Славјанка Петровска ќе го тужи Драган Ковачки за навреда и клевета

t

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието најави тужба против пратеникот Драган Ковачки од редовите на ВМРО-ДПМНЕ за навреда и клевета, откако тој и постави прашање за наводно криење имот во Радишани.

За разлика од пратеникот, јас ги имам сите документи и договори последователни од првиот ден до денес кои се водат на име на тој имот. Кога ова ќе го видите, а ова ќе дојде до вас бидејќи ќе биде дел од тужбата што веќе ја спремив, а ќе ви биде поднесена за навреда и клевета, рече Петровска обраќајќи му се на пратеникот Ковачки.

Таа додаде дека во тужбата се наведени сите докази и, како што кажа, апсолутно нема да има ништо против тој судски процес да го следи и јавноста.

Има рок од три месеци, не брзајте, и ќе ви требаат уште три месеци да ги изанализирате овие официјални документи, вклучително и мапата и имотниот лист кој за разлика од лажниот документ кој вие го поднесовте, а е евиденционен лист и тоа сите го знаат дека не е јавна исправа, туку имотниот лист е јавна исправа ќе ви каже адвокатот кој ќе си го ангажирате за оваа тужба и ќе видите дали ја зборувам вистината или не, рече Петровска, додавајќи дека тој имот на кој се води адресата која Ковачки ја цитира не соодветствува со адресата на хациендата.

Му порача и дека ќе треба да се извини и на семејството кое, како што посочи, „е совесен и чесен сопственик на тој имот и си ја има изградено, за сите тие невистини дека станува збор за дивоградба”.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ