Страшно: Велешанецот што прегази девојче пред очите на родителите бил пијан и возел двојно побрзо од дозволеното
Обвинителството поднесе обвинение против велешанецот кој во декември лани прегази девојче на пешачки и побегна од местото. Истрагата утврдила дека во моментот на несреќата возачот возел двојно побрзо од дозволеното и бил во алкохолизирана состојба. Ова не било прв пат да вози пијан. Триесетгодишникот ќе одговара за кривични дела „тешки дела против безбедноста“ и за „неукажување помош на повредено лице во сообраќајна незгода“, објави Дума.мк.
Велешанецот на 17 декември, минатата година, управувајќи автомобил „Мерцедес“ по улицата „Борис Трајковски“ во Велес, не се придржувал кон сообраќајните прописи, со што го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.
Од Основното јавно обвинителство во Велес соопштија дека иако бил во алкохолизирана состојба, тој управувал со автомобилот, па приоѓајќи во близина на обележан пешачки премин, не ги почитувал сообраќајните знаци.
-Возел со брзина од околу 68 километри на час, што е повеќе од двојно над дозволената брзина на критичниот дел од патот, каде постоел и сообраќаен знак за максимално дозволена брзина од 30 километри на час. Обвинетиот не обрнал внимание на пешаците и со автомобилот удрил во мајка и ќерка кои во тој момент поминувале преку обележаниот пешачки премин. Од ударот мајката се здобила со телесна повреда на челото. Девојчето, пак, било исфрлено 10-тина метри напред, до следниот пешачки премин, каде паднало на земја, се здобило со бројни тешки повреди во пределот на главата и екстремитетите и починало. Наместо да застане и да им помогне на жртвите,
обвинетиот со несмалена брзина продолжил да вози во правец кон населбата Превалец. Обвинителниот акт е поткрепен со изјави на сведоци на настанот, фотодокументација и видео записи од камери на неколку околни објекти, како и со повеќе вештачења извршени по наредба на јавниот обвинител, додадоа од ОЈО Велес.
По несреќата, обвинетиот го оставил автомобилот на место подалеку од својот дом и го исклучил мобилниот телефон, па не бил достапен до 19.12.2022 година кога се предал на органите на прогонот.
-Ова за јавниот обвинител неспорно го потврдува стравот дека доколку се брани од слобода, тој би можел повторно да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон. Освен тоа, нему претходно веќе му биле изречени две прекршочни казни за забрана за управување со моторно возило поради алкохолизираност, кои не ги почитувал, што упатува на веројатност да го повтори кривичното дело, додадоа ОЈО Велес.
Со тие аргументи, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Велес достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор спрема обвинетиот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Левица по третпат бара Надзорна расправа за…
Утре, Постојаната анкетна комисија за заштита на…
Гувернерот Славевски се пожали дека многу го…
Гувернерот Трајко Славевски во неговата објава на…
Полнете ги резервоарите – од полноќ поскапување…
Цените на горивата од вечерва на полноќ…
Арсовска за денес најави објавување докази за…
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска најавува продолжување…
Руските медиуми за војната меѓу Иран и…
Конфликтот меѓу Иран и Израел денес доминира…