Стравот од стагфлација е реален, ова се проценките на експертите

t

Последиците од украинско-рускиот конфликт стануваат се повидливи, не само во политичката, туку и во економската сфера на светот, а доколку тој не престане, сеништето на инфлацијата ќе го покори светот, пренесува Фактор.

Дека има елементи за загриженост потврдуваат и статистичките податоци, според кои инфлацијата во еврозоната во март изнесувала 7,5 отсто, што е највисока стапка од 1997 година, кога почнала да се води статистика.

Ниту во Америка ситуацијата не е подобра, а светските и домашните економисти предупредуваат дека поради ваквата состојба можна е стагфлација, која може да настане доколку инфлацијата продолжи да јакне. За да се избегне „пандемија на стагфлација“, експертите велат дека се потребни измерени финансиски и вешти економски стратегии за да се запрат постоечките негативни трендови.

Сите овие негативни настани се условени од војната во Украина, а највидливи се во енормниот раст на цените на енергијата и храната.

Српскиот економски аналитичар, Александар Влаховиќ, претседател на Здружението на економисти на Србија, вели дека прогнозите се неблагодарни токму поради неизвесноста на настаните во Украина, но дека е извесно дека ситуацијата на глобално ниво ќе ги одреди настаните во поедини економии.

– Би останал на оценката на ММФ, чија проекција е дека просечната инфлација на европско ниво годинава ќе биде 5,5 отсто и дека следната година треба да падне под 3 отсто. Што се однесува до Србија, таа годинава треба да биде околу 7,7 отсто, а во 2023 година околу пет, можеби и пониска. Важно е да се каже дека Европската централна банка до крајот на годинава ќе ја стопира програмата за олеснувања или „испумпување“ пари за помош на стопанството и дека паралелно со тоа ќе се зголемува и референтната каматна стапка. Тоа значи и раст на цената на кредитите, што веќе се случи во Америка бидејќи ФЕД ја зголеми референтната каматна стапка. Друга карактеристика што се очекува е ниската стапка на економски раст – објаснува Влаховиќ за „Блиц Бизнис“.

На прашањето дали поради сето тоа ќе има опасност од стагфлација, Влаховиќ вели дека стравот од нејзино појавување е реален.

– Во Европа постои страв од стагфлација и не верувам дека американската економија ќе биде во таа зона, бидејќи влијанието на руската агресија врз Украина е најизразено на стариот континент поради неговата енергетска поврзаност со Москва. Минатата година Русија испорача 160 милијарди кубни метри гас во Европа, што е 40 отсто од вкупната потрошувачка. Таа енергетска врска меѓу Русија и Европа е значително повисока отколку што е случајот со САД и затоа овој инфлаторен удар е поизразен на стариот континент. Од друга страна, прекинот на синџирите на снабдување и губењето на рускиот пазар може значително да влијае на забавувањето на економската активност во Европа во споредба со сите други делови на светот – вели Влаховиќ и додава:

– И ММФ излезе со песимистички прогнози кога е Европа во прашање и прогнозира дека економскиот раст годинава ќе биде 3 проценти во еврозоната и помалку. Поради сите овие настани, јасно е дека најголем страв од стагфлација има во Европа, а значително помалку во Америка, односно Азија и другите делови на светот. Тоа е многу веројатно да има влијание врз земјите во развој, односно оние кои имаат растечка економија, но недоволно развиени, каде што ефектот исто така ќе биде голем.

Извор: Фактор

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Џафери – Лапсли: Македонија е ценета членка…

Претседателот на Владата на Република Македонија, Талат…

Таткото на Вања со нова жалба пред…

Врховниот суд денеска одржа јавна седница по…

Две златни медали за Македонија: Нов успех…

Две златни медали за Македонија! Ова не…

Битиќи: Со Планот за раст на ЕУ…

„Политичката понуда веќе е јасна, само коалицијата…