Сè што треба да знаете за летното сметање на времето

t

Во два часот по полноќ со поместување на стрелките за еден час нанапред почнува летното сметање на времето. Тоа значи дека времето во 02 часот ќе се смета како 03 часот.

Летното сметање на времето завршува на 29 октомври во 03 часот, така што со поместување за еден час наназад, времето во 03 часот се смета како 02 часот.

Летното или уште се нарекува мандатно, договорно или указно време претставува административно поместување на службеното време, заради економска заштеда, политички, безбедносни, спортско-рекреативни, здравствени или други причини. Тоа значи дека поместувањето на времето не е последица на некоја природна појава, туку е административен указ.

Луѓето секогаш барале начин максимално и најдобро да го искористат долгиот летен ден за своите активности. Така, во античко време, особено во Римската империја, 12-те часови на денот, во зима траеле пократко, околу 45 минути, во лето подолго, околу 75 минути. Ваквиот систем на нееднакви часови во некои делови на Европа се задржал и во Среден Век. Во овој период, се до 19-тиот век во употреба е т.н. локално време, односно секое место или помала област си имале свое посебно месно време. Но со развојот на индустријата, сообраќајот, трговијата и др., кон крајот на 19-тиот век, непрактичното локално време се заменува со т.н. зонско време, со кое Земјата е поделена на 24 временски зони. Почетната или нултата зона е Гриничката или западноевропската, на исток е првата или средноевропската (во која е и нашата држава), потоа е втората или источноевропската (во Грција, Бугарија), по неа е московската зона итн. Во секоја следна зона, од запад кон исток, времето се поместува за еден час, за да одговара со реалната состојба на дневната светлина или на ноќта.

Истовремено кога почнало да се размислува за користење на зонското време, доаѓаат и првите размислувања за тоа како оптимално да се искористи подолгата дневна светлина во летниот период. Уште Бенџамин Френклин, во 1784 година за време на својот престој во Париз, во една статија напишал како парижаните оптимално си го користат летното време, станувајќи и легнувајќи порано, со што помалку се трошеле свеќите за осветлување. Повеќе од 100 години подоцна, познатиот Лондонски градежник Вилијам Вајлет, интересно забележал дека жителите на Лондон бескорисно го губат утринскиот најубав период на денот во спиење. Тој во 1907 година предложил поместување на времето во текот на летото. Сепак, прва држава која вовела летно поместување на времето врз концептот на Вајлет била Германија и тоа за време на Првата Светска војна, од 30 април 1916 година. Веднаш по неа, овој концепт го прифатила Британија, следната година Русија, потоа 1918 година САД, а подоцна и други држави. До сега, значителен број на држави (околу 70) го вовеле летното сметање на времето, некои го укинале, а уште поголем број на држави, особено во Африка и во Азија и воопшто не го користеле. Денес околу 2 милијарди луѓе користат летно време а околу 4 милијарди не го користат. Државите во екваторскиот или тропскиот појас, воопшто немаат ниту потреба од летно време, бидејќи таму траењето на денот и ноќта е доста воедначено во текот на годината, од по околу 12 часа.

Инаку, летното сметање на времето кај нас е воведено со прописите на поранешна Југославија во 1983 година. На почетокот, летното време траело од последната недела на Март до последната недела на Септември, а од 1996 година е поместено да трае до последната недела на Октомври. Во Република Македонија не се вршени детални истражувања за влијанието на летното време врз животот на луѓето. Сепак, според нашите согледувања, со оглед на географската положба тоа има позитивен ефект, бидејќи оптимално се искористуваат утринските, послабо осончани и постудени часови за сметка на попладневните посончани и потопли часови, кои се користат за слободни рекреативно-забавни активности. Овој ефект е изразен и врз здравјето и позитивното расположение.

Според тоа, во недела ќе спиеме еден час помалку, но затоа пак ќе уживаме во долгите попладневни сончеви часови, се до повторното преминување на зимското време.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

МВР: Пет лица фотографирале гласачко ливче на…

Од МВР информираат дека фотографирање гласачко ливче,…

НАЈНОВА ВЕСТ: Гласањето е прекинато на ова…

Гласањето во избирачкото место 1112/1 во Липковo…

Фон дер Лајен вели: Западниот Балкан е…

На 1 мај 2004 година мојот претходник…

Кулеба ги пофали американските политичари за одобрувањето…

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро…

Тетовец измамен, платил преку интернет 21 илјада…

СВР Тетово информира дека жител на тетовскиот…