Скандалот продолжува: Бугарскиот министер за внатрешни работи на обвинетата бегалка Ива Михајлова ќе ѝ даде полициско обезбедување
Министерот за внатрешни работи на Бугарија Иван Демерџиев денеска изјавил дека ако на Ива Михајлова ѝ е потребно обезбедување, тогаш ќе ѝ биде доделено, пренесе Новини.бг.
Таа е во бугарската болница Пирогов, откако вчера избега од Македонија, каде за неа се води судски процес за сообраќајка со смртни последици.
Известен сум дека таа и нејзиниот адвокат се наоѓаат во „Пирогов“. Ќе се преземат чекори за нејзино сослушување и за утврдување кога, каде и како ја преминала границата. Исто така, ќе ги испитаме сите други околности, вклучително и дали им е потребна безбедност и доколку постои таква потреба, ќе биде доделена заштита, истакна Демерџиев.
Во врска со бегството на Ива Михајлова во Бугарија и нејзиниот прием на високо ниво во Софија, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија укажа дека ваквото постапување на бугарските државни институции ги подрива напорите за градење доверба и е спротивно на декларираните заложби за развој на добрососедските односи.
Приемот на високо ниво на лице против кое се води судска постапка испраќа сериозно погрешна порака. Националната припадност и поседувањето друго државјанство не смеат да служат како заштита од одговорност пред надлежните институции. Секој има право на правично судење. Никој нема право на изземање од законите. Од Република Бугарија, како членка на Европската Унија, очекуваме постапување во согласност со основните европски принципи: почитување на судските постапки, соработка меѓу надлежните институции и еднаквост пред законот. Постапките што создаваат впечаток на институционална заштита од судска одговорност се неспоиви со тие принципи. Владеењето на правото не смее да биде селективно, ниту да зависи од националната припадност на поединецот, наведоа од Министерството за надворешни работи на Македонија.
За развојот на случајот, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе ги информира меѓународните партнери, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа.
Ваквите постапки, за кои постојат и претходни примери, директно ја нарушуваат довербата меѓу двете држави и отвораат сериозни прашања за доследноста во почитувањето на заедничките европски вредности. Остануваме посветени на развојот на добрососедските односи, засновани врз меѓусебно почитување, доверба и европски принципи. Истата одговорност ја очекуваме и од бугарската страна. Почитувањето на правдата не е прашање на политички избор, туку основна европска обврска, додадоа од МНР.
И таткото на Ива Михајлова е избеган во Бугарија иако во Македонија за него има правосилна судска пресуда за учество во „Детонатор“. Таткото на Ива Михајлова, Симеон Михаилов, правосилно е осуден на 12,5 години затвор за обид за убиство на телохранителот на Сашо Мијалков Драганчо Стоименов викан Дацо Белски, кого МВР го бара со меѓународна потерница за отслужување на затворската казна. Тој пред 1 месец се појави на протест пред македонската амбасада во Софија. Таму пред телевизиската камера на бугарската „Б-ТВ“ ја нарече Македонија „сурова земја“ зашто неговата ќерка Ива Михаилова, обвинета за предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици во Кочани, не добиваше право да ја напушти државата за лекување додека не заврши судскиот процес. Премиерот Христијан Мицкоски побара Бугарија да го екстрадира таткото на Ива, но наместо да се случи тоа, сега таа му се придружи во Бугарија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Скандалот продолжува: Бугарскиот министер за внатрешни работи…
Министерот за внатрешни работи на Бугарија Иван…
Директорите на нафтените гиганти исчезнаа од програмата…
Директорите на „ЕксонМобил“, „ТоталЕнерџис“, „Шел“, „Шеврон“ и…
Жестока дебата помеѓу Илија Димовски и Андреј…
Честитката на Илија Димовски по повод 11…
Велешанец голтнал дрога за да не го…
На 11.10.2026 во 22:35 часот во Велес,…
Михајлова влегла во спротивна лента, а не…
Инфомакс од извори од судењето против Ива…