Сотир Костов: Писма до Македонците(4.) Македонски историски презент

t

И веднаш да се знае, идеја водилка ни е Македонија. Нашата најголема убавина – убавина што боли. Така учевме од Симон Дракул, ама еве така и чувствуваме. Море и должни сме и на таа македонска убавина. И сега кога крволочни балкански хиени не напаѓаат од сите страни, се прашувам дали и кога ние ќе и се оддолжиме на нашата Македонија? Таа тоа го заслужува: мораме душата да и ја проникнеме до бесконечноста. Имаме ние темел за тоа. Можеби и побогат од сите други, а сигурно од тие околу нас.. Знаат, многу добро тие знаат дека ние Македонците имаме жестока историја. Многу поучна историја. Историја страдалничка, ама праведничка. И токму таа историја и ние во неа имаме право да побараме од добар дел од современата цивилизација да клекне пред неа. Пред македонската историја и на колена да помоли прошка за сите неправди и гревови. Ете толку моќна е таа наша Македонија и нејзината историја. Нашата убавина која рапаво и трпко боли. Ама и опоменува. На паметење, колективно и поединечно, на секој од нас.
И уште нешто да се знае: Македонија и ние Македонците не сме против никого. Ние само ја бараме вистината. Вистината за Македонија и вистината за нас Македонците. А таа е во историјата, во минатото, во “Македонската крвава свадба“, во многуте македонски крвави ноктурна. Без признавањето на таа вистина човештвото и светов никогаш нема да стасаат до своето конечно досозревање. Овој копнеж за вистината и правдината сме ги плаќале повеќе пати и тоа многу скапо. Еве и денес сите гледаат и зачудувачки молчат, како и понатаму плаќаме. Ама сите да знаат, особено тие што посегнуваат по нашата историја, по нашиот јазик, по нашиот идентитет, по нашата култура и традиција, ние и понатаму ќе инсистираме на вистина и правда. Ние се идентификуваме со нив. А така ќе остане и засекогаш. Вреди. Бесконечно вреди таа болка. Затоа што ни дава сила, не осмислува и не облагородува – да истраеме, да опстоиме.
И да знаете тоа е нашето СЕГАШНО МИНАТО ВРЕМЕ, или како што би рекол Петре М. Андреевски Македонскиот ИСТОРИСКИ ПРЕЗЕНТ. Ние така ја раскажуваме нашата историја, во сегашно време, за нешто што се случило во минатото. А минатото не е толку минато, за да го заборавиме, или пак да дозволиме некој да го менува според туѓи желби и не дај Боже за туѓи интереси. Па тоа минато е наше и не допира нас и сегашноста. Да се потсетиме, таткото на “Македонскиот пиреј“ не учеше дека само времето нема алтернативна историска вистина. Тоа е отпорно на секаква корекција. Никој досега не успеал да го отповика, да го забрза или да го запре – да го задржи само за себе. Па не можете ни вие, без разлика дали сте Бугари, Грци или европски бирократи. Нашата Македонска приказна е во времето и отаде времето. И затоа е најубава и најдолга приказна за Македонија и Македонскиот народ. Од искон, и никогаш не завршува. Таа е вечност.
Ние знаеме дека историјата е отворен процес кој постојано се допишува. Ама сакаме вие да знаете, дека таа историја – нашата историја, Македонската историја, сакаме да ја пишуваме првенствено ние, со своето писмо и со вистината која ја создавале и живееле нашите предци, со вистината чии современици сме ние, со вистината која треба да ја предадеме на нашите идни поколенија и потомци. А таа вистина е во огромното народно творештво што македонскиот народ го создал низ вековите. Тоа е нашата духовна храна, која има не само уметничка убавина и историска вредност, туку и документирани достоинства (“Народот е секогаш и велик певец“, Константин Миладинов), создадени од народот. И затоа, никој не е творец и поет како народот. Вреди сите да дигаме глас и прашаме: Кој тоа се обидува да го замагли нашето паметење? Кој тоа ни го брише минатото за да ни ја одземе и иднината? Колку и да ни продавате ветар и магла и да ни фрлате прашина во очи, морате да знаете дека ние никогаш не сме го прекинале допирот со светлината. Се сеќавате, ние сме деца на сонцето. Тоа е нашето знаме. И како што рече македонскиот учен тоа е и најстариот оган на кој се грееме. Не пикајте валкани прсти, ќе ги изгорите.
Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Гласање или специјална операцијa

Ете, гласавме против СДС корумпирано и распаднато…

Бугарски бесрамности и македонски ќор-сокаци: Политичари аматери…

БУГАРСКИ БЕСРАМНОСТИ И МАКЕДОНСКИ ЌОР - СОКАЦИ…

Никовски: Украина носи несогледливи последици за сите…

УКРАИНА НОСИ НЕСОГЛЕДЛИВИ ПОСЛЕДИЦИ ЗА СИТЕ Се…

Трифун Костовски: Институциите не ги штитат граѓаните…

ЕУРОСТАНДАРД БАНКА, ЖРТВА НА ПОЛИТИЧКИОТ СИСТЕМ ВО…

Сотир Костов: Неподносливата леснотија на манипулирање –…

Неподносливата леснотија на манипулирање Како да не…