Султан Раев, генерален секретар на ТУРКСОЈ за МИА: Ме импресионира почитта што македонскиот народ ја покажува кон својата историја
-Ме импресионира почитта што македонскиот народ ја покажува кон својата историја. Бројните споменици во Скопје сведочат дека оваа земја ги цени своите историски личности и се гордее со своето минато. Тоа е израз на љубов кон татковината, сопствените корени и историската меморија, вели во интервју за МИА Султан Раев, генералниот секретар на Меѓународната организација за турска култура – ТУРКСОЈ.
Соработката меѓу оваа влијателна меѓународната организација и Македонија, има долга и конкретна историја, како што наведува Раев, а најголем потенцијал за нејзино натамошно продлабочување гледа во областите што го поврзуваат зачувувањето на наследството со современото творештво.
Раев при тоа ги набројува заштитата и промоцијата на материјалното и нематеријалното културно наследство, потоа книжевноста и преведувачката дејност, бидејќи вели, како писател, добро знае дека книжевноста може да ги зближи народите на многу длабоко ниво. Особен потенцијал за соработка гледа и во уметностите како во музиката, театарот, филмот и визуелните уметности, понатаму во академската соработка, дигитализацијата на музејските и архивските фондови, како и културниот туризам, и пред се, младинската соработка.
-Во тој контекст, Охрид има посебно место. Неговото природно, духовно и културно богатство заслужува уште посилна меѓународна промоција. Преку културниот туризам, Охрид може уште поуспешно да се претстави во турските држави како еден од највредните културни простори на Балканот. Најважна, сепак, е младинската соработка. Ако младите уметници, студенти и истражувачи се поврзат и создаваат заедно, нашите односи ќе имаат сигурна иднина, вели Раев кој престојуваше во прва официјална посета на земјава.
Делегацијата од ТУРКСОЈ превдодена од генералниот секретар Раев за време на престојот во земјава ги посети Музејот на ВМРО, Археолошкиот музеј, Охрид, а присуствуваше и на гала концертот по повод свеченото отворање на 66. издание на „Охридско лето“ – најзначајната македонска музичко-сценска манифестација.
Ова е Ваша возвратна посета на Македонија, откако во март годинава во Анкара со министерот за култура и туризам Зоран Љутков потпишавте Меморандум за институционална соработка. Што ја прави Македонија важен партнер за ТУРКСОЈ?
– Ова е мојата прва посета на Македонија. Долго време имав желба лично да ја видам оваа земја, која е нераскинливо поврзана со името на Александар Македонски, една од највпечатливите личности во историјата на човештвото.
Особено ме импресионираше почитта што македонскиот народ ја покажува кон својата историја. Бројните споменици во Скопје сведочат дека оваа земја ги цени своите историски личности и се гордее со своето минато. Тоа е израз на љубов кон татковината, сопствените корени и историската меморија.
Северна Македонија е важен партнер за ТУРКСОЈ и поради својата повеќејазична, повеќеверска и мултикултурна структура. Македонците, Турците, Албанците и другите народи живеат заедно, споделувајќи ист простор и заедничка иднина. Ова е жив пример за тоа како различни јазици, вери и култури можат да опстојуваат со меѓусебна почит.
Вистинската вредност на таквиот соживот е во зачувувањето на културниот идентитет на секој народ и неговото пренесување на идните генерации. Културната разновидност не треба да се гледа како разлика што разделува, туку како богатство што го зајакнува општеството.
Како писател, чувствувам и посебна духовна врска со оваа земја. Во мојот роман „Tımarhane“ се осврнувам и на големите историски личности и цивилизациски теми, меѓу кои и на Александар Македонски.
Меморандумот што во март го потпишавме со министерот Зоран Љутков не е само формален документ. Тој е израз на нашата заедничка волја да го зајакнеме културното зближување, да го поддржиме зачувувањето на културното наследство и да создадеме нови можности за уметничко творештво.
Веруваме дека културата е најсилниот мост меѓу народите. Токму затоа Македонија е важен и долгорочен партнер за ТУРКСОЈ.
Дали има некои претстојни проекти или настани што ја вклучуваат Македонија, а кои можете да ги споделите со нас?
– Соработката меѓу ТУРКСОЈ и Македонија има долга и конкретна историја.
Фолклорни и музички ансамбли од земјата учествуваа на свечените отворања на културните престолнини во Ескишехир, Мерв, Туркестан, Кастамону и Ош. Во 2017 година, Младинскиот камерен оркестар на ТУРКСОЈ одржа концерти во Скопје и во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Во 2019 година, во соработка со Здружението на пијанисти и музички педагози од Битола, организиравме мастер клас по пијано и концерт со туркменистанскиот пијанист и диригент Рустам Рахмедов.
На средбите на сликарите на ТУРКСОЈ учествуваа уметници од Македонија, меѓу кои Газанфер Бајрам, Алпај Реџеп, Хакан Карабатак, Зухал Неби Мумин, Ангелина Китановска, Емел Махмут, Ебру Селман и Ферди Булут. Во 2023 година, во Анкара организиравме и изложба на нивните дела.
Исто така, го поддржуваме фестивалот „Хидирлез“ во Чалаклиа, Валандово, како важен пример за зачувување на нематеријалното културно наследство.
Меморандумот што го потпишавме со министерот Зоран Љутков ќе ни овозможи оваа соработка да стане уште поредовна и поинституционална. Во следниот период планираме повеќе заеднички концерти, изложби, книжевни проекти, научни средби и програми за млади.
Кои области на соработка имаат најголем потенцијал за иден развој, имајќи ги предвид целите на Вашата организација?
-Најголем потенцијал гледаме во областите што го поврзуваат зачувувањето на наследството со современото творештво.
Првата област е заштитата и промоцијата на материјалното и нематеријалното културно наследство. Македонија има богато наследство во архитектурата, археологијата, музиката, традиционалната облека, занаетчиството, книжевноста и обичаите.
Втората област е книжевноста и преведувачката дејност. Како писател, добро знам дека книжевноста може да ги зближи народите на многу длабоко ниво. Затоа сакаме делата на авторите од Македонија да се преведуваат и претставуваат во турските држави, а книжевноста од нашите земји да биде подостапна и тука.
Третата област е уметничката соработка во музиката, театарот, филмот и визуелните уметности. Заедничките продукции, фестивалските настапи и уметничките резиденции можат да создадат трајни врски меѓу институциите и уметниците.
Голем потенцијал имаат и академската соработка, дигитализацијата на музејските и архивските фондови, како и културниот туризам. Во тој контекст, Охрид има посебно место. Неговото природно, духовно и културно богатство заслужува уште посилна меѓународна промоција. Преку културниот туризам, Охрид може уште поуспешно да се претстави во турските држави како еден од највредните културни простори на Балканот.
Најважна, сепак, е младинската соработка. Ако младите уметници, студенти и истражувачи се поврзат и создаваат заедно, нашите односи ќе имаат сигурна иднина.
Какви можности нуди ТУРКСОЈ за млади уметници, студенти и истражувачи од Македонија?
-Младите се еден од главните приоритети на ТУРКСОЈ. Ние сакаме тие да бидат не само публика, туку активни учесници и творци.
Еден од нашите значајни проекти е Фестивалот на студентски театри, кој ги собира студентите од драмските академии и универзитетите. Таму тие ги претставуваат своите претстави, учествуваат на мастер класови и воспоставуваат професионални контакти.
Организираме и средби на млади поети и писатели, каде што младите автори ги читаат своите дела, разговараат за преводот и се запознаваат со книжевните традиции на другите земји.
За младите сликари, фотографи и музичари постојат уметнички средби, изложби, оркестарски проекти, концерти и мајсторски класови. Младите истражувачи можат да учествуваат на научни конференции, турколошки собири и проекти посветени на културното наследство.
ТУРКСОЈ нуди и можност младите да се запознаат со работата на една меѓународна културна организација. За студентите што сакаат да работат во областа на културата, меѓународните односи, преведувањето, протоколот, комуникациите и културната дипломатија, практикантската работа може да биде значајно професионално искуство.
Нашата цел е, во соработка со Министерството, универзитетите и културните институции, овие можности да станат уште подостапни и за младите од Македонија.
Колку е важна примената на современите дигитални технологии во промоцијата на културното наследство?
-Во современиот свет дигиталните технологии се развиваат со исклучително брзо темпо и ние мора максимално да ги искористиме нивните можности за промоција на богатото културно наследство на нашите народи.
Тие не треба да им служат само на технолошките процеси, туку и на зачувувањето, проучувањето и пренесувањето на културното наследство на идните генерации.
Особено значење ѝ придаваме на дигитализацијата на музејските колекции, библиотечните фондови, архивите, ракописите, фотографиите, филмовите, музичките записи и објектите на материјалното и нематеријалното наследство.
На тој начин културните вредности стануваат подостапни за истражувачите, младите и светската јавност. Дигиталните архиви, виртуелните музеи и интерактивните изложби овозможуваат наследството да се зачува и пошироко да се претстави.
Во исто време, многу е важно дигиталниот развој да се одвива одговорно. Не е случајно што и УНЕСКО денес посветува големо внимание на етиката на вештачката интелигенција и на меѓународната размена на искуства во оваа област. Тоа покажува дека современите технологии треба да се применуваат внимателно, во служба на човекот, културата и општото добро.
Уверен сум дека современите технологии треба да станат нераскинлив дел од културната сфера. Во таа насока, особено се важни размената на искуства, заедничките проекти и примената на добрите практики во дигитализацијата.
За ТУРКСОЈ, ова е едно од важните подрачја на идната соработка.
Вашата меѓународна организација постои повеќе од 30 години. Кои проекти би ги издвоиле од досегашната работа на организацијата и кои се целите во следните пет години? Дали имате во план некој голем проект?
-ТУРКСОЈ повеќе од три децении работи на зачувување и меѓународна промоција на културата на турските народи.
Еден од нашите најзначајни проекти е „Културна престолнина на Турскиот свет“. Секоја година еден град станува центар на културни, уметнички, научни и туристички активности. Овој проект придонесува за меѓународната видливост на градовите, развојот на културниот туризам и поддршката на локалните уметници.
Многу значајни се и годините посветени на големите личности на културата и книжевноста, како Чингиз Ајтматов, Абај Кунанбај, Махтумкули Фраги, Јунус Емре, Зиjа Гокалп и Мехмет Акиф Ерсој.
Нашите средби на сликари, фотографи, поети, писатели, композитори и млади создадоа широка мрежа на културна соработка. Посебно место имаат и концертите, театарските фестивали, изложбите, научните конференции и издавачката дејност.
Во следните пет години сакаме да ја зајакнеме институционалната структура на ТУРКСОЈ и да ја прошириме соработката со Балканот и со другите партнерски региони
Еден од значајните идни проекти е заедничката музејска картичка, која треба да им овозможи на граѓаните полесен пристап до музеите и културните установи во различни турски држави. Тоа ќе придонесе и за развојот на културниот туризам.
Друга важна област е заедничката турска азбука заснована врз латиницата. Нејзината цел не е да ги замени националните азбуки, туку да ја олесни комуникацијата, преведувањето и меѓусебното читање.
Планираме и создавање голема дигитална културна платформа, на која ќе бидат обединети книжевни дела, музички архиви, музејски предмети, фотографии, филмови и научни публикации.
Ќе продолжиме да ги развиваме младинската мобилност, практикантските програми, уметничките резиденции и заедничките театарски, музички и филмски продукции.
Нашата цел е ТУРКСОЈ да биде не само организација што организира настани, туку силен центар на културната дипломатија, истражувањето, дигитализацијата и младинската соработка.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Султан Раев, генерален секретар на ТУРКСОЈ за…
-Ме импресионира почитта што македонскиот народ ја…
(Видео) Петер Маѓар по самитот на НАТО…
Унгарскиот премиер Петер Маѓар по самитот на…
Германија финансира набавка на 50 илјади борбени…
Германија финансира набавка на 50 илјади офанзивни…
Барот кој се запали во Бангкок последно…
Градските власти споделија повеќе детали за мерките…
Еди Рама: Нема да даваме пасоши на…
Доколку Албанија стане членка на Европската Унија…