Топлотни бранови во Европа: Нуклеарни централи без вода за ладење
Производството на електрична енергија во нуклеарните централи е намалено или суспендирано во неколку европски земји, пишува Дојче Веле. Причината е нискиот водостој на реките поради сушата и топлотните бранови, а како последица на тоа и недостатокот на вода за ладење. Нуклеарни централи во Унгарија и Романија се затворени – како и реактори во Франција.
Нуклеарната централа Чернавода на Дунав има два реакторски блока и е единствениот нуклеарен објект во Романија. Првиот реактор е исклучен пред неколку дена, а вториот сега. Операторот на електраната, Нуклеарелектика, како причина ги наведе „тешките сушни услови“. Таа атомска централа обично задоволува една петтина од електричната енергија што ѝ е потребна на Романија.
Унгарија се плаши од недостиг на електрична енергија
Ова е прв пат двата блока да мора да бидат исклучени поради ниското ниво на водата на Дунав. Реката достигна рекордно ниски нивоа во некои делови од мај поради недостаток на врнежи од дожд и последователни топлотни бранови. Според извештаите, нивото на водата се намалило на само една третина од просекот во јули.
Нуклеарната централа Пакш, чии четири реактори се клучни за снабдувањето со електрична енергија на Унгарија, исто така, се наоѓа на Дунав. Сите четири реакторски единици ќе бидат затворени во фази, најави премиерот Петер Маѓар. Еден реактор веќе е нефункционален поради недостаток на вода за ладење од Дунав, а преостанатите три треба да бидат исклучени во следните 24 до 72 часа.
Во Србија засега е стабилно, но се повикува на штедење
Недостатокот во снабдувањето со електрична енергија може да се појави уште денеска, додаде унгарскиот премиер Маѓар. Земјата сега ги користи резервите и организира увоз. Премиерот ги повика Унгарците да штедат електрична енергија.
Ситуацијата во Србија засега е стабилна, но властите апелираат за заштеди. Министерката за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, изјави за јавниот сервис на РТС дека ситуацијата останува предизвикувачка кога станува збор за нивото на водата во Дунав и наведе дека во текот на мај, јуни и јули, на Ѓердап е забележано најниско производство откако хидроцентралата е пуштена во употреба.
Австриските хидроцентрали работат со намален капацитет
Причината за недостигот во регионот е недостатокот на врнежи, но и намалувањето на количината на вода од топењето на глечерите. Нивото на водата е, исто така, критично ниско во речиси сите притоки на Дунав во Горна Австрија. Хидроцентралите во земјата – која нема нуклеарни централи – ги чувствува последиците.
Австрија има повеќе од 4.000 мали хидроцентрали, но многу од нив моментално работат со намален капацитет (до 50 проценти) или се целосно затворени.
Франција ги исклучува реакторите
Нуклеарните централи се соочуваат со проблеми со водата за ладење и во многу други земји. Франција, земја која во голема мера се потпира на нуклеарната енергија, е особено погодена.
Минатата среда, еден од двата реактори во електраната Голфех, која се наоѓа околу сто километри северно од Тулуз, беше затворен. Енергетската компанија EДФ претходно го затвори реакторот од 23 јуни до 3 јули, а потоа повторно од 9 до 27 јули за да се избегне натамошно загревање на водите на реката Гарона.
Засегнат е речниот сообраќај
Ниските нивоа на водата влијаат и на бродскиот сообраќај, бидејќи плитката вода го ограничува товарот на бродовите. И крстарењата по Дунав од Пасау до Виена се скратени. Австрискиот оператор на водни патишта предупредува на својата веб-страница за областите со особено плитка вода.
Минатата недела, крузер со речиси 240 луѓе се насука на песочна рид во близина на Четата, романско пристаниште на Дунав. Сите патници безбедно заминаа.
Водостојот на Рајна никогаш не била понизок
И реката Рајна достигнува историски ниски нивоа на водата на некои места. Според прогнозите на Германската сојузна администрација за водни патишта, нивото на водата на најкритичната точка на реката, во близина на Кауб, веројатно ќе падне на рекордно ниско ниво од 18 сантиметри во петок. Претходниот рекорд за најнизок дневен просек беше 25 сантиметри во октомври 2018 година.
Рајна е еден од најважните водни патишта во Европа и се користи за транспорт на стоки како што се житарки, минерали, руди, јаглен и нафтени деривати.
„Ниските нивоа на водата на Рајна и многу други реки во моментов сериозно го попречуваат товарниот сообраќај“, изјави за новинската агенција Ројтерс Дирк Биндинг, експерт во Здружението на германски стопански комори.
Во периоди на низок водостој, бродовите можат да превезуваат само дел од нивниот вообичаен товар. „Ова води до тесни грла, зголемување на трошоците за транспорт и подолго време на испорака“, нагласува Биндинг.
Како резултат на тоа, забавени се синџирите на снабдување во клучните индустрии – хемиска, челична и нафтена. Ова има последици за целата германска економија.
„Доколку сушниот период продолжи, тоа би претставувало дополнителен товар за веќе сериозно разнишаната германска економија“, предупреди експертот на Здружението на германски стопански комори.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Топлотни бранови во Европа: Нуклеарни централи без…
Производството на електрична енергија во нуклеарните централи…
Полицијата трага по жена од Словенија: Влегла…
Полицијата трага по 73-годишна државјанка на Словенија,…
Се превртел четирицикл кај Ресен, тешко повредени…
Две лица, меѓу кои и 9-годишно дете,…
Ограбена црква во кривопаланечко: Однесени пари и…
Вчера во 07:54 часот во ОВР Крива…
Уапсен полицаец од Ресен, нападнал жена со…
Денеска (03.08.2026) во 04:00 часот во Стар…