Судот одби одлагање на денешната главна расправа за ПУЛС
Бранителите на повеќе обвинети побараа одложување на денешната главна расправа за предметот за трагедијата во ПУЛС.
Дел од бранителите бараат одложување на денешната главна расправа поради неможност претходно да стапат во контакт со обвинетите, на кои им се бранители по службена должност, додека еден дел од бранителите реагираа на одлуката на Обвинителството двата одделни обвинителни акти да се спојат во едно интегрирано обвинение. Се работи за спојување на обвинението за Александар Нацев кое до овој момент беше одвоено.
Иако претходно судот донесе решение за спојување на постапката за двата предмети со бр. 1872/25 и бр. 1970/25 поради економичност на постапката, Обвинителството истакна дека двете засебни обвиненија ќе ги спои во едно заедничко обвинение, а пречистена ќе биде и листата на докази.
- „Со оглед дека судечкиот совет донесе решение за спојување на постапките, согласно чл. 87 став 1 од ЗКП на записник и во електронска форма ви доставувам интегрелен текст на двете постапки, во понатамошниот тек на постапката ќе се води како обвиение кое сега сакаме да го доставиме, како и пречистена листа на докази. Напоменувам, дека интегралниот текст останува во целост ист во делот за правните квалификации, за сторените кривични дела од обвинетите и во двата кривични акти, за коишто доставувам заедничка листа на докази.“ – истакна ЈО Борче Јанев.
Оваа одлука на обвинителството наиде на негодување кај бранителите на обвинетите.
Бранителот на обвинетиот Нацев бара одложување на постапката поради спојувањето на обвинението за Нацев со обвинението за останатите лица, бидејќи смета дека одбраната треба да добие време да се запознае со новото интегрирано обвинение.
Бранителот на обвинетиот Крешник Бектеши, адвокатот Еленко Миланов истакна дека Обвинителството го доведува судот во незавидна положба поради спојувањето на обвинението откако Судот ги спои постапките за двете обвиненија.
Судот пред почетокот на оваа главна расправа донесе решение за спојување на постапка по две посебни и одобрени обвненија како обвинителни акти. Со доставувањето на овој единствен интегриран обвинителен акт во суштина престануваат да постојат поднесените обвинителни акти, со што е апсурдна постапката за спојување.
Од друга страна и обвинителниот акт е испитан и постои оценка и решение за потврдување на таквиот обвинителен акт. За да се редуцира или повлече доказ кој е прифатен мора во најмала рака тој прецизиран или интегриран обвинителен акт, со интегрирана листа на докази, доколку постои спецификација на конкретно повлечени докази да се достави до одбраната, за да одбраната да се произнесе во однос на тие докази за да може да се докаже со чиста листа на докази со што сметам дека понатамошното продолжување на оваа главна расправа без доставување на овој обвинителен акт е спротивен на одредбите на ЗКП, нагласи Миланов.
Бранителите наведоа дека во овој момент спорно е и „редуцирањето“ на листата на сведоци од страна на Обвинителството и дека согласно ЗКП доколку Обвинителството повлекува сведоци истата треба да биде со согласност на одбраната. Бранителите наведоа дека ваквото откажување на докази може да ги повреди правата и на одбраната и на оштетените, бидејќи не се знае колку од првично предложените 282 сведоци се редуцираат.
Дополнително бранителите истакнуваат дека судот може да ја спои постапката на два одделни акти, меѓутоа со барањето на Обвинителството за спојување на обвинителниот акт сега не се знае новиот акт кој број го носи, односно бранителите не знаат по кој обвинителен акт работат.
Како што наведоа бранителите, одбраната не бара одлагање на главната расправа поради купување на време, туку поради заштита на правата на обвинетите и оштетените.
Обвинителот објасни дека редуцираната листа на сведоци се однесува на лицата кои починаа по поднесувањето на обвинителниот акт и додаде дека двете одделни обвиненија се претходно веќе оценети и обвинетите имаат увид во истите. Друг обвинител од тимот на обвинители појасни дека сепак не се работи за спојување на обвинителните акти, туку за спојување на постапките.
Судечкиот совет се повлече за да одлучи по барањата на бранителите, по што “Советот донесе решение се прифаќа предлогот на ЈО за изведување на интегриран текст на обвинителниот акт и листата на докази, а согласно решение на Судот за спојување на постапката, а се со цел за поефикасно и поекономично водење на постапката како една постапка бидејќи смета дека со тоа нема да биде повредено ниедно право на ниедна странка во постапката, а кое е загарантирано со Закон од причини што ЈО најави дека пред да отпочне со својот воведен говор, ќе го истакне интегрираниот текст и листата на докази која судот дословно ќе ја забележи во записникот кој потоа ќе биде доставен до сите странки во постапката, па доколку истите сметаат дека имаат некој приговори или слично на така поставените, можат откако ќе ја видат оваа листа на докази на ЈО, можат да ја прошират или изменат својата листа на докази и на Судот да му ја достават на следната главна расправа.
Ова особено од причини што во интегрираниот текст нема измени на ниту едно дејствие на ниту еден обвинет и нема промена на квалификацијата за ниту еден обвинет, ниту пак има нови докази кои претходно не се доставени и со кои одбраната не е запозната.
Советот донесе решение се задолжува ЈО да изврши превод од албански на македонски и да се достави во доволен број примероци за сите странки. “ – наведе претседателот на судечкиот совет, судијката Дијана Груевска Илиевска.
Покрај обвинетите и бранителите во судницата денес се присутни и семејствата на загинатите, новинари од земјата и од странство, претставници на ОБСЕ, како и претставници на неколку амбасади.
Трагедијата во кочанската дискотека ПУЛС се случи на 16.03.2025 година. Во пожарот загинаа 63 лица. Меѓу обвинетите се сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов, поранешни градоначалници на Кочани, поранешни министри и останати функционери.
Процесот ќе го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а обвинителството ќе биде застапувано од проширен тим од 15 јавни обвинители, со цел да се обезбеди ефикасна и фер постапка.
Обвинителниот акт опфаќа тешки дела против општата сигурност, меѓу кои и сериозни пропусти во организацијата на обезбедувањето на објектот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Судот одби одлагање на денешната главна расправа…
Бранителите на повеќе обвинети побараа одложување на…
(Фото) Судијката Груевска Илиевска за случајот „Пулс“:…
Во судницата во Идризово денеска започна судскиот…
Денеска почнува судењето на обвинетите за трагедијата…
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во…
Мицкоски: Судскиот процес за трагедијата во Кочани…
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски вечерва изјави…
Пратениците на СДСМ, придружени од Левица поднесоа…
Пратениците на СДСМ и Коалицијата, денеска поднесоа…