Средношколци од Охрид ја направија најдобрата игра за мобилен телефон во Европа

t

Средношколците Виктор Попов и Марио Павлески од Охрид, од финалето на глобалното натпреварување ‘GAME JAM +’ си заминаа со наградата Best Game Europe или Најдобра игра од Европа, објави Радио Слободна Европа.

Како автори на играта за мобилен телефон „Paint Тhe Thing“, тие прво биле еден од најдобрите тимови дома, а потоа и на европско ниво. Овие успеси на почетокот на јули им обезбедија пласман и на светското во Бразил, а таму се прогласени за најдобри меѓу четирите најуспешни тимови од Европа.

„Кога ја направивме играта, не верував дека ќе добиеме нешто повеќе од признанието на национално ниво, но излезе дека им се допадна играта и идејата ни беше добра, па успеавме да ја истуркаме до светско првенство. Веќе кога стигнавме до Бразил, секако се надевавме на шанса дека ќе победиме, но искуството ни беше повредно отколку наградата што ја добивме“, изјави за РСЕ 16-годишниот Виктор Попов.

Момчињата имале предизвик првичната верзија да ја направат за 48 часа. Тоа го правеле во домот на Марио. Кога ќе се одземе времето за одмор, јадење и останати активности, велат дека работеле по 9 часа дневно или играта ја направиле за вкупно 18 часа.

„Имаше притисок, но ние сме навикнати. И порано сме имале вакви активности, па не ни беше до толку тешко колку што би им било на почетници“, изјави за РСЕ, 17-годишниот Марио Павлески.

Младите охриѓани се радуваат на искуството и контактите што ги развиле со врсниците со кои се запознале во Бразил, а се надеваат дека оваа награда ќе биде важна за нивната биографија.

„Во Бразил беше многу убаво да се запознаеме со сите други ‘девелопери’ од целиот свет и со нивните игри и да размениме контакти, а Рио Де Жанеиро е многу убав град. Не е нешто што се гледа секој ден“, вели Виктор.

„Мислам дека оваа награда може многу да смени во моето ‘cv’ бидејќи сепак на толку мала возраст е тешка работа до финале да се стигне“, додава Марио.

Според Виктор, во светот на развивање и изработка на игри, може да се успее и дома, но шансите надвор се сепак поголеми.

„Мислам дека со доволно труд сè може да се направи, ама тоа во Македонија е тешко бидејќи не можеш да добиеш многу поддршка и помош, како што тоа се случува во странство, каде мали тимови од млади луѓе имаат можност да се истакнат. Овде нема толку шанси како во странство“, истакна Виктор.

Но, вели дека ова не го обесхрабрува.

„Сè уште сум млад, па имам добри шанси да успеам во тоа што го пробувам. Мојот сон е да имам некое, не мора да е светски големо, нека е некое мало студио кадешто ќе можеме со група луѓе да си ги оствариме идеите и да го правиме тоа што го сакаме“, вели младиот Попов.

Во листата со желби на Марио, стојат две светски компании.

„Со доволно труд и промоција може скоро секој да успее. Имам планови и за компјутерски игри, бидејќи правам и такви. Мојата желба е да работам за поголеми компани, како на пример ‘Нинтендо’ и ‘Valve’“, додаде Павлески.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

За скопските општини денеска е неработен ден…

За скопските општини денеска е неработен ден…

Јакимовски: Како претседател ќе се залагам за…

Кандидатот за претседател на Република Македонија, Стевчо…

Пожар во угостителски објект во центарот на…

Пожар избувна во централниот дел од Охрид.…

(Документи) Се местеле ли тендери за фирма…

Фирма блиска до потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар…