Странците можат да „летаат“ без да ги фатат камери: „Сејф сити“ не може да ги казни оние кои не се со македонски таблички
Иако системот „Сејф сити“ успешно ги регистрира сообраќајните прекршоци, засега не може да ги санкционира возачите на возила со странски регистарски таблички. Причината не е во камерите, туку во недостигот од база на податоци преку која би се утврдил идентитетот на сопствениците и би им се доставиле прекршочните налози.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека системот ги евидентира сите возила, но за разлика од домашните регистарски таблички, за странските нема пристап до потребните информации за сопственост. Министерот Панче Тошковски најави дека се работи на софтверско решение, како и на отворање посебен пункт кој ќе биде задолжен за процесуирање на прекршоците што ги прават возачи со странски таблички.
Во екот на летната сезона, низ земјава секојдневно минуваат десетици илјади странски државјани. Само во последните 24 часа, преку граничните премини Богородица и Табановце во земјата влегле речиси 24.000 странски државјани, додека повеќе од 32.000 ја напуштиле државата.
Според податоците на МВР, од почетокот на примената на „Сејф сити“ на 2 февруари годинава, изречени се околу 120.000 казни, од кои дури 95 проценти се за пречекорување на дозволената брзина. Во истиот период, бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за околу 40 проценти во споредба со лани.
Во моментов камерите се поставени во Скопје, Куманово, Тетово, наскоро и во Охрид, како и на коридорите 8 и 10, а до крајот на годината се очекува системот целосно да биде проширен и во другите поголеми градови и на најфреквентните патни правци низ државата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мухамед Зеќири доби вкупно 19 месеци затвор…
Една година и седум месеци затвор е…
ТРАМП ГИ ОЛАБАВУВА САНКЦИИТЕ КОН РУСИЈА: Индија…
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп привремено…
Полициски час во делови од Париз и…
По протестите и немирите, властите во Париз…
ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ СТАНУВА ПОМОРСКО БОЈНО ПОЛЕ: Најмалку…
Безбедносната ситуација во Ормускиот Теснец дополнително се…
ПУТИН ПРЕДЛОЖИЛ ТАЕН ДИПЛОМАТСКИ МАНЕВАР: Трамп, Путин…
Рускиот претседател Владимир Путин предложил одржување трилатерален…