Објавено на:

Три години од смртта на Кирил Ценевски, еден од најголемите и најзначајните режисери во историјата на македонската кинематографија

t

Во петок, на 17 јуни, се навршуваат три години од смртта на еден од најголемите и најзначајните режисери во историјата на македонската кинематографија – Кирил Ценевски. Таквиот статус го стекнува, пред сѐ, со своите играни филмови „Црно семе“, „Јад“, „Оловна бригада“ и „Јазол“, но и со серијата документарни филмови посветени на добитниците на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата.

Ценевски е роден во екот на Втората светска војна, на 28 јануари 1943 година, во Крива Паланка. По завршувањето на гимназијата, студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје и паралелно се занимавал со киноаматеризам, што претставувало негово вистинско филмско училиште.

Првпат на игран филм професионално е ангажиран во „Вардар филм“ – Скопје, како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот „Цената на градот“, од 1970 година, а веќе следната 1971 година Ценевски го режира дебитантскиот филм „Црно семе“, неговото најпознато остварување и без сомнение еден од најзначајните филмови во историјата на македонската кинематографија воопшто. За „Црно семе“, филм што ја раскажува приказната за македонските заточеници на пуст грчки остров за време на Граѓанската војна во Грција, Ценевски добива повеќе награди на најзначајните фестивали во тогашна Југославија, а „Црно семе“ е и прв македонски игран филм повеќекратно наградуван на интернационални филмски фестивали: „Златна арена“ за режија на најзначајниот југословенски фестивалот во таа епоха – Пулскиот филмски фестивал; „Златен венец“ за најдобар режисер дебитант, исто така во Пула; „Жар птица“ за најдобар режисер дебитант на фестивалот во Москва; „Златен Лачено“ за режија во Авелино; македонската републичка награда „11 Октомври“, а бил и југословенски кандидат за „Оскар“ во 1972 година.

Големиот руски филмолог, Мирон Черњенко, автор на студијата „Македонскиот филм“ (Кинотека на Македонија, 1997), на следниов начин ја обележува појавата на Ценевски и на „Црно семе“ на филмската сцена во Македонија: „Во 1971 година на екраните ќе се појави едно од најзначајните филмски остварувања во македонскиот филм за целата негова историја на постоење, вклучувајќи го и денов денешен. Тоа е првиот обид, овенчан со апсолутен успех, да се завладее жанрот на античката трагедија врз материјал речиси современ, тоа е филмот со зачудувачки заокружен стил, расположба, аскетизам на режијата и на актерската игра. Збор е за филмскиот првенец на Кирил Ценевски, ‘Црно семе’, кој на прв поглед како да е уште еден филм за логорска тема, што одамна му беше позната на југословенскиот филмски творец, а мошне добро му е позната и на филмот во светот, како еден од најуспешните модели за истражувања на естетските, психолошките, идеолошките мотиви на човековото поведение во крајни, гранични ситуации – да го споменеме погодниот термин на егзистенцијалистите – пред лицето на неминовната смрт во затворен простор, меѓу слични на себе затвореници, кои ги преживуваат истите маки и страдања, истите внатрешни конфликти“.

По извонредниот успех на „Црно семе“, четири години подоцна, во 1975 година, повторно во продукција на „Вардар филм”, следува уште едно врвно остварување на Ценевски, кој воедно е и сценарист на филмот, филмскиот спектакл „Јад“, досега единствениот македонски филм со средновековна тематика, за кој добива „Специјална награда“ во Карлови Вари. Се работи за двочасовна историска фреска која сосема ги отсликува контроверзиите на своето време и е обременета со истите стереотипи од кои боледува и историската наука на епохата. Иако филмот е оценет како „најграндиозен потфат во македонскиот филм” (Черњенко) и според темата, „единствен и во македонската па и во тогашната глобална југословенска кинематографија “ (Мирослав Чепинчиќ), сепак, „Јад“ не успева да ги избегне клишеата што му ги наметнува тогаш доминантната општествена матрица, која се обидува средновековните еретици – богомилите, да ги претстави како борци за слобода, своевидни средновековни „пролетери“, а официјалната црква како завојувачка окупациска сила во служба на Византија. Тоа го констатира и споменатиот филмолог Мирон Черњенко, според кого „Јад“ излегол претежок за силите на режисерот: „Комплицираната, замрсената многуфигурната композиција напросто му испаѓа од раце, фабулата му се измолкнува, и се одвива сама по себе, се губи во информацискиот шум, во вметнатите епизоди, во отсуството на елементарни логички врски меѓу нив. (…) Затоа е толку тешко да се прераскаже фабулата, во која трагичните ситуации, просто една по една, се редат без да ја зголемуваат драматичноста на настаните, и едноставно се згрвалуваат во некаков стихиен, произволен редослед”. За таквата ситуација веројатно делумно е одговорен и продуцентот „Вардар филм“, на чие инстистирање се исфрлени повеќе сцени од оригиналната, тричасовна режисерска верзија на филмот.

После „Јад“, Ценевски се врти кон документарниот филм и по сценарио на поетот Анте Поповски, кој во тој период застанува на чело на „Вардар филм“, реализира серија портрети на венцоносците на Струшките вечери на поезијата.

Филмот „Леополд Седар Сенгор“ е реализиран во 1975 година и претставува портрет на африканскиот државник и поет нобеловец, претседател на Република Сенегал – Леополд Седар Сенгор. Филмот е снимен во Сенегал, во главниот град Дакар и на бреговите на Атланскиот Океан, а разговорот со Сенгор во неговата резиденција го води поетот и дипломат Ацо Шопов, во тоа време југословенски амбасадор во Сенегал.

Филмот „Еугенио Монтале“, е реализиран во 1976 година и вообичаено, го портретира венцоносецот, овој пат големиот италијански поет, исто така нобеловецот Еугенио Монтале. Снимен е во Џенова, родниот град на поетот, но и во Милано и Струга. Истата година го реализира и филмот „Фазил Хисни Дагларџа“, посветен на големиот турски поет.

По овие три филма следува филмот „Џафра“, нова соработка меѓу Поповски и Ценевски, дваесетминутен документарец во боја реализиран во 1978 година во Либан, поточно во бегалскиот камп Тал Ел Затр близу до Бејрут, каде што Либанскиот фронт, за време на граѓанската војна во земјата, извршил невиден масакр над палестинските бегалци меѓу кои биле инфилтрирани и многумина борци, припадници на Палестинската ослободителна организација – ПЛО. Филмот е реализиран од искажувања на неколку млади Палестинки што го преживеале масакрот како и од архивски снимки од логорот и масакрот, а во филмот се појавува и тогашниот водач на Палестинската ослободителна организација – Јасер Арафат.

По „Џафра“, следуваат уште три документарни филмови-портрети на исклучително реномирани поетски имиња во светски рамки, добитници на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Првиот од нив, под наслов „Ежен Гилвик“ му е посветен на опусот на големиот француски поет, со осврт на неговата биографија. Реализиран е во 1979 година, во Париз, Охрид и Струга и исклучително успешно ја остварува својата цел – портретирање на венцоносецот Гилвик, а режисерот Ценевски со композицијата на кадрите и адекватната употреба на контрастите, како и во претходните филмови од овој поетски циклус, визуелно многу успешно кореспондира со сценаристичката предлошка на Поповски што, секако, резултира со врвно документарно остварување.

Вториот поетски портрет е реализиран истата 1979 година и му е посветен на животот и делото на еден од најголемите шпански поети Рафел Алберти. Филмот претставува поетски портрет на венцоносецот Алберти и го следи неговиот животен и творечки пат, од родното место во Андалузија – Пуерто де Санта Марија, преку учеството во Граѓанската војна во Шпанија на страната на републикаците, четиридецениското прогонство надвор од родната земја, во Буенос Аирес, Париз и Рим, триумфалното враќање во Шпанија во 1977 година, како и добивањето на „Златниот венец“ во Струга и Охрид. Поетското сценарио на Поповски, исклучителната поезија на Алберти и визуелната поезија на Ценевски, во овој филм се амалгамираат во извонредно документаристичко остварување, кое без сомнение претставува едно од најрепрезентативните дела на македонската портретна документаристика.

Последниот филм од овој поетски серијал на Ценевски и Поповски, е филмот „Мостови – Струшки вечери на поезијата“, реализиран во 1982 година. Филмот е ретроспектива на неколку години од реномираниот поетски фестивал во Струга и во него се презентираат лауреатите на „Златниот венец“. Во овој филм делумно се искористени кадри од споменатите пет филма, се разбира во комбинација со нови материјали и низ него, покрај првата постава на македонската поетска сцена, дефилираат и големите поетски имиња на венцоносците: Сенгор, Монтале, Дагларџа, Алберти, Гилвик, Енцесбергер, Окуџава, Лундквист, Евтушенко и др.

Во меѓувреме, Ценевски му се враќа и на играниот филм. Така, во 1980 година го реализира својот трет долгометражен игран филм, „Оловна бригада“, суптилна и храбра критика на бирократизираното социјалистичкото општество, преку портретирања на случувањата во рударското окно. На фестивалот во Пула филмот е награден со наградата „Првомајска“ за филм со современа тематика, а од парискиот Меѓународен комитет за дифузија на уметнички и литературни дела преку филмот (CIDALC) е награден со „Сребрен медал“.

Пет години подоцна, во 1985 година, Ценевски го реализира својот последен игран филм, „Јазол“, трагична и драматуршки комплицирана приказна за депортацијата на Евреите од Македонија во логорот на смртта Треблинка за време на Втората светска војна, со големиот српски актер од македонско потекло Лазар Ристовски во главната ролја, кој не наидува на добар одѕив кај тогашната критика, но кога ќе се погледне од денешна дистанца, филмот дефинитивно го поминува тестот на времето.

Една година порано, во 1984 година, по сопствено сценарио, Ценевски го реализира документарниот филм „Хуаскаран – Анди ’82“, репортажа за патот на првата македонска експедиција од Скопје, преку Париз, до врвовите на Андите во Перу.

Во 1987 година Ценевски го реализира и своето последно остварување, документарниот филм „Хемтекс“, пропаганден филм за истоимената скопска фабрика, по што, повеќе од три децении влегува во своевидна самоизолација и разочаран од актуелните општествено-политички и културни состојби, одбива да работи на филм.

Во 2013 година Кинотеката на Македонија на Кирил Ценевски му го додели годишното признание „Златен објектив“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, а истата година Друштвото на филмските работници на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола му ја додели нововостановената награда „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.

Во 2019 година, Кинотеката на РС Македонија објави ДВД издание со дигитално реставрираните играни филмови на Кирил Ценевски: „Црно семе“, „Јад“, „Оловна бригада“ и „Јазол“, кое, во чест на тригодишнината од смртта на еден од најголемите македонски режисери, во просториите на Кинотеката, до крајот на месецов ќе може да се купи со попуст од 50 %, односно по цена од 500 денари.

д-р Атанас Чупоски

филмолог-советник во Кинотека на РС Македонија

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Изгаснат е пожарот позади Универзална сала

Пожар избувнал денеска во куќа на улицата…

Пленковиќ: Милановиќ повеќе не постои

Премиерот на техничката влада на Хрватска, Андреј…

ЕУ одвои 68 милиони евра дополнителна хуманитарна…

Европската Унија (ЕУ) донесе одлука за одвои…

Киев: Русија ги напаѓа украинските железници за…

Русија ги засили нападите врз украинската железничка…

„Не е точно дека со ДУИ подготвуваме…

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски кажа дека…