Трајко Славески за лошите резултати на учениците: Не им оди учењето, но им нема рамни за забава
Во објава на социјалните мрежи, актуалниот гувернер на Народната банка и долгогодишен универзитетски професор, Трајко Славески, ги коментираше лошите резултати на македонските ученици на ПИСА-тестирањата, кои покажаа дека тие се далеку под светскиот просек во многу категории.
Славески вели дека на учениците односно младите „им нема рамни за забава“, а тоа, се чини, се однесува на вчерашниот настан на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје и настапот на францускиот диџеј Дејвид Гета за 35 години независност на Македонија, кој беше посетен од илјадници млади луѓе. Таа паралела не е најјасна од необичниот пост на гувернерот на НБРСМ.
„Не може за сѐ да нѐ бидува: ако мнозинството наши ученици имаат проблем да го разберат прочитаното, не им “оди” математиката а природните науки се “шпанско село” за две третини од нив, сепак им нема рамни за забава!“, вели Славески во саркастичната објава.