Стерјовски: Бугарското малцинство во Албанија постои само на хартија, пасоши добиваат повеќе Албанци отколку Македонци

t

Васил Стерјовски е поранешен пратеник во aлбанското собрание како претставник од единствената македонска партија во Албанија, Македонска Алијанса за европска интеграција. Тој за „Слободен печат“ зборува за обидите за бугаризација на македонското малцинство во Албанија како и за стратегиите на Бугарија со која ја принуди Албанија уште во 2017 година со Законот за национални малцинства да го признае непостоечкото бугарско малцинство со закана со вето за ЕУ.

-Ние не сме против уживањето на правата на ниту едно национално малцинство, но нашата реакција е дека тука не се работи за дискиминирани Бугари, туку за проект за асимилација на македонското население, вели Стерјовски и додава дека целата кампања на Бугарија е насочена во делот кадешто се Македонците за да покаже дека се Бугари.

Тој се осврна на Законот за национални малцинства кој Албанија го усвои кон крајот на 2017 година во која покрај македонското малцинство, во законската рамка Албанија ги заштити и правата на Грците, Власите, Ромите, Египѓаните, Црногорците, Бошњаците и Србите.

-Бугарија користејќи го членството во ЕУ со притисок во 2018 година без ниту еден историски факт, без никакви услови за признавање на такво малцинство успеа да издејствува албанското МНР кое во тој период предложи предлог законот за заштита на правата на малцинствата со признавање на 8 малцинства, да го вклучи и бугарското иако такво малцинство немаше. Претходно во 2014 година едно од барањата на ЕУ за Албанија беше да донесе закон за заштита на правата на малцинствата, односно законска рамка во која ќе ги уживаат своите права. Во 2014 година премиерот Еди Рама покрена меѓуинституционална група во која беа вклучени повеќе министерства, а процесот го водеше МНР и имаше директни консултации со нас како припадници на национално малцинство но во ниту еден момент немаше бугарско малцинство и претставници. И затоа и се предложи таков закон и не повикаат дури и нас малцинствата во парламентот да кажеме наше мислење за законот пред законодавната комисија и пратениците од комисијата за надворешни работи дали се согласуваме со предложениот предлог закон. Тогаш се вклучи алармот во Софија и требаше за недела дена да се гласа, па побараа да се признае такво малцинство и јас директно, како претставник на Македонците ја покренав оваа загриженост и укажав дека Бугарија се обидува со притисок да издејствува признавање на малцинство и тој потег од друга страна ќе значи геноцид врз Македонците во Албанија, вели Стерјовски.

Протисокот кој Албанија кој го доживеа од Бугарија е сличен на оној со кој е условена и Македонија – да го внесе бугарското малцинство во македонскиот устав доколку сака да го почне интегративниот процес во ЕУ, но Албанија без многу дискусии ја прифатила сугестијата од Софија за правна заштита на бугарско малцинство.

-Познавајќи ја бугарската политика и членството во ЕУ ќе го искористи, по што следна фаза е негација на македонското малцинство. На јавна седница, министерот за надворешни работи јавно ме поддржа и кажа дека такво малцинство нема и рече дека во иднина ако се појави, ние сме спремни да признаеме кое било малцинство, но сега овие 8 се реални малцинства коишто постојат во државата според сите историски факти, според сите пописи спроведени во Албанија и според сите извештаи што албанската држава ги дала за сите меѓународни мониторинг организации коишто ја мониторираат Албанија. И така под пристисок, два дена пред да се изгласа на седница на Парламент, Бојко Борисов му се јави на премиерот Еди Рама, се вклучија европратениците од Бугарија, се вклучи претседателката на бугарското собрание и отворено се заканија или ќе го признаете бугарското малцинство или имате вето. И така Албанија воопшто не сакаше да влегува во овој спор, да кажеме македонско -бугарски спор и ние контактиравме тогаш со албанските власти и со македонските власти и откако се призна еден одговор на албансктие власти за македонските власти беше дека не притиснаа Бугарите, ќе ни ставеа вето и на крај на краиштата, тоа е ваш проблем, расправајте се вие, што ние да му ја мислиме, објаснува Стерјовски.

Последните години поради тешката економска ситуација воопшто во Албанија, принуди и албански граѓани да посегнат по бугарски пасоши, но Стерјовски уверува дека нивниот број меѓу македонското население во Албанија е многу мал. Албанското население претходно од економски причини посегнувало и по грчки документи. Вели последните години самите Албанци ја менувале својата вера, своите имиња во матично за да можат да извадат туристичка виза за да работат во Грција.

-Досега ви гарантирам најодговорно дека од не знам колку илјади албански граѓани што имаат бугарски пасоши, мнозинството се Албанци, значи не се Македонци. Тоа е еден огромен бизнис кој трае изминатите години посебно кога Бугарија стана членка на ЕУ. Порано немаше никаков интерес и никој албански граѓанин немал аплицирано, не му требал таков пасош. Откога почна Бугарија со ова, ова е навистина голем бизнис, посебно што лицата што се занимаваат со тоа се поврзани со бугарски функционери, вели Стерјовски и додава дека корумпираните бугарски функционери кои профитираа од продажбата на бугарски пасоши своевремено се најдоа и на црната листа на Стејт Департментот на САД.

Запрашан колку бугарските пасоши се атрактивни за македонското малцинство во Албанија, Стерјовски нагласува дека целата операција крие поголема опасност која ја менува демографската слика во земјата, зошто пасошите албанските граѓани ги користат за иселување во потрага по подобар живот.

-Тоа што се обидуват сега да го направат, овој тренд во последниве години, почнувајќи посебно кај нас Македонците е поради економски причини. Тоа што прават прават Македонците како и сите албански граѓани, аплицираат за бугарски пасош за да може утре да оди и да ги користи привилегиите на Европската унија. Прво тоа е демографски проблем, кој успеал да земе, било Македонец или Албанец, бугарски пасош, ќе емигрира со целото семејство. Е сега ако ние навистина бевме Бугари и ако Бугарија водеше грижа за нас како Бугари, нивен интерес ќе беше ние да не се иселуваме од нашите краишта, како што е интерес на секоја држава своите малцинства во другите држави да останат и да не се иселуваат од таа држава. Но на Бугарија тоа не и е многу битно. Бугарија веќе има друга стратегија. Од една страна Бугарија успеа, а тоа сега е нивни голем проблем, успеа со притисок да признае бугарско малцинство коешто го нема во регистристите во државата. Ако сега од албанската држава барате информација каде има бугарско малцинство по попис, по факти, нема да ви каже. Само е наведено во законот дека постои. Тоа што сега бугарската дипломатија го користи, доаѓа бугарските амбасадор во нашите региони со градоначалниците и ни вели дека сега Албанија ве призна како Бугари,  ајде сега да отвориме бугарски школи, што е лага бидејќи Албанија призна малцинство но не вели дека ние сме Бугари, тврди Стерјовски.

Бугарските пасоши поскапи за Албанците отколку за Македонците

Стерјовски открива дека албанските граѓани плаќаат илјадници евра за бугарски пасош, а македонското малцинство помала „тарифа“, но документот е условен и тие што ќе го земат мора на пописот да се декларираат како бугарско малцинство во Албанија што претставува грубо мешање во внатрешните работи на соседната земја и таквата бугарска стратегија засега се пласира само во Албанија зошто таму реално такво малцинство не постои.

-Во последните години затоа притисокот е уште поголем од Бугарија затоа што користејќи го од една страна давањето на бугарски пасоши кои, да се разбереме не се бесплатни, туку како што кажав се голем бизнис и сега тоа што збориме, кој Македонец  како ќе се снајде. Неколку илјади евра за еден пасош се плаќа кај Македонци, кај Албанците стига до 20-25.000 евра за купување пасош. Од една страна ги земаат парите, а од друга страна, за Албанија сменија стратегија иако во бизнисот со бугарски пасоши се и Македонија, Србија,  Косово, Молдавија и Украина. До пред 2 години нашите албански граѓани одеа во Софија за да аплицираат за бугарски пасош. Тоа што се направи само за Албанија, ова е исклучок, па сега ги викаат во бугарската амбасада во Тирана да аплицираат и ми кажуваат овие нашите што аплицираат дека им викале да се запишат Бугари на пописот за да земат пасош, а тоа е дирекно мешање во внатрешните работи на земјата. Сум разговарал и со други амасади на други европски држави и викаат дека ова е директно мешање во внатрешните работи и ги поминува ингеренциите на една амбасада зошто тие немаат право да се мешаат и со давање привилегии да издејствуваат граѓани на друга држава да се декларираат како што тие сакаат. Но Албанија навистина има оставено отворен простор на бугарската пропаганда. Тоа навистина е грубо мешање и затоа се овие наши реакции, затоа што Бугарија се обидува, сега пред пописот во септември, дури има инсталирано и свои луѓе во разни институции во Албанија, било Албанци, било Македонци, било Власи или други малцинства кои се директно на нивни платен список, за нас да не саботира, потенцира Стерјовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Најголем број туристи од Бугарија и Русија,…

Србија во март ја посетиле 153.155 странски…

Македонската амбасада во Тирана објави телефонски броеви…

Пред почетокот на главната туристичка сезона во…

По Призрен, Али Ахмети прогласен за почесен…

Советот на општина Тирана на денешната седница…

Се празнат затворите во Албанија, стапи на…

Во Албанија од денеска почнува имплементацијата на…

Нов рекорд за албанскиот туризам: 1,7 милиони…

Премиерот на Албанија, Еди Рама преку објава…