Сојуз на борци од Тетово: Не смее да се дозволи улица да биде именувана по градоначалник од времето на фашистичката окупација

t

Сојузот на борци од Народноослободителната и антифашстичка војна на Македонија (НОАВМ) и граѓани продолжувачи од Тетово остро се спротивставува на предлогот една од улиците во градот да биде именувана по др. Џафер Сулејмани.

Оттаму велат дека Работната група за именување и преименување на улици во Тетово, формирана од Советот на Општината на седницата на 12 август, што тие ја сметаат за нелегитимна, утврдила 145 предлог-имиња за улиците во градот, а на листата под број 2 е наведено името на др. Џафер Сулејмани.

Предлогот за Сојузот на борци и продолжувачи од Тетово го сметаат за неприфатлив по повеќе основи и бараат тој да биде отфрлен.

Во образложението тие посочуваат дека за Џафер Сулејмани во објавата за прифатените имиња кратко било напишано дека бил истакнат лекар, каде го стекнал образованието и какви почести добил од српскиот крал, но не и дека тој за време на окупацијата на градот за време на Втората светска војна бил назначен за градоначалник на Тетовската општина.

„Кај голем дел од предложените имиња намерно се сокрива суштинскиот дел од нивната биографија. Сметаме дека јавноста мора да биде запознаена дека истиот за време на фашистичката окупација во мај 1941 година од страна на окупаторот бил назначен за градоначалник на Тетовската општина, функција која ја извршувал до средината на 1943 година…Џафер Сулејмани во јули 1943 година во окупирано Тетово го пречекува фашистичкиот генерал и вицекрал Алберто Париани со највисоки градски почести и леб“,се вели во соопштението од Сојузот на борци од Тетово од каде споделуваат и фотографијата од пречекот на Париани од страна на тогашниот градоначалник.

Од Сојузот наведуваат и запишани сведоштва за случаи на ликвидации и други злостроства што се случувале во градот додека градоначалник бил др. Џафер Сулејмани.

„Историјата токму во мандатот на Џафер Сулејмани, меѓу другото, се сеќава и на ликвидацијата на семејството Кузмановски од Тетово, кое вечерта на 7 јуни 1943 година, во очи на свадбата на ќерката Марица, загинува од окупаторска балистичка банда во својата семејна куќа“,се вели во соопштението.

Оттаму наведуваат дека името на Џафер Сулејмани се врзува и за формирањето на квислиншкиот албански баталјон „Љуботен“, кој, според нив, целосно се претопил со балистичките формации и бил распореден во постојани борби против македонските антифашистички партизански одреди.

Посочуваат и дека Џафер Сулејмани по ослободувањето бил правосилно осуден од надлежен суд за своите престапи.

Во тој контекст, од Сојузот на борците од НОАВМ сметаат дека би било чин против државата и груб обид за рехабилитација на фашизмот доколку се една од улиците во градот биде именувана по лик кој бил градоначалник за време на окупацијата во Втората светска војна.

„Уште еднаш јавно ги повикуваме членовите на Работната група за преименување на улиците да ја преиспитаат сопствената совест. Не постои ниту еден аргумент кој оди во прилог на нивно останување во составот на нелегитимната Работна група за преименување на имињата на улиците во Тетово. Упатуваме јавен апел и до членовите на Советот на Општина Тетово да престанат со заветот за молчење по ова прашање. Очигледна е штетата која се прави!“,велат од Сојузот на борци од НОАВМ и продолжувачи од Тетово.

Оттаму потсетуваат дека испратиле барање до Собранието за иницирање законски измени со кои, како што велат, ќе се зајакне законската регулатива во насока на превенција од рехабилитирање на фашизмот и апелираат до политичките партии во парламентот дведнаш да постапат по него.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сојуз на борци од Тетово: Не смее…

Сојузот на борци од Народноослободителната и антифашстичка…

139 деца на педијатрија за 48 часа…

Високите температури кои преовладуваат во последните денови…

ВЛЕН: ИСТОРИСКИ ЧЕКОР ЗА ЗДРАВСТВОТО ВО ТЕТОВО,…

Здравството е меѓу главните приоритети на ВЛЕН,…

Физички нападнати полицајци во Тетово!

На 16.08.2026 во 21:50 часот на ул.„Маршал…

Се запали „БМВ“ на тетовски паркинг

Патничко моторно возило „бмв“ со тетовски регистарски…