Сопругата на претседателот Пендаровски на свеченото отворање на Центарот за ментално здравје и психо-социјална поддршка во Црвен Крст
Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска денеска присуствуваше и се обрати на свеченото отворање на Центарот за ментално здравје и психо-социјална поддршка во Црвениот Крст на Република Македонија.
Клучни приоритети на Центарот се развој на програми наменети за едукација на пошироката јавност, дестигматизацијата на менталното здравје и зајакнување на резилиентноста на заедницата.
Осврнувајќи се на сложените услови предизвикани од енергетската и економска криза, како и на последиците предизвикани од пандемијата на Ковид-19, Ѓоргиевска во своето обраќање потенцираше дека стресот, стравовите и анксиозноста го нарушуваат менталното здравје, што ја наложува потребата од утеха, сочувство, солидарност, но и професионална поддршка.
„Споделувањето на сопствената мака со обучено лице кое ги разбира проблемите и состојбата може всушност да биде од клучно значење за надминување на личните кризи и спречување на развој на посериозни состојби. Сите повеќе или помалку сме ранливи или кревки, особено во критични ситуации и не можеме да функционираме како засебни острови, без да споделуваме и без да комуницираме меѓусебе“, истакна Ѓоргиевска.
Сопругата на претседателот ја нагласи потребата од институционален, но и индивидуален придонес кон дестигматизација на сите наши сограѓани кои имаат потреба за психо-социјална поддршка.
„Како медицински работник можам да посведочам дека во многу случаи при тешки здравствени состојби, при тешки ретки болести покрај класичната медицинска терапија, суштинска е и потребата од психолошка поддршка. Несомнено не е безначајна и менталната стаменост за позитивен исход при лекувањето на животозагрозувачките болести. Впрочем и нарушувањето на психичко здравје е подлога за развој на различни болести“, рече Ѓоргиевска.
Во рамки на Центарот ќе биде обезбедена советодавна поддршка и врсничка едукација за важноста на менталното здравје, а ќе бидат организирани и тренинг едукации за сите заинтересирани институции — чинители во кризниот менаџмент на државата.
Сопругата на претседателот, Ѓоргиевска во изминатиот период се вклучи во поддршката на иницијативата за отворањето на овој Центар, а волонтираше и на психо-социјалните линии за помош на лицата од ранливите категории, во организација на Црвен Крст на Република Македонија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Етиопија и Еритреја трупаат војска, расте стравот…
Етиопија и Еритреја распоредиле дополнителни сили долж…
Илон Маск: „Премногу се зборува дека Украина…
Американскиот милијардер и сопственик на компанијата „Спејс…
Путин ја презема одговорноста за нападите на…
Рускиот претседател Владимир Путин призна дека Москва…
Oбид за убиство во гостиварско Чегране
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе…
Димовски: Србија го следи примерот на македонската…
Политичките случувања и протестните движења во Србија…