ТИТО БЕЛИЧАНЕЦ ВОЗНЕМИРЕН, БИЛ НАВРЕДЕН ОД АДНАН ЏАФЕРОВСКИ: Нови кавги во СДСМ
Професорот Тито Беличанец, поранешен потпретседател на преодната влада во периодот 1989–1991 година, преку јавна објава остро им одговори на функционерот на СДСМ Аднан Џаферовски и на други членови на партијата кои го обвинија дека е „поткупен“ за да ги брани актуелното раководство и политиките на СДСМ.
Во својата реакција, Беличанец наведува дека таквите обвинувања се најголемата навреда што ја добил од човек од СДСМ, но нагласува дека партијата ја следи уште од нејзините почетоци и дека почнал активно да ја поддржува со доаѓањето на Зоран Заев.
– СДСМ го следам од почетокот. До доаѓањето на Заев, партијата луташе во идеолошка и организациона магла и не донесе една државничка одлука. Дури и кога немаше опозиција, ѝ ја предадовте власта на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски да владее 12 години – наведува Беличанец.
Тој оценува дека токму Заев ја претворил СДСМ во државотворна партија, носејќи, како што наведува, најтешки државнички одлуки и компромиси. Според него, наместо да добие поддршка, Заев бил тргнат од партијата, што довело до подоцнежните поделби и слабеење на СДСМ.
Во објавата, Беличанец ги критикува и поранешните партиски функционери, оценувајќи дека наместо да помогнат во консолидацијата на партијата под водство на Венко Филипче, започнале да бараат нови реформи и идеолошки платформи.
Тој смета дека дел од нив со своите лични амбиции ја ослабнале партијата и за време на локалните избори.
Беличанец се осврнува и на критиките дека СДСМ води премногу агресивна кампања околу внесувањето на Бугарите во Уставот. Според него, кампањата е дури и недоволно силна и треба уште поотворено да се бара политичка одговорност од премиерот Христијан Мицкоски.
– Јас имам 80 години и немам претензии за функции или било што, но сакам моите внуци и сите други внуци да бидат граѓани на ЕУ – наведува Беличанец.
На крајот од објавата, Беличанец признава дека можеби бил престрог во своите оценки, но додава дека бил испровоциран од ставовите на своите критичари. Воедно, ги потсетува дека Статутот на СДСМ се менува на конгрес, на кој тие самите учествувале, но не предложиле измени.
Објавата на Беличанец доаѓа во период кога во СДСМ се водат внатрепартиски дебати околу идниот политички курс, евроинтеграциите и стратегијата на партијата, пренесува Експрес.мк.
Цела објава
ЈАВНА ОБЈАВА КОН АДНАН ЏАФЕРОВСКИ И ДРУГИТЕ СДСМОВЦИ КОИ СМЕТААТ ДЕКА СЕ „ЗИМЗЕЛЕНИ“ КОИ МИ УПАТИЈА НАВРЕДА ДЕКА СУМ ПОТКУПЕН ЗА ДА ЈА БРАНАМ АКТИВНОСТА НА АКТУЕЛНОТО РАКОВОДСТВО НА СДСМ ЗА ВЛЕЗ НА ЗЕМЈАТА ВО ЕУ!
Поголема навреда од СДСМОВЕЦ не сум добил. Благодарам.
СДСМ го следам од почеток зошто учествував во преодниот период во периодот 1989/1991 како потпретседател на ИС/Влада. До доаѓањето на Заев СДСМ луташе во идеолошка и организациона магла и не донесе една државничка одлука , дури кога и немаше опозиција зошто ВМРО ДПМНЕ го бојкотираше Собранието. Затоа му ја предадовте власта на ВМРО ДПМНЕ на чело со Груевски да владее 12 години.
Дури со Заев почна историјата на социјалдемократската партија како државотворна партија. Од тогаш почнав да го подржувам СДСМ. Посебно Заев кој ги донесе најтешките државотворни одлуки со сериозни компромиси кои беа изнудени заради тоа што Вие кои го водевте СДСМ до 2017 година не донесовте ниедна. И што е најтрагично дозволивте да го тргнете и Заев, наместо да го подржите да ја избори битката до крај. Потоа следеше дебакалот и поделба на партијата и доведување во најтешката состојба кога како како лидер ја презеде Филипче кој храбро се избори за значајна консолидација. И наместо старите кадрови кои ја сносите вината за состојбата во која се најде СДСМ да му помогнете почнавте еден по еден да се јавувате и да барате „реформи“ и нови идеолошки платформи.
Го блокиравте СДСМ во текот на локалните избори со бројни подтови и амбиции за враќање на фунции.
Го слушам Петров ќе правел реформиран „СДСМ во сенка“ како подршка на СДСМ. Го напаѓа Филипче и пропагандата на СДСМ дека била премногу агресивна зошто барала од Мицковски да ги внесе Бугарите во уставот за да почнат преговорите за влез во ЕУ. По мене сеуште недоволно е активна и агресивна. Од Мицкоски треба да се побара одговорност и оставка со масовни мирни демонстрации зошто не само што не го исполни ветувањето дека ќе ги поништи „предавничките“ одлуки на СДСМ туку подолго од две години не нуди решение и земјата тапка во место за влез во ЕУ.
Јас имам 80 години и немав и немам претензии за функции или било што но сакам моите внуки и внуци и сите други внуци да бидат граѓани на ЕУ!
Толку од мене. Можеби заради лутината бев престрог кон Вас но ме провоциравте со некои Ваши ставови. А дел сте од кадрите пред Заев кои ја водеа СДСМ!
А статутот се менува на конгрес. На многу конгреси бевте учесник и можевте да го измените за да не биде „најобична чорба“!.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Растат тензиите околу Ормутскиот теснец, САД и…
Во рок од неколку часа од новите…
ТИТО БЕЛИЧАНЕЦ ВОЗНЕМИРЕН, БИЛ НАВРЕДЕН ОД АДНАН…
Професорот Тито Беличанец, поранешен потпретседател на преодната…
(Видео) Трагедија во Бангкок: Пожар во преполн…
Најмалку 27 лица загинаа, а повеќе од…
Мотоциклистот е повреден, увидот трае – МВР…
Мотоциклистот во кој утрово удри автобус кај…
САД и Иран во жесток судир, нова…
Тензиите меѓу САД и Иран дополнително ескалираа…