Трамп: Го победивме Иран, но сакаме целосна победа
Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска прогласи победа на Соединетите Американски Држави во војната против Иран, која трае повеќе од осум месеци. За време на говорот по повод Денот на ветераните на Националните гробишта Арлингтон во Вирџинија, тој порача дека американската војска веќе победила и дека Вашингтон може да одлучи кога ќе заврши конфликтот, пишува „Тајмс оф Израел“.
„Возвративме, и тоа жестоко, и победивме. Прашање е само кога сакаме да ја завршиме војната“, изјави Трамп.
Сепак, американскиот претседател не објави крај на воените операции ниту повлекување на американските сили од регионот. Тој нагласи дека не сака да ја запре војната пред САД да ги остварат сите свои цели.
Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави не ја започнале војната со Иран, туку дека Техеран со децении води непријателска политика кон Вашингтон.
„Америка не ја започна војната со Иран. Иран води војна против Америка од 1979 година“, рече Трамп.
„Сакаме да бидеме сигурни дека сме оствариле целосна победа, а не победа од 93 проценти. Ќе биде целосна“, порача американскиот претседател.
Трамп, исто така, тврдеше дека на Иран ќе му бидат потребни 25 години за да го обнови она што го уништиле американските сили. Тој изрази надеж дека нема да бидат потребни дополнителни разурнувања и го повтори тврдењето дека американските бомбардери Б-2 го спречиле Иран да дојде до нуклеарно оружје.
Американскиот претседател во говорот ги спомена и загинатите американски војници. Тој изјави дека во конфликтот загинале 18 лица, а потоа повторно најави дека војната наскоро ќе заврши.
„Изгубивме 18 прекрасни луѓе, но кога овој конфликт ќе заврши, а наскоро ќе заврши, целиот свет ќе биде многу побезбедно и помирно место“, рече Трамп.
Неговата изјава доаѓа по повеќемесечните најави за брзо завршување на војната. Трамп уште во април тврдеше дека конфликтот наскоро ќе заврши, а во текот на летото во повеќе наврати изјавуваше дека Иран е воено поразен.
И во неделата, на 8 ноември, прогласи американска победа, велејќи дека останува само формално да се заврши конфликтот. Еден ден подоцна, по разговорот со катарскиот премиер, изјави дека Иран практично е воено поразен и дека постои добра можност за постигнување договор.
И покрај изјавите на Трамп за победа, американската поморска блокада на Иран и натаму трае. Вашингтон одржува силно воено присуство во регионот, а американските сили продолжуваат со мерките насочени кон ограничување на иранската трговија и приходи.
Трамп во понеделникот изјави дека во моментов не гледа потреба од нови големи воени напади, но дека американските сили се подготвени да реагираат доколку околностите се променат.
Американскиот државен секретар Марко Рубио истовремено порача дека преговорите со Техеран засега не донеле напредок.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи ја отфрли можноста војната да заврши исклучиво со воена сила или со заострување на санкциите. Тој порача дека Вашингтон мора да ги прифати иранските услови и да пристапи кон преговорите со почит.
Војната започна на 28 февруари со американските и израелските напади врз Иран. Конфликтот предизвика големи нарушувања во снабдувањето со нафта, раст на цените на енергенсите и политичко незадоволство во САД, каде што републиканците минатата недела го загубија мнозинството во двата дома на Конгресот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Трамп: Го победивме Иран, но сакаме целосна…
Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска прогласи победа…
Нетанјаху: Влада на национално единство сè уште…
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека…
Савески до пратениците: Во овој момент не…
Државниот јавен обвинител Ненад Савески, кој беше…
Мицкоски: Цените на енергенсите во Европа се…
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју…
Москва предлага пакт со НАТО
Русија би можела да склучи пактови за…