Смрзнати трговските маржи на основните прехранбени производи – Граѓаните да пријават на 191 во инспекција ако забележат повисоки цени
Владата на предлог на Министерството за економија на денешната седница донесе Одлука за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало што ќе важат од 1 март до 31 мај годинава.
Со одлуката се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот.
– Со оглед на информациите и анализите на терен дека трошоците на производителите на основни прехранбени производи растат, оваа одлука има за цел да се ограничат трговците да прават профит на грбот на граѓаните и на производителите. Со оваа одлука се контролира растот на цените на основните прехранбени производи да нема значајно влијание врз потрошувачката на граѓаните со оглед на тоа што од 1 март престанува да важи одлуката за замрзнати цени на основните прехранбени производи, рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.
Тој нагласи дека на листата на основни прехранбени производи сега се додадени и овошјето и зеленчукот, пченицата, суровото сончогледово масло и солта.
-Кај трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10 отсто се вклучени рабатот и надоместоците кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за примарни и секундарни позиции за изложување на стоките на рафтови, односно полици, прецизира Бектеши.
Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука, како што најави, ќе следуваат глоби.
– За прекршување на овие мерки согласно член 30 од Законот за трговија предвидени се глоба во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.600 до 2.000 евра за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец, рече Бектеши.
Во наредниот период, како што кажа, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе излезе на терен со засилени контроли кај трговците и ги повика граѓаните кои ќе утврдат зголемување на цените на основните прехранбени производи да пријават на бесплатниот телефонски број 191 на ДПИ.
-Министерството за економија е во финална анализа и преку инклузивен процес ќе почне дискусија за подготовка на Закон за нефер трговски практики во синџирот за снабдување со храна кој ќе биде готов до крајот на март и ќе биде пуштен во собраниска процедура, информира Бектеши.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Москва тврди дека погодила трговски брод во…
Руските вооружени сили попладнево продолжија со координирани…
Силно невреме во Италија, жена загина во…
Невремето што од вчера ја погодува Италија…
Врнежи, ветер и заладување за време на…
Под влијание на циклонска активност за време…
Гоцевски: На Борис Трајковски му извршија атентат
Поранешниот министер за одбрана Трајан Гоцевски изнесе…
(Видео) Четворица мажи избодени среде Лондон, полицијата…
Четворица мажи биле избодени денеска попладне во…
