Сотир Костов: Неподносливата леснотија на манипулирање – Метаморфозни медиумски експерти бараат казни за медиуми и затварање на портали
Неподносливата леснотија на манипулирање
Како да не зафатило некое лудило: Владата воведува цензура на медиуми, “од бога дадени“ метаморфозирани медиумски експерти бараат казни за медиуми и новинари кои не ја пишуваат и кажуваат “вистината“ која тие ја признаваат; и поединци(транзициски профитери) повикуваат на затворање на портали. Бог да те чува и да те брани. Од војна, ама и од неуки и неумни луѓе.
За жал, веќе недела дена сме сведоци на воен конфликт/воена интервенција во Украина. Тоа е недопустливо. Во третата декада од 21-от век имаме воено жариште, со реална можност и опасност да се прошири во Европа. Како да на истата таа Европа малку и беа верските војни, војните на Наполеон, Балканските војни, Првата и Втората светска војна и “студената војна“. Војната само привидно се води на тлото Украина, помеѓу воените сили на Русија и Украина. Овој факт е крајна последица на една прикриена агресивна геополитика спроведувана со соодветна геостратегија за однапред смислено и планирано рекомпонирање на главните светски политички, воени, економски и финансиски субјекти. Тоа се САД, Русија, ЕУ, Кина, воениот комплекс и моќните гинансиски групации.
Во овие први денови од конфликтот нај јако оружје кое се употребува е политичката и воената пропаганда, во сите нејзини видови. А кога овие две пропаганди ќе стапат на јавна сцена, тогаш главни алатки се лагата, манипулацијата, измамата и извртувањето на фактите и информациите.
После се што видов, слушнав и разбрав во овие неколку дена од воениот конфликт и известувањето за истиот, имам три битни впечатоци: Првиот е дека учесниците во воениот конфликт со неподнослива леснотија ја манипулираат руската, украинската, европската и светската јавност. Вториот впечаток всушност ми е дека не е возможно човек да се одбрани од чувството дека некои луѓе, во политиката (политичари, лидери, дипломати, државници), и околу политиката (коментатори, аналитичари, новинари, колумнисти) мерат со погрешни мерила; дека се стремат кон моќ, успех и богатство, а истовремено ги потценуваат и занемаруваат вистинските вредности во животот. Третиот впечаток ми е дека суровата и безскруполозна пропаганда, се покажа помоќна од военото оружје, без разлика дали тоа е употребено за агресија и напад или пак за одбрана.
Сега за сега ќе се фокусирам само на домашен терен и најпрвин ќе ги дефинирам коментарите и анализите во врска со воениот конфликт, направени од најголем број на коментатори, аналитичари, колумнисти и новинари(во следните колумни на оваа тема ќе ги изнесам мојот став, коментар и анализа за овој горлив проблем, кој веќе прерасна во конфликт). Со мали исклучоци тие, од една страна, се избрзани, површни, парцијални, нестручни и некомпетентни.
Од друга пак страна се субјективни, необјективни, тенденциозни и наведувачки, а некои дури и навивачки. Секако чест на исклучоци. Нив ги препознав кај еден дипломат од кариера, Ѓорги Мисајловски, кај еден политичар Страшо Ангеловски и кај еден новинар, Мирче Адамчевски. Само кај нив видов храброст да се изнесат фактите, одважност да се ценат аргументите и стручност, знаење и искуство работите да се анализираат и наречат со вистинско име. Останатите, нека ми простат за строгоста, реалноста и искреноста, ама влегоа во една многу опасна замка на еуфемизми, политичко “слепило“ и зависност од политички авторитети и спинувања.
За оваа замка или поточно опасност опоменува и Херман Хесе кој уште во 1918 година во есејот “Уметникот и психоанализата“ констатира дека анализата пред се поставува едно големо но основно барање, кое доколку биде заобиколено и занемарено многу бргу се свети. Вистинската анализа бара вистинитост и искреност кон самите нас, на што ние не сме навикнати. Анализата не поучува да го видиме, истражиме, сериозно да го земеме во предвид и прифатиме она што со најголем успех сме го потиснале во себе. Тоа што генерации под трајна присила го потискувале во себе. Токму овој момент е моќно и огромно доживување што треба да го почувствуваме уште при првите чекори во анализата.
Тоа е потрес од корен. Кој ќе издржи и ќе продолжи понатаму, тој со секој следен чекор се чувствува осамен и отсечен од постојните конвенции и наследените погледи, со што се соочува со безброј прашања и сомнежи кои ништо не може да ги спречи. Но затоа позади срушените сцени на наследството се повеќе и повеќе се гледа или насетува како се подигнува бескомпромисната слика на вистината. Тоа, во случајот, е сликата на реалноста во светот кој не опкружува, на генерален план, но секако и на конкретен план, вистинитиот приказ за се што навистина се случува во и околу Украина и Русија.
Само на тој начин наученото станува видливо, пропратено со возбудливо отчукување на срцето. Притоа колку стравувањата, збунетоста и потиснувањата се осветлуваат, толку значењето на животот и личноста се издигнува на повисоко ниво и со поголемо барање.
Признавам, ова не е така лесно. За почеток потребно е да ја промениме прифатената обратна перспектива на идеологизиранатa препарирана оптика преку која ги гледаме работите, а што ни е наметната од волшебниците на досегашниот политички илузионизам и волунтаризам. Верувајте ми ова и не е така комплицирано како што изгледа на прв поглед. Едноставно треба да се надмине негативната дијалектика во која иднината и сегашноста го одредуваат минатото. Не треба да дозволиме да постои разлика помеѓу она што го забележал фотографскиот апарат (камера обскура) и она што одговара на се она што се случило во историјата, и во дадениот актуелен момент – сега и тука.
Да не заборавиме дека и Алиса открила дека светот почнува позади огледалото. Таа ѕирнала позади него и открила нов свет, поинаков од оној што дотогаш го познавала. Пред нејзе се отворил превртен свет, т.е превртена вистина и лага како начело на успешно владение, односно како силогизам на логичната моќ.
Епа драги мои коментатори, аналитичари, колумнисти и новинари(и пак ќе нагласам, не сите), барем за момент бидете “Алиса во земјата на светската геополитика и геостратегија“ и ѕирнете ја малку повнимателно вистината за суровото прегрупирање на субјектите во таа “земја“, или поточно посебен свет, и дури тогаш се надевам работите ќе ви се разјаснат во доволна мера. Не сум сигурен дали ќе го направите тоа што ви го предлагам, ама сум сигурен во нешто друго: работите се малку појасни од какви што сакате вие да ги претставите.
И една работа да расчистиме: на оваа сурова и грозна војна не се жртви само Украина и нејзините граѓани. Не, никако! Жртви се и Русија и нејзините граѓани, и бизнисот, и економијата, и финасискиот поредок, и врвниот спорт. Сите ние.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Гласање или специјална операцијa
Ете, гласавме против СДС корумпирано и распаднато…
Бугарски бесрамности и македонски ќор-сокаци: Политичари аматери…
БУГАРСКИ БЕСРАМНОСТИ И МАКЕДОНСКИ ЌОР - СОКАЦИ…
Никовски: Украина носи несогледливи последици за сите…
УКРАИНА НОСИ НЕСОГЛЕДЛИВИ ПОСЛЕДИЦИ ЗА СИТЕ Се…
Трифун Костовски: Институциите не ги штитат граѓаните…
ЕУРОСТАНДАРД БАНКА, ЖРТВА НА ПОЛИТИЧКИОТ СИСТЕМ ВО…
Сотир Костов: Неподносливата леснотија на манипулирање –…
Неподносливата леснотија на манипулирање Како да не…