Скандинавците добија нови брошури со упатства: „Во случај на криза или војна“

t

Милиони жители на Кралството Шведска од денеска добиваат брошури со упатства како да се подготват за екстремни ситуации, какви што се војна, големи невремиња или други ненадејни кризи.

Новата брошура „Во случај на криза или војна“ содржи обновени упатства и препораки и е двојно подебел во споредба со изданието од пред шест години. Властите во Стокхолм тоа го објаснуваат со промената на ситуацијата и зголемениот ризик, по руската воена инвазија врз Украина во 2022 година. Инвазијата беше и основната причина Кралството да се откаже од повеќевековната неутралност и да побара членство во НАТО. Шведска денес е полноправна членка на Северноатлантскиот сојуз.

И соседна Финска, неутралната скандинавска земја што исто така реши да му се приклучи на НАТО поради стравувања од руска инвазија, неодамна ги обнови сопствените препораки до граѓаните како да се подготват за „инциденти и кризи“. Брошурата им е достапна на Финците на интернет. Во неа им се објаснува на граѓаните како претседателот и владата би реагирале во случај на оружен напад, при што се заклучува дека „властите се подготвени за самоодбрана“. На граѓаните им се препорачува да бидат спремни да поминат неколку денови на температури под минус 20 степени. Финска овој пат реши да не печати памфлети и да ги доставува до домашни адреси, оценувајќи дека тоа „би чинело милиони“, додека дигиталната верзија е поевтина, а и полесно може да се обновува.

Норвежаните исто така неодамна добија памфлети со обновени совети и упатства како да се подготват за ситуации на екстремно невреме, војна и други закани.

– Отпечативме и испративме повеќе од 2,2 милиони примероци, по еден за секое домаќинство во Норвешка – изјави Торе Камфјорд, одговорен за кампањата за самоподготвеност при норвешкиот Директорат за цивилна заштита.

Норвешката брошура содржи список на резерви и количества што секое семејство треба да ги чува дома – како број на конзерви со грав, енергетски плочки или макарони. Во списокот со медицински резерви се наведени и таблети со јод, за користење во случај на нуклеарен напад или хаварија.

Камфјорд објаснува дека претходната брошура, објавена во 2018 година, морало да биде обновена поради зголемениот ризик од екстремни временски услови, пред сѐ поплави и лизгања на земјиште, како последица на климатските промени.

Швеѓаните меѓу скандинавците имаат најдолго искуство со брошури со упатства за кризни ситуации. Првото издание на „Ако дојде војна“ било отпечатено и дистрибуирано до семејствата за време на Втората светска војна, кога Шведска била неутрална. Препораките првпат биле обновени поради новата ситуација за време на Студената војна.

Министерот за граѓанска одбрана Карл-Оскар Болин изјави дека глобалниот контекст повторно е променет, што треба да се рефлектира и во препораките до семејствата. Болин неодамна ја разбранува јавноста со изјавата „може да има војна во Шведска“, но тоа се толкуваше како повик за забрзување на активностите за „тотална одбрана“.

Членството во НАТО ја обврзува Шведска да ја зајакне својата инфраструктура заради поефикасна одбрана на границите од евентуален напад од исток.

Ситуацијата во Финска е уште покритична, поради границата од 1.000 километри со Русија, но токму поради тоа одбраната и свеста на граѓаните веќе беа на повисоко ниво.

– Од Финска перспектива ова е чудно. Финска никогаш не заборави дека војната е можност, додека во Шведска луѓето мораа да бидат растресени за да разберат дека ова навистина може да се случи – објаснува Илмари Каихко од шведскиот Универзитет за одбрана.

Шведската брошура содржи упатства за неколку конкретни сценарија. Се препорачува чување резерви компири, зелка, моркови и јајца, како и конзерви со сос „болоњезе“ и артикли за супа. Како особено важно е истакнато секое семејство да чува доволно храна и вода за секој член за период од 72 часа.

Во сите изданија е задржана патриотската порака: „Ако Шведска биде нападната од друга земја, ние никогаш нема да се предадеме. Лажни се сите информации што повикуваат на стивнување на отпорот“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Скандинавците добија нови брошури со упатства: „Во…

Милиони жители на Кралството Шведска од денеска…