Објавено на:

Таткото на Меган Маркл е пуштен во домашен притвор по апсењето за детска порнографија

t

Томас Маркл постариот синоќа се појави пред федералниот суд во Флорида, откако беше уапсен под сомнение за поседување материјали со детска порнографија. Таткото на Меган Маркл подоцна беше пуштен на слобода со обврска за електронски надзор и престој во домашен притвор.

Осумдесет и двегодишниот Томас беше уапсен врз основа на федерално обвинение за поседување недолични фотографии од деца, соопшти американското Министерство за правда, пренесува Би-би-си.

За време на 30-минутното сослушување во Тампа, Маркл не се изјасни за вината, а датумот на следното рочиште во Калифорнија ќе биде одреден дополнително. Маркл беше внесен во судницата во инвалидска количка, во придружба на двајца американски судски службеници.

Според информациите на американските медиуми тој беше пуштен без плаќање парична кауција, под услов да носи електронска нараквица и да остане во домот за стари лица во Флорида, каде што престојува.

ФБИ претходно, постапувајќи по судски налог, изврши претрес во два магацина во областа на Лос Анџелес, кои Маркл ги изнајмувал од 2008 година.

Агентите запленија околу 78 предмети, меѓу кои фотографски негативи, дијапозитиви и книги за кои се сомневаат дека содржат материјали што прикажуваат сексуална злоупотреба на деца. Според наводите на ФБИ, сведоци го идентификувале Маркл на две фотографии за кои се верува дека прикажуваат сексуална злоупотреба на деца.

Директорот на ФБИ, Кеш Пател, изјави дека властите реагирале брзо и порача дека агенцијата ќе ги искористи сите расположливи ресурси за заштита на децата.

Маркл претходно ги негираше обвиненијата за поседување такви материјали, нарекувајќи ги „болни лаги“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ