокада, која високите претставници на администрацијата ја опишале како „разорна“ за земјата.
Според изворите, информациите укажуваат дека официјален Техеран веќе активно планира можни напади на американска територија, иако нема докази дека донел одлука тие да бидат реализирани.
„Дали тие навистина ги имаат потребните лица на терен за да го изведат нападот, останува предмет на дебата“, изјавил еден од изворите.
Додека дипломатските преговори за завршување на конфликтот продолжуваат со тешкотии, претседателот Доналд Трамп минатата недела изјави дека војната ќе заврши „многу брзо“.
Двајца од изворите изјавиле дека во текот на минатата недела функционерите одржале неколку состаноци на кои разговарале за начините за спречување на заканата.
Овие случувања доаѓаат во време кога заканите од Иран ја натерале американската Тајна служба минатата недела да го премести министерот за финансии Скот Бесент во воен станбен објект.
Иранските планови за напади врз актуелни и поранешни американски функционери, вклучително и заговорот за платено убиство на Трамп во 2024 година, постојат уште од неговиот прв претседателски мандат. Тие главно биле насочени кон можности за убиства на американски функционери за време на нивните патувања во странство.
Функционерите предупредиле дека САД се исклучително ранливи на напади со неконвенционално оружје.
Валканите бомби, кои претставуваат комбинација од радиоактивни материјали и конвенционална бомба, се подготвуваат релативно лесно. Иран не би морал нужно да внесува обучени оперативци во земјата преку шверц. Би му било доволно да убеди лице кое веќе живее во САД да го изврши нападот.
Според еден од изворите, американското разузнавање пресретнало ирански комуникации во кои се тврди дека официјален Техеран сокрил материјали за изработка на бомби на американска територија.
Функционерите имаат поделени мислења за веродостојноста на оваа информација, но генерално сметаат дека би било многу лесно, па дури и можно, Иран однапред да поставил радиоактивни материјали или хемиски агенси во САД, кои би можеле да се употребат во комбинација со конвенционално оружје.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Си-Ен-Ен: Американското разузнавање верува дека Иран подготвува…
Нови разузнавачки информации на САД укажуваат дека…
Бесент: Иран се соочува со историски економски…
Иранската економија се соочува со еден од…
САД разгледуваат намалување на военото присуство во…
Намалувањето на американското воено присуство во Европа…
Зеленски: САД презентирале опција за повлекување на…
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека американските…
САД ја укинаа забраната за летови, се…
Федералната управа за воздухопловство на САД (ФАА)…